Вакво известување испратил собранискиот спикер Талат Џафери до тројцата пратеници кои претходно денеска најавија дека ќе дејствуваат како независни во парламентот, а информираа и дека определиле координатор што ќе ја води „независната тројка“
Пратениците Изет Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи нема да може да формираат пратеничка група во Собранието ниту, пак, да определат нејзин координатор и заменик-координатори, со оглед на тоа што пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника.
Вакво известување испратил собранискиот претседател Талат Џафери до тројцата пратеници кои претходно денеска најавија дека ќе дејствуваат како независни во парламентот, а информираа и дека определиле координатор што ќе ја води „независната тројка“.

„Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, прими известување од пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику и Кастриот Реџепи дека ќе дејствуваат како независна група пратеници и во истото известување предлагаат координатор и заменик-координатор. Веднаш по добивање на известувањето, претседателот Џафери писмено ги извести дека: ‘согласно член 33 став 2 од Деловникот на Собранието, пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или наповеќе политички партии’“,
соопшти попладнево собраниската прес-служба.

Џафери, како што се посочува во собраниското соопштение, ги известил тројцата пратеници дека секој индивидуално може да достави до него писмено известување дека ќе делува како независен пратеник.
„Така што, поради горенаведеното, нема можност за понатамошно процесирање на известувањето“,
додал Џафери во известувањето до Меџити, Коџаџику и Реџепи.
Претходно денеска, пратениците од редовите на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, кои неодамна најавија формирање ново политичко движење, информираа дека од денеска и официјално ќе дејствуваат како независни во законодавниот дом. Заедно со нив, како што посочија, ќе дејствува и пратеникот Кастриот Реџепи, кој по разидувањето со Движењето Беса дејствуваше независно во парламентот, а потоа се приклучи кон пратеничката група на ДУИ во Собранието.
Тие соопштија и дека го определиле Реџепи за координатор на „независната тројка“ во Собранието, а за негова заменичка ја назначиле Мерита Коџаџику.
„Јас, Мерита Коџаџику, Изет Меџити и Кастриот Реџепи ќе делуваме како независни пратеници. Координатор на оваа група ќе биде Кастриот Реџепи, додека јас ќе бидам негова заменичка. Воедно, би сакала да ве повикам сите без исклучок да станете дел од новото движење“,
кажа пратеничката Коџаџику во видеообраќањето во кое информира за ваквата одлука, пренесе МИА.