Британската амбасадорка во Скопје, како што информираат од СДСМ, го поздравила високиот степен на транспарентност и отвореност на институциите за време на пандемијата
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска, како што соопштуваат од партијата остварил видеосредба со амбасадорката на Британија Рејчел Галовеј.
На средбата беше дискутирано за глобалната закана од пандемијата со коронавирусот, последиците од неа врз економијата, како и демократските процеси во Северна Македонија и претстојните парламентарни избори.
Заев истакнал дека сите капацитети на државата, на општеството, но и на СДСМ како одговорна партија, се ставени во заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширењето на вирусот, како највисок приоритет.
Покрај обезбедување на здравјето, додал Заев, дејствувањето на СДСМ е фокусирано и на изнаоѓање мерки и политики кои имаат за цел да ги санираат економските последици од коронавирусот и да создадат нова, брза економија, со интензивен раст за побрзо надминување на кризата.
Заев посочил дека СДСМ и преку Владата и преку институциите во кои е дел е посветен на градење силна демократија, со силни и капацитетни институции, и оттаму во ситуација кога државата е без Собрание и со преодна Влада, дополнително се наметнува потребата од одржување избори штом пандемијата спласна.
Галовеј, како што се наведува во партиското соопштение, го поздравила високиот степен на транспарентност и отвореност на институциите за време на пандемијата, како и нивната посветеност во борба со здравствените закани од коронавирусот.