Година и половина од официјалниот влез во Алијансата, сепак, НАТО е речиси целосно неискористен пазар од македонските компании. Досега само девет домашни фирми побарале и добиле одобрение да учествуваат во набавките за НАТО, а ниту една од нив не склучила договор со агенциите на Алијансата
Македонското знаме доби свое место во седиштето на НАТО во Брисел на крајот на март минатата година. Симболичниот чин го означи формалниот влез на земјава во најмоќната воено-политичка алијанса во светот.
Освен како гаранција за безбедноста на државата, влезот во НАТО беше најавуван и како шанса за економијата.

Година и половина од официјалниот влез во Алијансата, сепак, НАТО е речиси целосно неискористен пазар од македонските компании.
„Има многу работи кои треба во од да се променат и научат“
вели Владимир Анчев од Центарот за поддршка на компании при Министерството за одбрана.
Што се е потребно за пласман на пазарот на НАТО и каде се потфрла?
„Во здружувањето. Ние сме премногу мали компании за да излеземе на големите пазари“,
вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Повеќе од 110 илјади јајца дневно излегуваат од фармата на „Везе Шари“ во тетовското селце Требош. Но, сите не одат на македонскиот пазар.
„Ние извезуваме од 2013 година и сме оттогаш сертифицирани и одобрени како официјални снабдувачи на НАТО силите и американската војска, насекаде каде што постојат нивни бази“,
вели Абдулезел Догани – директор на „Везе Шари“.
За да извезува за потребите на НАТО, фирмата чекала една година за сертификат. Помош во процесот дала компанија од земја членка на НАТО, која веќе имала одобрение од Алијансата, а со која „Везе Шари“ склучила договор како добавувач.
Но, потешкиот дел од добивањето сертификат се одржувањето на строгите критериуми за производство и дистрибуција.
Најмалку еднаш годишно, во контрола на „Везе Шари“ доаѓаат претставници на НАТО, кои го следат процесот на производство на јајцата за нивните војници.

„Вие мора да дадете дополнителни гаранции дека таа храна, иако е безбедна за исхрана, во меѓувреме не подлегнала на некоја активност нелегална, која што може да предизвика одредено несакано дејствие по здравјето на консумирањето.Точно мора да се знае кој е добавувачот, кој е транспортерот. Ние имаме 53 камери монтирани во целата фарма, 24-часа надзор,“
вели Догани.
Но, освен оваа компанија, ретки се примерите кога други домашни фирми успеале да пласираат македонски производ на пазарот на НАТО, иако се бара се и сешто – од воена опрема, до храна и лекови.
Досега главен проблем беше што двете Агенции преку кои Алијансата набавува стоки и услуги за своите војници најчесто склучуваат договори само со фирми од земјите членки. Па, единствениот пристап до НАТО тендерите за компаниите од земјава беше работа како подизведувачи. Со влезот на Северна Македонија во Алијансата домашните фирми добија рамноправна можност за директно учество на овој пазар „тежок“ пет милијарди евра годишно. Ама, прво треба да поминат процес на одобрување.

За една фирма да може да понуди стоки или услуги за НАТО, прво треба да се регистрира во Министерството за одбрана, како и во Агенциите на НАТО преку кои се реализираат тендерите. Мост меѓу двете страни е Центарот за поддршка на компании во Министерството, кој официјално почна со работа во септември годинава.
Центарот е замислен како „десна рака“ на компаниите на кои, освен што треба да им даде одобрение, треба да им биде и логистичка поддршка за пласман на НАТО-пазарот.
„Пријавувањето во Министерството за одбрана при Центарот за поддршка на компаниите е многу едноставно. Самиот закон кога го смислувавме и правилниците кои што следеа на него беа да не бараме премногу административни документи туку од компаниите да побараме да можат да ја докажат својата лична и професионалната способност како да учествуваат на национален тендер кој што го распишува било кој државен орган во Северна Македонија,“
вели Владимир Анчев од Центарот за поддршка на компании при Министерството за одбрана.
Помалку и апсурдно, за големиот НАТО-пазар има мал интерес кај компаниите во земјава. Досега само девет домашни фирми побарале и добиле одобрение да учествуваат во набавките за НАТО.

„Ќе беше добро доколку законот во Собранието можеше да се усвои поскоро, бидејќи седум-осум месеци беше заглавен во собраниска процедура, но веднаш штом се усвои Министерството за одбрана премина кон овозможување на следните услови. Тоа се донесување на подзаконски акти и се надеваме дека во скоро време ќе имаме компании кои ќе можат да се пофалат дека добиле преку овој механизам одредени јавни набавки“,
вели Анчев.
Сепак, досега ниту една од деветте компании кои добиле дозвола од Министерството за одбрана за учество на НАТО-пазарот, не склучила договор со Алијансата. Дел од нив велат дека чекаат одобрение од агенциите на НАТО, додека други кројат стратегии за пласман на пазарот.
Меѓу тазе-сертифицираните компании е „Даути-комерц“ која се занимава со увоз и извоз на стоки за широка потрошувачка.

„Тендерите кои се во рамките на нашето пошироко портфолио на компанијата се релативно ретки. Сепак, сметаме дека како регистрирана компанија ќе ни биде олеснет пристапот до тендери на производи од воениот домен, со кои сакаме да го збогатиме нашето портфолио“,
вели Марија Мушкиња, менаџерка за јавни набавки на „Даути-комерц“.
Компанијата сега е во потрага по добавувачи за воени униформи, за заеднички да настапат на некој од тендерите на НАТО.
Но, да се стане препознатлив на тој пазар, не е лесно. За помалите фирми да им конкурираат на светските гиганти, треба и соработка меѓу компаниите, но и помош од државата.
„Државата има најголем капацитет да помогне во промоција. Дали ќе почне со промоција за заедничко учество на саемите во регионот и може да се појави како фасилитатор на присуство на македонските компании“,
вели Мушкиња.

„Значи не директно субвенционирање меѓутоа олеснување во делот на поминување на тие екстра контроли при извоз при гранични прегледи – незастанување, негубење време на транспорт, бидејќи сето тоа влијае и на свежината и квалитетот на производот и ценовно“,
вели Догани од „Везе Шари“.
Слични ставови дели и Стопанската комора. Според претседателот Бранко Азески, клучни се мерки за зголемување на конкурентноста на фирмите и поттикнување на нивно здружување и заеднички настап на големите тендери на НАТО. Но, и Азески посочува слабости што може да го кочат процесот.
„Гасификацијата слабо оди која може да донесе компаративна предност за нашите компании, ако се воведе масовно и тогаш набавката ќе биде во поголема количина и ќе се смали цената ќе станеш конкурентен. Тоа се и парафискални давачки каде ни одат огромни пари за непланирани трошоци кои произлегуваат од одлуки на надлежни органи да ги задолжуваат фирмите за чие решавање ние бараме решение во моментов“,
вели Азески.
Меѓу проблемите во законската регулатива кои индиректно ги кочат домашните компании, вели Азески, е и законот за извршување кој практично им дозволува на општините да не си ги плаќаат долговите кон фирмите и по 10 години и повеќе.

„Така што, фокусирани сме да им овозможиме и на таков начин а и со директни стимулации да ја подобрат конкурентната способност и да се здружат“,
вели Азески.
Дека државната поддршка нема да изостане уверуваат и од Министерството за одбрана од каде најавуваат средби со фирмите, под покровителство на стопанските комори, на кои би се дала логистичка поддршка за компаниите да го пласираат својот производ во НАТО.
„Постојаните контакти со компаниите се единствен начин како нив да ги анимираме, да добиеме поголем интерес од самите компани за учество во целиот овој процес кој на крај ќе резултира со добивање на набавки за самите компаниите, нормално од кој ќе има бенефит и самата држава бидејќи приливот во компаниите ќе биде во наши компании,на крај на денот и да плаќаат давачки кон државата“,
посочува Анчев.
За пласман на еден од најпребирливите пазари се потребни промени и во компаниите и во пристапот на државата. Само така, од милионскиот колач на НАТО, би добиле повеќе од трошки.