„360 степени“ ги анализира јавните набавки во општините Кавадарци, Куманово и Струга, во кои по една компанија се издвојува според бројот и обемот на добиените тендери за градење улици, тротоари, канализации…
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, не гледа конфликт на интерес во тоа што со еден од сопствениците на фирмата што најчесто победува на општинските тендери – „Градба промет“, има заедничка компанија
Асфалтирањето улици е редовна работа што граѓаните ја очекуваат од локалните власти. Повеќето градоначалници, пак, користејќи ги социјалните мрежи, прават „атракција“ од тоа. За секоја уличка, следува објава на Фејсбук, како на пример на профилот на градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, кој не испушта да ја спомене и фирмата што моментно е ангажирана.
Во објавите на градоначалникот Јанчев, одвреме-навреме се наоѓа и понекоја друга фирма, но доминира „Градба промет“. За него ова е пример за транспарентност и отченост и ништо повеќе.
„Јас ги имам дадено комплетно овластувањата на сите раководители на сектори да ги потпишуваат иницијативите за јавни набавки, изборот на компанија и договорите и градежните ситуации. Нормално, не се изземам од одговорност, напротив, се изземам од лична, непотребна комуникација со сите компании кои добиваат јавен договор за изградба од каков било тип“,
вели Јанчев.
„Градба промет“ е етаблирана градежна компанија од Кавадарци, со сопствени бетонска база, сепарација и околу двесте вработени. Фирмата е профитабилна, а и со Општина Кавадарци има долга соработка.
Ако се направи анализа на соработката во последните 6 години, од 2015 до 2020, „Градба промет“ добила околу 5 300 000 евра (5 317 019) од Општина Кавадарци за градежни работи. Но, ако оваа сума се разгледа по години, очигледно е зголемувањето на износите од година во година. Во 2015 „Градба промет“ добила тендери во висина од 307 000 евра од Општина Кавадарци; Во 2016 таа сума е 330 000 евра; Во годината на локални избори, 2017, „Градба промет“ добива околу 530 000 евра од Општина Кавадарци; Сумата продолжува да расте на 1 190 000 евра во 2018 година; Во 2019, „Градба промет“ од Општина Кавадарци добива околу 1 892 000 евра. Исклучок од растечкиот тренд е пандемиската 2020 година. Лани „Градба промет“ на тендери од Општината добила 1 068 000 евра.

Градоначалник Митко Јанчев го прашавме – зошто во неговиот мандат „Градба промет“ станува доминантна фирма во Општината за градежни работи.
„Затоа што тие компании се занимаваат професионално со тие дејности и ги имаат сите потребни ресурси и тоа им е главна дејност. Инаку, немаме повик без да учествуваат 8, 10, до 12 фирми на јавна набавка. Имаме континуиран процес на негативна аукција, некогаш дури и ние самите се запрашуваме како по толку ниски цени може фирмите да добијат изведба, меѓутоа, кога поставуваме прашање на сериозност на понудата, тие потврдуваат, оставаат банкова гаранција, квалитетот го пратиме со интерен и надворешен надзор и лабораторија имаме вклучено за испитување на материјалите“,
вели Јанчев.
Еден од четворицата сопственици на „Градба промет“ е Драган Тодоров, кој освен во оваа фирма, се јавува како сопственик и во „Михајлово“ ДОО Кавадарци, заедно со „Кожувчанка“, која е во сопственост на градоначалникот Јанчев. Тоа значи дека во Општина Кавадарци, доминантниот добитник на тендери за изградба и одржување на патишта е фирма чиј сопственик има заедничка фирма со градоначалникот. Станува збор за одморалиште.
„Така е – да. ‘Михајлово’ ДОО е детско одморалиште кое работи во интерес на децата. Потекнува од 80-тата година, каде што ‘Кожувачанка’ заедно со Тодоров, кој потекнува од месноста блиску Михајлово, од наши лични, емотивни причини успеавме тоа одморалиште да го купиме, ревитализираме и тоа е единствено одморалиште кое остана во функција од толку одморалишта што ги имавме.
360°: Оправдано е прашањето на судир на интереси.
Судир на интереси не гледам никакви. ‘Градба промет’ котира во Општина Кавадарци од 2000 година, или од 96-та. Така што не е измислена фирма од вчера-завчера со моето доаѓање, мислам дека претходно и повеќе учествуваше во делот на изградбата.
360°: Но, факт е дека со вашето доаѓање на чело на општината растат.
Не, со моето доаѓа на чело на општината расте целокупната комунална изградба“,
вели Јанчев.

Од „Градба промет“ велат дека со оглед на тоа што се локална фирма природно е и да учествуваат на тендерските постапки на локалните самоуправи од регионот. Велат дека ресурсите со кои располагаат им овозможуваат да имаат евтин економски производ и со тоа – најповолна понуда.
„Во 2017 година ‘Градба промет’ инвестираше и во асфалтна база што дополнително ги зголеми нашите капацитети, можности и обем на работа, што резултираше со зголемен обем на реализирани проекти на самата фирма и е една од причините за зголемениот обем на работа на ‘Градба промет’, а тоа се локалните самоуправи. Во однос на прашањето за потенцијалниот судир на интереси на г. Драган Тодоров, заедно со г. Митко Јанчев како косопственици на фирмата ‘Михајлово’, сакаме да ве информираме дека тоа е фирма формирана во 2012 година, значи 5 години пред доаѓањето на г. Јанчев на функција градоначалник на Општина Кавадарци“,
велат од „Градба промет“.
Освен Кавадарци, анализиравме уште две големи општини на различни краеви во земјава и со градоначалници од различни политички партии – Куманово и Струга. Фејсбук-промоција на секојдневните активности прави и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Неговите објави завршуваат на фејсбук-страницата на градежната фирма „КООП инженеринг“.
„Јас не навлегувам во делот на рекламирањето на приватните фирми. Тоа е нивна работа, веројатно ги рекламираат проектите кои самите ги изведуваат, а апелирам до сите правни субјекти да учествуваат на јавните набавки во општина Куманово. Условите се исти, подеднакви за сите. Кој ќе ја добие постапката, тоа е веќе одлука на надлежната комисија во Секторот за јавни набавки и буквално јас само добивам информација на квартално и годишно ниво, колку постапки се отворени, колку затворени, бидејќи од тоа ми зависи и реализација на годишната програма. Ниту, пак, имаме одредени фирми кои сакаме да ги фаворизираме ниту, пак, ќе продолжиме така да работиме, а кој ќе ја добие постапката за јавни набавки, тоа е веќе предмет на понудата која самата фирма ја добива“,
вели Димитриевски.
И овде фирмата добива значителни суми од општината, но во овој случај нема праволиниска прогресија како во Кавадарци. „КООП инженеринг“ добила тендери во висина од околу 270 000 евра во 2015, па 566 000 евра во 2016 и 1 029 282 евра во 2017. Во 2018 сумата се намалува на околу 646 илјади евра, за во 2019 да порасне на 1 337 730 евра. Лани „КООП инженеринг“ добила околу 533 илјади евра од општинската каса.

Димитриевски вели дека тоа е одраз на реалниот пазар, каде што „покрупните риби ги јадат поситните“. Општината, вели тој, се бори за што пониска понуда, па во изминативе години успеале да направат заштеди.
„Која фирма и како ќе добие, тука ниту општината има можност да дефинира ниту, пак, кој било од вработените во општината, бидејќи тоа е принцип на електронско јавно наддавање, каде што се јавуваат сите. Дали постои можност за заемно договарање на фирмите кои учествуваат на тендерите, тоа е веќе друго прашање, но ние буквално немаме никаква надлежност. Имате голем број јавни набавки каде што се натпреваруваат фирмите и всушност многупати одат и под цената на чинењето на услугата што ја даваат само со цел да истиснат едни, други од пазарот“,
вели Димитриевски.

„КООП инженеринг“ е фирма со околу 30 вработени. Кога го посетивме Куманово, нивната механизација работеше непосредно до општинската зграда. Зошто толку се интересираат за општинските тендери, иако побаравме став, не ни испратија.
Проверивме кој доминантно гради и во Струга, општина под раководство на Рамиз Мерко од ДУИ. Таму, во моментов, се издвојува акционерското друштво „Илинден“ АД Струга. Од десетте најголеми тендери на општината во изминативе три години, дури седум ги добила оваа градежна компанија.
Од она што е јавно достапно на порталот на Бирото за јавни набавки, интересно е дека „Илинден“ АД од Струга не добивала тендери до 2017 година. Соработката со локалната власт почнува во 2018, првата цела година во мандатот на Рамиз Мерко. И тоа, во 2018 „Илинден“ АД добива тендери во Струга во вредност од 1 532 722 евра. Следната 2019 им донела околу 470 000 евра од општинската каса, а лани близу 787 000 евра.

„Се јавуваат повеќе фирми, многу отворено, од цела Македонија. Но, поголемите фирми, кои имаат бетонска база, асфалтна база, кои имаат моќ за инвестирање, тие не се мешаат една со друга. Да речеме секој има своја територија. Ретко се случува да се пријави подалечна фирма во Струга, но има и други работи. Да речеме, фирми кои доаѓаат само за конкуренција, нудат пониска цена и после во наводници ‘го препродаваат’ тендерот за вториот или третиот. За оваа работа треба да преземе нешто државата, институциите. Ако еднаш се повлекол, треба да се преземат мерки“,
вели градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко.

Мерко не гледа проблем што едни исти фирми ги добиваат тендерите.
„Не ни одговара и многу мала цена со многу мал квалитет на градбите, затоа што ништо не сме добиле. Но, уште нешто да кажам, поголемите фирми ги ангажираат и помалите за подготвителни работи. Но, кога доаѓа финалето – асфалтирањето, да речеме лента од 12 метри, не може секоја фирма да има таква машинерија да го прави тој слој. И нека е и половина, пак секоја приватна фирма го нема. Пак треба значи да соработуваат едни со други. Не е лоша работа, добро е што се работи и со локални фирми, затоа што повеќе ќе чини ако дојде работник од Скопје, Тетово, Кавадарци, да речеме, не може асфалт да дојде од Кавадарци или Скопје“,
додава Мерко.
Во пресрет на локалните избори наесен свеж асфалт ќе зажежи низ цела држава. Тоа се пари на граѓаните прибрани од даноци – затоа е важно кој и под какви услови „ги гори“.