Конзерваторскиот центар – Скопје со нов директор, откако го поништи мислењето за зграда кај споменикот на културата – Воена болница, сега издаде ново негативно мислење. Моравме да постапиме така за да не станеме соучесници во кривично дело кое ги има сите обележја на злосторничко здружување, велат оттаму
Сепак, и покрај негативното мислење, Општина Карпош нема намера да ја поништи градежната дозвола. На терен продолжува градењето, а инвеститорот се жали на правна несигурност. Погледнете го видеото
Пет месеци подоцна во полн ек се градежните работи во скопски Карпош. Се гради висококатницата против која се протестираше, меѓу другото, и затоа што парцелата е во заштитено подрачје на зградата-споменик, Воената болница.
Погледот и од земја и од воздух покажува дека новата зграда не е единствениот, па и најблизок објект изграден околу Воената болница последниве години. Но, факт е и дека приватната клиника „Жан Митрев“, ПЕТ-центарот и уште еден објект на парцела во сопственост на семејството Kамчеви и Сергеј Самсоненко се значително пониски.

Висината во квартот е важна и за што полесен пристап до болничкиот хелиодром, а секако, тука се и другите комунални прашања.
„Никој не нè консултирал, градат 17, 20-катници, бука огромна, не се спие овде. Навечер, мора да отвориш прозор, до 22 часот е огромна бука. Да го стопираме ова, да се собереме, да одиме кај градоначалникот да му кажеме ова веќе не оди вака“,
вели Ристо Јакимовски, жител на Карпош.

Тоа што ја направи популарна новоградбата кај Воената болница, сега Градска болница „8 Септември“ е хронологијата која доведе до почеток на градбата и сегашниот статус.
Првиот чекор датира од 2013-тата кога Општина Карпош носи нов Детален урбанистички план во кој, за ова место, е предвидена маркичка за градба на станбена зграда од 26 ката плус приземје и поткровје. Тоа е во третиот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Но, во тој момент, во сила е регулациски план кој забранува градби над четири нивоа во квартот токму поради комплексот Воена болница. Така е сѐ до 2023-та кога Уставниот суд го укинува регулацискиот план и тоа по иницијатива на адвокатот Бојан Милошевски, кој е поранешен секретар на Општина Карпош.
Независната советничка во Карпош и активистка против изградба на висококатницата вели дека тогаш на виделина излегле разни игри.
„Ние за да го спречиме тоа баравме на Совет суспензија, да се одобри точка на дневен ред со кој ќе ја задолжиме Општина Карпош да направи елаборат и суспензија, додека не се види што-како со она што го предвидува ДУП од 2013 година. Седницата, првата, на која ја изгласавме таа суспензија не беше признаена, потоа не можевме да собереме кворум и се видоа дека тука се некои игри“,
вели Георгиевска.

Веднаш по одлуката на Уставниот суд, со кој практично е укината забраната за градби од најмногу четири нивоа околу Воена болница, се јавуваат и потенцијални инвеститори. Сопствениците на парцелата бараат Општината да им одобри урбанистички проект со кој бараат помала зграда, од 17 ката. Добиваат одобрување за урбанистичкиот проект од Општината, откако претходно Конзерваторскиот центар издава позитивно мислење дека зградата не ја нарушува околината на Воената болница. Интересно е да се напомене дека в.д. директор на Конзерваторскиот центар во тој момент е Константин Димитровски, кој е и член на општинската комисија за урбанизам. Тоа значи дека Димитровски истовремено, од две различни позиции, ја аминува градбата.
– Потоа, на 18 јануари, инвеститорите добиваат одобрение за градба од Општина Карпош.
– Откако станува јасно што следува, жители и активисти се креваат на протест.
– Резултат од граѓанскиот притисок е формирање работна група под капа на Министерството за култура, која го разгледува позитивното мислење на Конзерваторскиот центар и носи Извештај со препорака тоа да се укине.
– Кoнзерваторското мислење се укинува, но од новата директорка на установата – Љиљана Китановска. Дотогашниот директор Константин Димитровски е уапсен и разрешен како осомничен во друг случај, како дел од група која замижала пред уривање на културно наследство од непроценлива вредност – хотелот „Шар“ во Старата скопска чаршија, кој потоа бил „избришан“ со цел чистата парцела да се продаде.
– Инвеститорот на висококатницата кај Воена болница се жали за поништеното мислење, но Конзерваторскиот центар ја одбива жалбата како неоснована.
– Инвеститорот, тогаш, поднесува тужба против Конзерваторскиот центар пред Управниот суд. Од Судот за „360 степени“ велат дека предметот сѐ уште се работи.
– Минатата недела Конзерваторскиот центар носи ново, овојпат негативно мислење.
Овој сплет на околности, според Невена Георгиевска, е доволен за Општината да ја запре градбата.
„Требаше да го запре, да донесе некој мораториум за градење додека не се ревидира целата ситуација, да се види што може да се направи, како ќе тече тој управен спор, па после завршувањето на тој управен спор, во зависност од тоа каков ќе биде резултатот, ќе се види дали ќе се продолжи со градење или не. На тој начин се штитат и финансиите на Општината“,
вели Георгиевска.

Газди на парцелата на која се гради се фирмите ЗСФ КОМ и ДЕЛТА 2015 КОНСТРАКШН. ЗСФ КОМ е во сопственост на познатиот градежник Фатмир Етеми. „Делта 2015“ до пред шест месеци била во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството Камчеви. Од тогаш, газда е докторот Александар Николиќ, инаку кардиохирург во болницата „Систина“, каде штп, пак, „Орка Холдинг“ е еден од сопствениците.
Во разговор за „360 степени“, газдата на ЗСФ КОМ, Фатмир Етеми, вели дека нема никаква поврзаност со екс-директорот на Конзерваторскиот центар Константин Димитровски, кој паралелно членувал и во Комисијата за урбанизам во Карпош.
„Никогаш во живот не сум бил во Конзерваторски центар, значи немам никаква допирна точка“,
вели Етеми.

Според Етеми, одобрението за градба е добиено во законита процедура. Новото мислење на Конзерваторскиот центар, со кое се бара укинување на одобрението за градба, според Етеми, е доказ за правна несигурност.
Етеми: Немаме никаква сигурност во оваа држава. Инвестираме многу пари и купувачите што купуваат станови – еден ден даваат позитивно мислење, друг ден негативно мислење и ни прави огромна штета.
360: Почнавте да продавате станови?
Етеми: Да, досега сме продале над 120 стана и 30 деловни простории.
360: Епа како кога во тек е управен спор па и вие продавате?
Етеми: Ние имаме правосилно одобрение за градба, чиста документација имаме. Мислењето не е обврзувачко. Кога сме добиле дозвола сме имале позитивно мислење.
Ексдиректорот Димитровски не успеавме да го добиеме. Од сегашното раководство на Конзерваторскиот центар, пак, писмено ни одговорија зошто решиле да издадат ново негативно мислење.
„Во 2023 година е издадено позитивно Конзерваторско мислење без да се почитува фактичката состојба во однос на тоа дека објектот не се наоѓа само во Контактната зона на Споменикот – Воена болница во Скопје туку истовремено и во Споменикот – Воена болница во Скопје. Зошто е постапено така во 2023 година би требало да биде предмет на интерес на соодветни органи и институции“,
велат од НУ Конзерваторски центар – Скопје.
Еден од инвеститорите, Фатмир Етеми, вели дека не треба да се прејудицира како ќе заврши управниот спор, но додава дека се легитимни неговите ставови за настанатата правна несигурност. Од Конзерваторскиот центар, пак, велат дека ако останеле на позитивното мислење, ќе станеле соучесници во „злосторничко здружување“.
„Со овој објект има повеќе незаконски постапувања од различни субјекти и тоа во текот на временски период од повеќе од 10 години. Во такви услови, НУ Конзерваторски центар – Скопје мораше да постапи по закон со поништување на незаконското Конзерваторско мислење и издадање на ново Конзерваторско мислење, за кое нема правна основа да биде позитивно. Во спротивно, институцијата ќе станеше соучесник во кривично дело кое ги има сите обележја на злосторничко здружување…“,
додаваат од Конзерваторскиот центар.

„360 степени“ се обрати и до Општина Карпош. Прашавме, зошто не ги запираат градежните активности додека не заврши спорот пред Управен суд и дали новото негативно мислење на Конзерваторски може да биде основа за поништување на одобрението за градба. Еве го нивниот одговор:
„Со добивање на негативното мислење, не сметаме дека треба да се поништи одобрението за градење од причина што на ден 8.11.2023 година, оваа Установа веќе издала позитвно мислење, на коешто ниту Конзерваторскиот Центар, ниту Министерството за култура, ниту кој било друг субјект немал забелешка, за после три месеци од издавањето на позитивното мислење да ѝ текне на самата Установа да го поништи своето мислење, и тоа не од суштински аспект, само од формален, за што, всушност, се води постапката пред Управниот суд“,
велат од Општина Карпош.

Од Општината не гледаат судир на интереси во тоа што Константин Димитровски бил и директорот на Конзерваторскиот центар и член на комисијата за урбанизам кога давал позитивно мислење. Велат, општинската комисија издала мислење само за урбанистичкиот проект.
На терен, пак, продолжува градењето, а останува фактот дека инвеститорот гради со правосилно одобрение за градба, но и дека реонот е во заштитено подрачје на споменик на културата.