Има одредени лидери на партии кои немаат обичај никогаш да бидат присутни на седници и секогаш ќе се најде причина да се изолираат, бидејќи наводно пиеле кафе со роднина, смета лидерот на Алијанса за Албанците
Лидерот на опозициската Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 степени“, зборуваше за актуелната дебата во Собранието за промена на Деловникот и можно онлајн-присуство на пратениците кои би биле во изолација поради ковид-19.
Тој смета формата во која се предлага оваа промена во Деловникот има лоша тенденција да го направи пратеникот само гласачка машинерија. Додава и дека ќе им се остави простор на пратениците да ја злоупотребуваат оваа можност и да се „изолираат“ и кога нема вистинска причина.
„Прво, убавите работи се кога се донесуваат со консензус, а тука немаше никаков консензус туку се оди еднострано. Од друга страна, вистина е дека Уставот бара физичко присуство за да се одржат пленарните седници, така е и за советите и така натаму. Тоа е дел од обврските и задачите кои ги имаме. Но, тоа што мене ме загрижува и што не е тема на јавноста е проблематика која датира со години и имаше многу ветувања дека ќе се среди како прашање, а тоа е позицијата и улогата на институцијата пратеник. Формата како се предлага оваа промена на Деловник, за жал, зад неа има лоша тенденција за да го смета пратеникот само како гласачка машинерија и ништо друго. Да предложиш за луѓе кои не е возможно физички, болни се и не се присутни, да можат онлајн да бидат присутни и да учествуваат на седница. Што подразбира учеството на седница? Дали пратеникот треба да биде само тој кој ја исполнува бројката од 61 пратеник за да се има кворум или пратеникот треба да биде претставник на народот кој треба да добие збор и да зборува?! … Има одредени лидери на партии кои немаат обичај никогаш да бидат присутни на седници и секогаш ќе се најде причина да се изолираат, бидејќи наводно пиеле кафе со роднина“,
вели Села.
Алијансата за Албанците и Алтернатива претходно, оценија дека за онлајн функционирање на Собранието нема ниту технички, ниту демократски услови и за овие измени поднесле над 300 амандмани.
Предлогот за измена на собранискиот Деловник со кои ќе се овозможи пратениците кои се во изолација да работат онлајн го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери и според него само пратениците кои се позитивни или имаат решение за изолација ќе можат да учествуваат онлајн во работата на законодавниот дом.