Целта на регионалната акција „Дрво на пријателството“ е уште еднаш да се вклучи алармот за последиците од аерозагадувањето
Со садење дрвја во едни од најзагадените градови во регионот, активисти од шест држави заеднички испратија повици за борба за чист воздух.
Акцијата „Дрво на пријателството“ на Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ), освен во Скопје, истовремено денеска се одвиваше и во Сараево, Приштина, Тирана, Подгорица и Белград каде се засадија вкупно 400 дрвја.

Целта е да се крене свеста за аерозагадувањето и бетонското сивило да го обоиме во зелено, велат македонските активисти, кои ја подновија Општина Аеродром со шеесет дрвца.
„Во исто време денеска се засадуваат дрвја во неколку најзагадени градови на Балканот. На овој начин сакаме да придонесеме до подобрување на квалитетот на воздухот и затоа сме во Општина Аеродром, каде знаеме дека секоја година има најголем проблем со аерозагадувањето“,
вели Горјан Јовановски од „AirCare – Мој Воздух“.
Според Јовановски Скопје е далеку од идејата за зелена метропола. Затоа вели, мора да се грижиме за секое парче зеленило, кое како што посочува е се поретко во оваа бетонска „џунгла“.
„Скопје има потенцијал да стане зелен град, но има површини што се погрешно искористени. Наместо да ги претвораме во поголеми паркинзи и улици, треба да се фокусираме да го зголемуваме зеленилото кое многу ни фали,“
вели тој.
Акцијата во Скопје беше спроведена од три локални здруженија „AirCare – Мој Воздух“, „Скопје Смог Аларм“ и „Treebanks“ преку која се обезбедија дрвјата.

Мерима Кондов од „Скопје Смог Аларм“ посочи дека на овој начин треба уште еднаш да се вклучи алармот за последиците од аерозагадувањето.
„Живееме во едно сивило опкружени и со негативната енергија од ковид-19, а дополнително сето тоа е зачинето со огромната доза на загаден воздух со кој се соочуваме со секој почеток на грејната сезона во Скопје, како секој октомври така и овој почнуваме со истата „забава“. Целта на иницијативата е да го обоиме сето тоа сивило, да дадеме една зелена боја, силна порака за луѓето дека и покрај тоа што воздухот е страшно загаден, ние мора да продолжиме на секаков начин да се бориме“,
вели Кондов.
Според неа, државата се уште не може да покаже вистинска заложба за борба против аерозагадувањето. Смета дека недостасува контрола на големите индустриски загадувачи, но и на засилената урбанизација на градот.
„Јас сум еко-активист седум-осум години и досега не сум се соочила со вистинска заложба за борба за чист воздух. Да, помош има, поддршка има, меѓутоа секогаш акциите почнува од нас, кои чисто волонтерски и од љубов го правиме ова. Мислам дека се додека не се донесат радикални мерки нема ништо да се промени. Јас сум револтирана што статистиката години наназад покажува дневно дека има четворица мртви од загаден воздух, а карантин досега за загаден воздух немало. Не дека ја оспорувам короната, далеку од тоа, сакам да кажам дека жртви од загаден воздух имаме во огромен број. Се надевам поддршката од надлежните ќе биде поголема против овој геноцид на народот“,
вели таа.
Во акцијата помагаа и градските служби од Општина Аеродром.

„Целта е да се подигне свеста меѓу граѓаните од државите во регионот за последиците од аерозагадувањето. Општина Аеродром во изминатите три години организираше голем број акции за засадување и зазеленување, при што се достигна бројката од околу 10 000 садници на разни локации низ општината,“
се вели во соопштението од Општина Ародром.
Сепак, активистите потенцираат дека откако ќе се засади, за зеленилото да живее треба да има и редовна грижа.

„Се надевам дека овие дрвца нема да мора да ги полеваме ние или да се надеваме дождот да го направи тоа, туку дека ќе има кој да се грижи за ова наше место во кое се трудиме да донесеме некаков живот“,
порача Кондов.