Дискутиравме отворено, имаше конструктивна атмосфера. Дискутиравме за учебниците од 7 одделение во македонсккиот образовен систем и забелешките на колегите од Бугарија во однос на тие учебници, изјави по средбата македонскиот претставник Драги Ѓорѓиев
Состанокот на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања заврши, но без конкретен договор или одлука во однос на содржината на учебниците за 7 одделение во македонскиот образовен систем. Како што оценија македонските претставници во Комисијата, средбата била позитивна, имало конструктивни дискусии, но засега не е постигнат никаков договор.
„Дискутиравме отворено, имаше конструктивна атмосфера. Дискутиравме за учебниците од 7 одделение во македонсккиот образовен систем и забелешките на колегите од Бугарија во однос на тие учебници. Разговаравме за дневниот ред кој веќе две три седници наназад се провлекува и мислам дека имавме една позитивна атмосфера во разговорите. Продолжуваме утре во 9:30 часот. Денеска дискутиравме само за учебниците, но се уште нема никаков конкретен резултат или конкретен заклуччок. Дискусиите продолжуваат утре на иста тема“,
изјави по средбата македонскиот претставник Драги Ѓорѓиев.
На прашањето дали во текот на разговорите се запазени македонските интереси, Ѓорѓиев беше дециден:
„Апсолутно, секогаш кога дискутираме запазени се интересите на Македонија“.
На прашањето на 360 степени, дали утре може да се очекува дека ќе има некаков договор, Ѓорѓиев рече:
„Не можам да ви кажам“.
Средбата како конструктивна ја оцени и Љупчо Ристески од македонскиот тим, но и тој посочи дека не е донесена никаква одлука.
Бугарскиот претставник во Комисијата Анѓел Димитров не сакаше да даде изјава за новинарите. Тој рече декка утре ќе кажел се.
Претходниот состанок на Комисијата на кој се дискутираше за македонските учебници се одржа во септември.
Од македонското министерство за надворешни работи преку соопштение информираа дека на седницата членовите на Комисијата за историски и образовни прашања разговарале за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.
„Вчера и денес Комисијата за историски и образовни прашања ја одржа својата 20 седница. Врз основа на претходно утврден дневен ред членовите на Комисијата разговараа за учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година“,
соопштија тогаш од МНР.