Час и половина траеше денешната расправа за предлог-измените на Кривичниот законик во собраниската Комисија за европски прашања, по што тие одат на пленарна седница. Иако пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се спротивставија на предложените измени, не поднесоа амандмани со изговор дека тоа би било беспредметно бидејќи власта го има потребното мнозинство за да ги изгласа измените
Со задоцнување од десетина минути, во 13 часот и 10 минути, претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбр Адеми, ја започна седницата на која главна тема за дискусија беше владиниот предлог за измени и дополнувања на Кривичниот законик со кој се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Ваквите измени беа дочекани „на нож“ од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Неколкумина пратеници од опозициската партија се пријавија за збор и нестрпливо чекаа да ги изнесат аргументите против носењето на измените предложени со европско знаменце (по скратена постапка).
Прв збор зеде пратеникот Бојан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој во десетминутниот говор, меѓу другото, порача дека носењето на измените на брза лента е несоодветно бидејќи државата ја тресе случајот „Онкологија“, па доколку се усвои предлогот, лицата кои се одговорни за еден од најголемите скандали во поновата македонска историја за неколку години би можеле да бидат „амнестирани“.
„Вакво амнестирање, односно вакво посипување пепел на отворена сцена на една политичка коалиција досега не било забележително. Сосема е јасно зошто се предлага овој закон. Оваа амнестија која вие сакате да ја воведете за сите оние деликти сторени во претходните шест години, нема да ви помине и тоа е директно признание дека вашата коалиција се спрема за заминување во опозиција“,
рече Стојановски.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, говореше за важноста на овие измени со кои, според неа, македонските закони ќе се усогласат со директивите на Европската Унија, а наводите за амнестија на учесниците во случајот „Онкологија“ или на функционери од владејачките партии, за што обвинува опозицијата, таа ги нарече срамни и беспредметни бидејќи конкретно за случајот со Онкологија постојат други законски регулативи.
„Навистина е непримерно да се прави споредба и да се вели дека измените се во насока на евентуално амнестирање на одговорноста за она што се случувало на Онкологија. Многу добро знаете дека, ако навистина се покаже дека таму се правеле кривични дела, тие се и сега пропишани и се сметаат за тешки кривични дела“,
рече Калеска-Ванчева.
Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, која во името на предлагачот, односно Владата, во Собранието ја има улога на претставник која ги брани измените, рече дека ставањето на европското знаменце на измените е исклучиво поради потребата за усогласување со европските регулативи и дека во јавноста се изнесуваат информации само за два спорни члена, но не и за преостанатите со кои се решаваат долгогодишни недостатоци во Кривичниот законик.
„Ако зборуваме за ефикасно и ефективност во борба против криминалитетот, а особено со организиран криминал и корупција, тогаш тоа е проширена конфискација. Членот 98-а кој го менуваме создава законска можност за поголема примена на мерките конфискација од страна на судиите преку проширување на опфат на кривични дела за кои може да се примени оваа конфискација“,
рече Аврамовска-Мадиќ.
Потоа збор зедоа и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и Гордана-Силјановска Давкова.
Милошоски рече дека европското знаменце е злоупотребено од власта бидејќи никаде во државите членки на Унијата не постои унифициран Кривичен законик и дека овие измени ќе донесат само амнестија на одредени лица од владејачкото мнозинство. Тој се повика на став на американската амбасада дека немаат ниту една забелешка на Кривичниот законик, туку дека проблемот го лоцираат во корумпираноста на македонскиот судски систем.
„Во Европската унија секоја земја има свои специфики и свој самостоен развој на правниот систем. Може да има сличности во санкционирањето, но никаде нема унифицирани кривични законици и затоа сметам дека ова е злоупотреба на европското знаменце и се турка антиевропски проект, кој наместо да ја зајакне казнената регулатива, сега ќе доведе до понатамошно девалвирање“,
рече Милошоски.
Професорката Силјановска-Давкова, пак, смета дека измените не носат никакво усогласување на законите со Европската Унија, туку дека актуелната власт си прави простор за евентуална амнестија на свои функционери и раководители во моменти кога земјата се приближува кон избори по кои, како што рече пратеничката, би требало да има и смена на силите во македонскиот законодавен дом. Со намалување на казните и со бришењето на одредени членови од Законот, според неа, на голема врата се отвора пат за понатамошни криминални дејствија на одредени моќници.
„Кои се тие ургентни прашања кои се појавија во меѓувреме, а за кои ние на крајот на мандатот треба да разговараме? Се ближат изборите, можни се промени на власта и каков метод применил предлагачот? Јас тоа го нарекувам метод на алиби. Овде не гледам ниеден став ниеден член, еднаш научете се, пишува во Деловникот кој член и кој закон го регулирате, но овде нема ништо од тоа“,
рече Силјановска-Давкова.
По неа, дискутираа уште четворица пратеници од опозицијата и ниту еден од власта, по што претседателот на Комисијата, Арбр Адеми, ја заклучи комисиската расправа и ги проследи измените на пленарна седница. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да достават ниту еден амандман бидејќи, според нивните кажувања, власта има доволно мнозинство за овие измени да поминат.
Владата ги утврдила предлог-измените на Кривичниот законик на седницата одржана на 29 август 2023 година.
„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија. Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период, заради потребата за усогласување и донесување на повеќе поврзани и зависни закони со Кривичниот законик (Законот за кривичната постапка, Законот за судовите, Законот за јавно обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување на санкциите и др.). Во меѓувреме, се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Затоа, се издвоени некои ургентни прашања“,
пишува во образложението на Владата за предложените измени.
Во објаснувањето за скратената постапка е наведено:
„Со оглед на тоа што не е во прашање сложен и обемен закон, согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, се предлага Собранието да расправа по Предлог на закон за изменување на Кривичниот законик, по скратена постапка“.
Другите детали за владиниот предлог во текстот на линкот подолу: