Премиерот Зоран Заев утрово изјави дека ја потпишал оставката, по што се очекува претседателот на Собранието да свика пленарна седница на која ќе биде констатирана оставката.
„Верувам дека многу набрзо ќе стигне во Собранието за во текот на денот да може да почне процедурата и да се завршат работите за избор на преодната влада“,
рече Заев во емисијата „Утрински брифинг“ на СТВ.
Тој очекува целата постапка да помине без проблеми, потсетувајќи дека праксата за формирање преодна влада е воспоставена уште во 2016 година на барање на СДСМ кој тогаш беше во опозиција.
„Би требало да помине мазно и би требало нормално, ако сме нормална земја сепак заедничка влада се бира. Уште еднаш да напоменам, оваа пракса на влада беше воспоставена 2016 на наше барање. Во моментот кога се преговараше за Преспанскиот договор беше побарано тоа од опозицијата и чесно и достоинствено е да се даде нешто што сте го барале токму и вие. Јас верувам дека на тој начин се задоволува право на опозицијата да биде контролор, но секако да си преземе и своја одговорност“,
нагласи Заев.