Ние како земја сме меѓу првите кои се приклучија на КОВАКС-механизмот за добивање на вакцини против ковид-19, но проблемот со недостаток на вакцини е во сите земји, не само кај нас. Се надевам и очекувам дека од втората половина на февруари ќе го започнеме процесот на вакцинација.
Ова го кажа премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашање за доцнењето на антиковид вакцини во земјава, на дебата во организација на американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „Северна Македонија на прагот на Европа“.
Тој рече дека се надева оти следната недела би пристигнале и вакцини од производителот „Фајзер/Бионтек“.
„Кога станува збор за вакцините ние работиме со сите наши партнери да овозможиме што е можно побрзо вакцинирање за нашите граѓани. Сакам да истакнам дека ние бевме во директна комуникација со нашите сојузници и дел од КОВАКС-системот за набавка на вакцини за најдоброто за нашите граѓани. Во меѓувреме склучивме и билатерални договори со одделни производители. Но, бидејќи станува збор првенствено за грижата за здравјето на нашите граѓани, а целата планета се соочува со проблем со квантитетот на вакцините кои се на располагање, стапивме во договор и со другите производители од кои наскоро очекуваме да ги добиеме договорените количини“,
рече Заев.
Во однос на внатрешните државни приоритети, премиерот Заев потенцираше дека први на листата на Северна Македонија се унапредувањето на здравствениот и образовниот систем, борбата со корупцијата, како и постигнувањето на сите демократски стандарди согласно вредностите на ЕУ за да го оправда епитетот светилник на демократијата на Западен Балкан.