Меѓу оние што „кренаа“ викендички на падините на Осоговските Планини се и надлежни за спроведување на законите – началник во кочанската полиција и неговата сопруга – вработена во Општина Кочани. Против двајцата има и кривични пријави, но дивоградбата стои
Градоначалникот на Кочани вели дека со секој објект ќе се постапува согласно законите и смета дека во неговата општина работите, главно, се под контрола
Во исчекување на новиот закон за легализација на дивоградби – забрзано се гради и во заштитените подрачја.
„Чекаме сега Заев да го донесе законот за легализација“,
вели граѓанин, додека ја доградува викендичката во Пантелеј.
„Како беззаконие да е. Како да не сме држава“
вели жител од селото Нивичани.
Меѓу оние што „кренаа“ викендички на падините на Осоговските Планини се и надлежни за спроведување на законите – началник во кочанската полиција и неговата сопруга – вработена во Општината. Против двајцата има и кривични пријави, но дивоградбата се уште стои.
„Ќе постапувам согласно законот. Бидете уверени“,
вели градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Зелените појаси на Осоговските Планини, поради својата посебност и природните богатства, Владата лани ги прогласи за заштитено подрачје од петта категорија. Но, додека се кројат стратегиите за управување и урбанистичките планови за развој на овие предели, на терен продолжува бесправно градење.
Во исчекување на новиот закон за легализација на дивоградби, во селото Пантелеј, кое е дел од заштитениот предел, забрзано се градат викендички.
„Еве, сега треба мрежата да ја измерам точно, да ја повлечам, колку квадрати е толку, да си ја заградам и што биде нека биде. Ако ја продадам ќе ја продадам, ако не така нека стои. А да ја рушат, не можат да ја рушат“,
вели еден од граѓаните додека ја доградува својата викендичка во Пантелеј.
Дел од граѓаните купиле и имот со веќе изградени дивоградби, па ги надоградуваат со намера утре да ги продадат како легални.
Таа беше до прозорите направена. И ние баравме да ја легализираме, ама законот беше прекинат. И чекаме сега Заев да го донесе законот за легализација. Да си ја легализирам и да си бидам на раат, што се вика, а не да мислам дали ќе ми ја рушат или нема да ми ја рушат.
– Како ви се ризикува, а ако додека се легализира дојде до рушење?
Па куќата е пред 20 години почната. Не е сега.
– Па ако не е легализирана?
Па како? Какви згради прават на диво, па за оваа мала викендица? Ќе си ја легализираме ќе си платиме колку треба.
вели тој.
Со иста идеја се градат и други објекти.
Причината што патот нѐ одведе во Пантелеј е анонимна пријава од граѓанин до нашата редакција дека меѓу оние што неодамна поставиле темели за викендичка се и вработена во Општината Кочани и нејзиниот сопруг, кој е началник во полициската станица во градот. Скриена во бујното зеленило, за кратко време „никнала“ цела куќа – на два ката, со тераси и кров.
Многу брзо тој ја изградил…
– Абе и јас да сум началник и јас ќе изградам.
коментира соговорникот.
Освен по тоа кој гради, случајот не се разликува многу од другите во околината. Имате или купувате нива на убаво место, која е земјоделско, а не градежно земјиште, на кое потоа се гради објект без одобрение.
Кога ја добивме дојавата за случајот, тој веќе беше предмет на интерес на обвинителството. Додека работевме на сторијата, вработената во Општина Кочани и нејзиниот сопруг – началник, добија кривични пријави од кочанската полиција.
„На 6.8.2020 г. второпријавената се стекнала со сопственост на нива – дел од катастарска парцела во с. Пантелеј и заедно со првопријавениот веднаш почнале изградба на викенд-куќа на плодно земјиште кое не било во градежен реон и до 4.5.2021 г. го изградиле објектот без одобрение за градба“,
се вели во полицискиот билтен.
Сопственичката на парцелата и вработена во Општина Кочани во телефонски разговор со „360 Степени“ одби да го коментира случајот. Локалните инспектори, пак, сѐ уште не направиле увид и записник од дивоградбата, па затоа нема ниту решение за рушење.
„Тоа што еден од сопствениците е вработена во нашата општина ниту ја зголемува прекршочната постапка ниту ја намалува. Тој е случај кој сам за себе е специфичен и согласно законските прописи ќе постапуваме“,
вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој нѐ придружуваше во обиколката низ заштитениот појас, објаснува дека го чекаат адвокатот што го ангажирале сопствениците на земјиштето, кој, пак, се пожалил дека има здравствени проблеми. А без негово присуство, вели, инспекторите не можат да влезат и да направат записник на приватен имот.
„Ние ќе бидеме трпеливи, ќе ги почитуваме законските одредби, ќе го чекаме законскиот застапник и заедно со нашите служби ќе се направи увид на самото место, по што ќе бидат детектирани сите прекршување на законот и согласно законот ќе ги преземеме сите мерки се со цел на јавноста јасно и гласно и кажеме дека секој објект што се гради бесправно, без одобрение, ќе се постапува согласно законот и никако поинаку“,
вели градоначалникот Николчо Илијев.
Но, проблемот не се само неколку викендички. За голем дел од селата во овој регион не се донесени урбанистички планови, па практично нема правила на игра. Секој гради на своја рака, со надеж дека нема кој да го фати.
„Има по три спрата, по четири…викендица. Тоа не е викендица, тоа е куќа… Градат богатите. Сѐ на диво. Сѐ. Не е урбанизирано и на диво. Кој што има купено имот таму и гради. Тоа општината, може пропусти и на власта е. Ако е урбанизирано, ќе има пари во градскиот буџет, ако не така оди – сива економија“,
велат жители од селото Нивичани.
Дел од овие куќи и викендички изградени на диво низ годините успеале да се легализираат преку стариот закон за легализација. Новите дивоградби, пак, и оние што во моментов се градат, чекаат на новото законско решение.
Градоначалникот најавува засилени контроли и вели дека општината во меѓувреме проверува – колку од постоечките вили и куќи се легализирале, а колку треба да се рушат. Но, и таа процедура не оди лесно. Кочани работи само со еден инспектор кој од здравствени причини со месеци не одел на работа. Па, сите решенија што ги донело друго лице овластено од страна на градоначалникот, по жалба на инвеститорите, биле укинати, бидејќи вработениот немал лиценца за инспектор.
„Ние сега од бесправно изграден објект испаѓа дека ние сме виновни и дека имаме нешто против некого и дека ние сме виновниците, додека тие што градат бесправно, повторно се во право и нормално, дека тоа е една работа на којашто мора еднаш засекогаш да и се стави крај, во спротивно ќе имаме ваква состојба каква што имаме и со каква што се соочуваме во овој период. Но, морам да ви кажам дека во нашата општина, сепак, работите се прилично контролирани, бидејќи имаме јасна цел дека се што е бесправен објект ќе го решаваме според законите“,
вели Илијев.
Овие планови може да ги „помати“ новиот закон за легализација доколку стапи во сила во истата форма во која претходно власта и опозицијата заеднички го донесоа. Во тој случај сите постапки ќе прекинат, доколку инвеститорите си побараат легализација на објектите, макар биле изградени и во заштитените подрачја. Така би можела да „куртули“ и викендичката на полицискиот началник, а тој би се спасил од кривична одговорност.