Скопски Центар е најважната и најбогата општина што има шанси да ја освои СДСМ во вториот круг. По првиот, бројките се во прилог на актуелниот градоначалник, но има доволно гласови од кандидати што веќе не се во трката, а може да пресудат
Силите во вториот круг ќе ги измерат Горан Герасимовски и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ како кандидати на политички групации кои некогаш беа заедно
Дождлив ден во скопски Центар. Животот си тече, а паралално врви и кампањата за вториот круг од изборите за градоначалник. Силите уште еднаш ќе ги измерат кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски, и на ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.
„Ништо, ништо не очекувам. Ни од едни – ни од други.“
„Ааа ќе гласаме, обавезно. Има избор? Има, ама да не го кажувам.“
„Нека победи тој што треба.“
„Тоа што го рекламираат, да го исполнат, ништо друго.“
Ако се фрли поглед изолирано само на гласовите за градоначалник во Центар во првиот круг, очигледна е предноста на Горан Герасимовски од СДСМ со 8 535 гласа наспроти Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ кој освои 5 707. Но, останува прашањето на чие конто ќе завршат гласовите од двете кандидатки кои излегоа од трката – независната Билјана Ивановска која освои 4 465 гласа и кандидатката на Левица, Марија Среброва, која доби 2 121 глас.

Со оглед на тоа што разликата меѓу двајцата преостанати во вториот круг е околу 3 000, важно е кој ќе ги придобие гласачите на оние што отпаднаа. Ги прашавме – дали веќе се впуштиле во преговори.
„ГОРАН ГЕРАСИМОВСКИ: Прво, пред сè, јас во понеделникот им се јавив на двете кандидатки за да им честитам за нивниот одличен успех којшто го покажаа на овие локални избори, за одличните програми коишто ги имаа и предлози. Јас сметам дека истите ќе се вклопат во нашата програма којашто ќе биде во наредниот четиригодишен мандат, дека сите нивни добри предлози јас лично, но и советничките групи ќе ги прифатат, без разлика на тоа што они нема да трчаат, да се борат во вториот круг и очекувам поддршката од сите нивни гласачи и верувам дека центарци знаат, центарци се посебни, центарци знаат да проценат, знаат да го изберат најдоброто.
360 СТЕПЕНИ: Каков фидбек добивте од кандидатките што отпаднаа? Можно ли е да ги повикаат гласачите нивни, вас да ве поддржат?
ГОРАН ГЕРАСИМОВСКИ: Па не разговаравме во делот на поддршка, разговаравме во делот на проекти. Им честитав за нивниот успех во првиот круг. Верувам дека поголем дел од гласачите ќе ни ја дадат поддршката во вториот круг, коишто гласаа за нив, и дека ќе имаме огромен број на гласови во вториот круг.“

Противкандидатот на Герасимовски не мисли така.
„МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Тие гласови што се отприлика над 10.000, бидејќи тие се гласови против Горан Герасимовски, меѓутоа за промени што се очекуваат да се случат во Центар, ги очекувам да ме поддржат и да издвојуваме една победа бидејќи како јас, така и граѓаните на Центар очекуваат сериозни промени.
360 СТЕПЕНИ: Дали искомунициравте со кандидатките кои не влегоа?
МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Да, со Билјана Ивановска искомуницирав, со Марија Среброва не. Меѓутоа во наредниот наредните денови планирам и со Марија.
360 СТЕПЕНИ: Каков е фидбекот?
МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Одличен. Разговараме бидејќи ние се ние разговаравме за заеднички идеи. Имаме заедничка визија за Центар, тоа што очекуваме да се случува на општината и очекувам гласачите што се и поддржувачите на Билјана, тие што очекуваат промени во општината, да ме поддржат во вториот круг. Затоа и сум релативно релаксиран во очекувањата бидејќи во вториот круг почнуваме со 0-0, а бројот на гласачи коишто очекуваат нешто ново во општината се на наша страна.
360 СТЕПЕНИ: Но формален договор да речеме нема така?
МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Нема формален договор.“

Иако базенот на гласови е ист, гласањето за советници е порасцепкано оти имаше 9 листи. Во тие бројки интересно е што, на пример, кандидатот на СДСМ, Герасимовски, со 8 535 гласа, е над советничката листа на матичната партија која за советот освои 6 089 гласа. Ова значи дека кандидатот на СДСМ добил околу 2 500 гласа плус од партијата што го кандидира.

„ГОРАН ГЕРАСИМОВСКИ: Граѓаните на Центар знаат да препознаат. Граѓаните на Центар ја тргаат политиката на страна кога се работи за локална самоуправа и знаат да ја препознаат нашата четиригодишна заедничка работа која што ја имавме во минатиот мандат и затоа е таа поддршка малце поголема отколку партиската поддршка.
360 СТЕПЕНИ: Ја препознале вашата работа, а не на партијата која ве кандидираше?
ГОРАН ГЕРАСИМОВСКИ: Токму така, ја препознаа работата на локалната самоуправа и на градоначалникот којшто изминатите четири години работи со граѓаните, а не за политичките интереси и така ќе продолжиме во наредниов четиригодишен мандат. Граѓаните гласаат за личност и мене ми е чест што го вреднуваа тоа што заедно сме го изработиле изминатите четири години, а тоа се докажа во првиот круг според бројот на гласови, поддршка којашто ни ја дадоа.“
Во противничкиот табор пак, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ на купче имаат околу 7 800. Со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ нема кандидат и јавно кажаа дека ќе ги поддржат ЗНАМ, нејасно е зошто кандидатот Лабудовиќ во првиот круг имаше околу 5 700 гласа. Тој има околу 2 100 гласа кусок од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за Советот.

„360 СТЕПЕНИ: Конкретно, за гласовите на ВМРО и на ЗНАМ. Имаат повеќе број на гласови во Совет отколку што вие како кандидати имате кога ги собирате.
МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Тоа се, тоа се гласачи, тоа не се членови на одредени партии. Секоја партија си има одредено членство коешто гласа за својата опција, меѓутоа имате и поддржувачи и луѓе коишто сметаат дека во дадениот момент еден од кандидатите можеби го гледаат како подобар. Така што тука не ме загрижува ниту тоа.
360 СТЕПЕНИ: Очекувате поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг?
МИРОСЛАВ ЛАБУДОВИЌ: Апсолутно, да, во вториот круг. Веќе разговараме, се разговара на највисоко коалиционо ниво. Сето, целиот фокус ќе биде на во вториот круг на Центар и на општина Карпош и тука немам дилема дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде својот максимум како политичка партија и во дело и за членовите и за симпатизерите.“
Ги прашавме и двете кандидатки за кои заврши изборната трка, Ивановска и Среброва – дали децидно ќе ги повикаат своите поддржувачи во вториот круг да му помогнат на некој од двајцата кои се борат за мандат. Билјана Ивановска кандидат на граѓанско политичката платформа „Независни заедно“, вели дека со соработниците ќе одлучат како ќе дeлуваат понатаму.

Ниту Левица досега не размислува за насочување на гласовите, а евентуална промена на одлуката би ја донеле највисоките партиски тел аи би важела за сите општини, не само за Центар.

И, ако е важен секој глас, од првиот круг во Општина Центар не се за занемарување околу 1 500 неважечки ливчиња.
„Тоа ќе се процени со добра анализа. Прво станува збор за четири ливчиња на коишто имаше и голем број на партии коишто беа на истите. Верувам дека во некој дел е и незнаење, направена грешка при заокружување и слично. Во дел е и револт на одредени граѓани коишто излегле, но не сакале да го дадат својот глас за никого и го поништиле гласачкото ливче, но тоа ќе се докаже со една убава анализа којашто ќе следи во наредниот период“,
вели Герасимовски.„Неважечките ливчиња се исто некаква порака. Не можам да ја дефинирам во овој момент каква е. Меѓутоа тоа што е граѓанско право, секој граѓанин треба да го исполни на изборите бидејќи преку изборите се изразува граѓанската волја, се изразуваат промените или нешто треба да продолжи доколку е добро. Во овој момент, на првиот круг на избори во Центар се покажа дека волјата на граѓаните е да има промени“,
дециден е Лабудовиќ.
Кој е во право, ќе дознаеме вечерта на 2 ноември.
