Темата за дивоградбите и проблематичните легализации на Општина Чаир, за што „360 степени“ известуваше во детали во минатото, деновиве доби нова динамика со излегувањето на терен на градоначалничката на Град Скопје, особено со нејзиното тврдење дека некои од легализациите се направени со фалсификување документи
За случајот ги прашавме Јавното обвинителство, МВР, Катастарот, како и Изет Меџити – политичкиот патрон на актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу. Погледнете го видеото во продолжение
Две години известуваме и две години нелегално продолжува да се гради објект во близина на пензионерскиот дом „Лика Чопова“ во Чаир. И покрај тврдењата од Општината дека градењето е запрено и дека теренот мора да се врати во првобитна состојба, на диво се кренати неколку ката, иако соседството непрестајно алармира.
„Викав јас, ги марширав. Ма нема, не те ферма“,
ни кажа пензионерка од домот „Лика Чопова“ на едно од претходните снимања.
Зошто во и онака густо населениот Чаир, се гради сѐ повеќе и сѐ погабаритно, „360 степени“ пoследниве години истражуваше тековно. Нашите проверки покажаа дека на терен има многу повеќе градби, отколку што Општина Чаир издала одобренија. Објавивме и дека во Општината се архивирале барања за легализација уште пред дивоградбите да почнат да се градат. Дополнително, никој не проверувал на терен – што всушност се легализира.
Такви беа случаите со осумкатницата на „Македонско-косовска бригада“, седумкатница зад поштата во Чаир, како и три споени осумкатници на улицата „Цветан Димов“ – сите изградени негелано на места на кои фигурирале ниски објекти или бараки. Документиравме дваесетина вакви примери. Од општината ни кажаа дека во сите случаи, доказ дека објектот е изграден до март 2011 година, како што предвидува законот за легализација, поднесувале барателите. Како се легализирани објекти изградени и десет години по крајниот законски рок? Или како е можно да се поднесе барање за легализација на објект изграден последниве години, кога рокот за поднесување барања истекол уште во 2018 година?
Еве го одговорите на првиот човек на Општина Чаир дадени за „360 степени“.
360: Како медиум објавивме дека дел од зградите реално не постеле пред 2011 година. Дали вие како општина ќе постапите некако?
Ганиу: За тие има изјава од сопствениците што аплицирале
360: Така, но бидејќи сега знаеме дека изјавите се лажни, дали вие ќе постапите на некаков начин?
Ганиу: Па јас не сум обвинителство да настапувам.
360: Не. Кон барателите за легализација дали ќе постапите?
Ганиу: Нека судот одлучува. Врз база на тоа што ќе одлучува, ќе одлучуваме и ние.
Епидемијата на дивоградби во Чаир деновиве е видлива и од поинаков агол, преку излегувањата на терен на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Еве го овој, на главен булевар, си почнал минатата недела да гради. Нема никакво одобрение, нема платени (вратени?) комуналии. Си дигнал плочи, си работат, дупки отвораат, еркери вадат надвор, искачаат во Генералниот урбанистички план на Град Скопје…“
кажа Арсовска при обиколка на Чаир со вклучување во живо на Фејсбук.

Другиот пример што го обелодени Арсовска е само на педестина метри подолу.
„Земјиште на Република Македонија денеска не може никој вака да си го земе и да си изгради објект“,
рече градоначалничката посочувајќи друг пример.

При откривање на трета дивоградба со узурпација и на државна земја, градоначалничката тврдеше дека со легализациите се манипулира, а зградата, иако се уште се дотерува, градоначалникот твредел дека е изградена во 2011.
„150 дивоградби сум му спречила во три години. Досега не сум излегувала во живо бидејќи до сега не собрал храброст да ми се заканува. Сега кога ми се заканува ќе излегувам во живо… Тука господине Висар Ганиу за истиов овој објекти што си го легализирал на име Идриз Зенета, велиш дека си доставил, ти бе дечко, до Катастар – заклучок за плаќање надоместок од Град Скопје и Општина Чаир со фалсификат број на Град Скопје, ваков број и ваков акт во Град Скопје не постои, и ваков заклучок не постои, документацијата ти е вратена, ти не можеш да имаш ваков документ за плаќање на надоместок издаден од Град Скопје. Потврда за платен надоместок, дека некој платил, не може да дадеме, бидејќи не платил никој“,
повторно обвини Арсовска.

Градоначалникот на Општина Чаир тврди дека Арсовска прави шоу.
„Јас ви тврдам дека во последнава зграда ние на суд ќе се докажеме. Општина Чаир не ја легализирал, и затоа последниве нејзини пристапи се дека ние бришеме. Не бришеме ништо, све се снима и се ќе покажеме на суд. Плус узурпација вели на државно земјиште, не е точно ние и да сакаме да узурпираме немаме место во Чаир“,
кажа Ганиу.

Без оглед на политичките разлики меѓу Арсовска и локалната власт во Чаир, факт е дека објектите за кои зборува градоначалничката узурпираат и државна земја.
Иако Арсовска јавно ги прозира сите надлежни институции, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека за дивоградбите во Чаир постапува, но по известување од СВР Скопје. Дали постапката е за 150-те предмети што ги споменува Арсовска и што точно содржи известувањето од полицијата, Обвинителството не открива.
„По известувањето се постапува и во моментов не сме во можност да прецизираме кои се објекти ги опфаќа. Воедно, уште еднаш укажуваме дека секое службено лице кое има докази и сознанија за кривично дело имаат законска обврска тоа да го пријават на надлежните органи“,
велат од Обвинителството.

Од МВР ни кажаа дека постапувале за градбите за кои Арсовска досега со пренос во живо алармираше. Документација се прибирала и од Агенцијата за катастар на недвижности, вели за „360 степени“ директорот Иван Живковски.
Живковски: Во изминатите два дена нè исконтактираа некои институции кои побараа информации од нас, меѓутоа во интерес на евентуални постапки коишто можеби би се воделе или се водат, јас не би споделил со јавноста во моментов кои се тие институции затоа што лично сметам дека доколку е потребно, самите институции ќе се произнесат за овој случај кој ја разбранува јавноста.
360: Може да ни кажете за колку предмети се интересираа барем?
Живковски: Конкретно е побарано информација со еден предмет кој беше посочен во јавноста пред два дена, така да доколку се јави потреба за било колкав број на информации со било колкав број на предмети ние, ќе повторам, сме отворени за соработка, и за сите надлежни институции ние неодложно постапуваме по нивните барања.
360: Дали има сомнежи и за други фалсификати можеби?
Живковски: Ние пред сме Агенција и институција која што го води Регистарот или народски кажано, граѓаните кажуваат вие сте институција ‘пиши-бриши’, но за да станат нештата појасни, ние сме институција која постапува по барање кои ги доставува надлежните органи, без разлика дали се тоа општини, суд, граѓани кога склучуваат договори за продажба, закуп и слично.. Агенцијата за катастар и службениците постапуваат по доставени правни основи.
360: Не ја проверувате веродостојноста?
Живковски: Апсолутно не ја проверуваме веродостојноста. Ние проверуваме дали правниот основ, во конкретниот случај за кој се говори, решение за легализација, дали правниот основ е донесен од овластен орган – во конкретен случај општината, дали истиот е потпишан од овластено лице, дали постои печат, потпис, дали има печат за правосилност, дали податоците кои се внесени внатре во поглед на катастарската парцела се точно и доколку тие се услови се исполнети, ние постапуваме, а веродостојноста на самиот акт и податоците содржани во нејзе согласно Закон за катастар се одговорност и за нив одговара органот кој го издал соодветниот правен основ.
360: Откако Арсовска направи увид во Катастарот кажа и дека Општината поднела антидатирано решение за поништување на претходно решение за легализација, односно дека Општина Чаир сега самата бара да го поништи решението за легализација на дивоградба. Дали оваа информација е точна?
Живковски: По консултација со колегите, добив информација дека е пристигнато барање за поништување на некоја легализација кое што барање во моментов, од страна на колегите што го работат предметот е вратено на дополна, затоа што има некој технички недостаток. Мислам дека недостасувала некоја уплата за административна такса. Подносителот има рок од 24 часа да го дополни тоа, целата постапка оди електронски. Потоа службениците ќе се произнесат дали барањето е основано. Ако е основано ќе се изврши бришење на легализацијата, ако не, ќе се одбие барањето за бришење, а странката, односно, професионалниот корисник, во конкретниот случај Општина Чаир има право да поднесе тужбана потврдата за одбивање. Дали се работи за истото барање за истата катастарска парцела за истата легализација, јас не можам во моментов да кажам.
360: Арсовска вели дека е антидатирано решението, односно – поднесено е на 27 мај, а на документот стои како да е на 2 мај донесено?
Живковски: Видете, тоа може да бидат само претпоставки и да бидат тема на истражување на истражни органи. Ние не сме истражен орган. Ние примамаме решение кое е со датум и со печат за правосилност од 2 мај.
360: Прашање е зошто некој ако го донел решението на 2 мај го чувал до 27?
Живковски: Апсолутно, меѓутоа секогаш може да постојат објективни причини кога да се поднесе, може да се поднесат и субјективни причини. Не велам дека можеби е така, можеби не е така, меѓутоа, ние како Катастар, примаме решенија од надлежни институции, од нотари, од граѓани, кои што се со поминат временски период, па истите се доставуваат кај нас. Значи не постои временски период ограничен стрикно во кој што тие би требало да ги поднесат.

Дивоградбите се проблем во целата држава, но локалната власт во Чаир би требало да има јасна слика што ѝ се случува оти Општината е долги години во рацете на иста политичка структура. Сепак, актуелниот вицепремиер Изет Меџити, кој е поранешен градоначалник на Чаир и екс-пратеник избран со гласови од таа изборна единица, не гледа посебен феномен со дивогадбите во општината. Со коалицијата ВЛЕН е фокусиран на преструктуирање за настап на локални избори есенва.
Меџити: Во однос на дивоградбите не е така, имаме список на бројки, Дивоградбите беа над 500 000 на ниво на Република Македонија и Чаир е во средина на тој список. Може да зборуваме за тоа, треба да ги отвориме да видиме како стојат во општините на ДУИ, пример како е во Сарај, како е во другите општини водени од ДУИ.
360: Сме го работеле и тоа, меѓутоа за Чаир, нели ви пречи, нели стравувате за безбедноста на луѓето кои би требало да живеат таму, кога е дивоизградено?
Меџити: Тој проблем не е од денес. Зборувам за над 500 000 објекти, неколкупати носен Закон за легализација на објекти, тој беше државен проблем и со сето тоа не може да се посочи само Чаир.

Дивоградбите во Чаир не се непознаница и за секој потенцијален гласач. Ова с екоментарите на дел од граѓаните, кои „360 степени“ ги анкетираше низ општината.
Еве тука пример, што се позади овие згради, сакавме да купиме стан, баравме имотен лист – немаат. Немаат ни имотен лист.
Паркинг нема, игралиште за деца нема, што ти треба? Гратис да ти го даваат, џабе е.
Неодговорност на власта. На тие што треба да контролираат да видат како луѓето постапуваат, тие што градат. Не би требало да има по мое.
Тоа со Законот за легализација од 2011, луѓето се научија да градат вака на диво и тоа е.
Законот за легализација одамна не важи. На сила се закони кои велат дека сè што е нелегално изградено треба да се врати во првобитна состојба. Прашањето е – зошто нема волја тоа да се спроведува.