Двете каптажи на изворот Рашче, сместени под планината Жеден во истоименото село во општина Сарај, се синоним за водоснабдувањето на Скопје. Но, како што „360 степени“ објави уште пред две и пол години, Рашче веќе подолго време не е единствениот извор за питка вода за главниот град. За непрекинато да има вода во чешмите на скопјани, вклучени се сите расположливи резерви, вклучувајќи ги и седумте бунари од Лепенец и Нерези.
Според Емилија Аневска, раководителка на секторот за санитарна контрола во скопски водовод, состојбата се должи на две причини – климатските промени односно намалените врнежи и зголемувањето на бројот на жители во Скопје.
„Во моментот се работи на алтернативни извори кои се во сопственост на нашето претпријатие, а тоа се постоечки бунари кои се прекинале во минатото и се користат и се работи на процес на нивна ревитализација и повторно вклучување во систем. Тоа се посточеки три бунари во бунарскиот систем Инџиково, каде се испитува квалитетот на водата од тие три бунари, со физичко хемиски карактеристики и од микробиолошки аспект“,
вели Емилија Аневска, раководителка на секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“.
Но, процесот на вклучување на старо-новите бунари во системот е бавен, бидејќи прво мора подолго време да се следи квалитетот на водата. Истовремено, скопски Водовод од 2013 до 2020 година трагал по нови, алтернативни извори за водоснабдување. Од испитувањата на Патишка, Кадина, Мала река и изворот Врело, резултатите покажале дека изворот Врело може веднаш да се користи за вода за пиење. Но, за да се случи тоа, потребни се пари кои засега ги нема.
„Секако дека треба да се бараат инвестиции и сметам дека и градот Скопје е свесен за тоа и заедно може да направиме за во иднина да ги ставиме во употреба овие алтернативни извори за пиење на водата, меѓутоа исто така сите ние граѓаните треба да бидеме свесни да ја зголемиме свеста за рационално искористување на водата, да се сочува квалитетот и капацитетот на водните ресурси. Само така би можело долгрочно да немаме никакви проблеми во водоснабдувањето на градот Скопје“,
вели Катерина Димовска, оперативна директорка на ЈП „Водовод и канализација“.
Дали вклучувањето на новите извори може наскоро да стане реалност прашавме во Град Скопје, под чија капа е скопски Водовод. Одговор не добивме.
А потребата е повеќе од очигледна штом Рашче веќе не е доволен, туку мора да се користат и бунарите.
Сепак, поглед во годишните извештаи на „Водовод и канализација“ покажува и друга слика. Додека водата се повеќе ја нема, таа и тешко се наплаќа. Лани Водовод успеал да наплати само 40% од вкупно произведената вода. Во останатите 60% влегуваат технички губитоци поради истекување, дефекти, нелегални приклучоци, како и големото количество питка вода која се користи за полевање на зеленило и миење на улици.
„Како што знаеме, поголемиот дел од водоводната мрежа во градот Скопје е стара 50 години и претежно е изградена по експанзијата на градот по земјотресот во 1963 година и тука е разбирливо дека ќе доаѓа до поголем број на дефекти. И затоа Водовод издвојува околу 100 милиони денари за да се замени стара со нова мрежа, исто така, и за санација на овие дефекти. Секако, може и поголема вредност да издвојуваме, меѓутоа, тоа претставува голем трошок за нашето претпријатие“,
објаснува Димовска.
Скопје не е единствен град кој се мачи со обезбедување вода за пиење. Така е и во Куманово, чии граѓани примарно се снабдуваат од акумулациите Липково и Глажња. Во одредени периоди од годината, сепак, тие не се доволни за редовните потреби.
„Целокупната количина на вода за градот Куманово се зема од Глажња и Липково. Во зимскиот период кога е исклучен бајпасот користат бунари. Тоа се случува кога нивото на Глажња и Липково е намалено за да се сочува водата во летниот период“,
објаснува Оливер Илиевски, кој е директор на АД „Водостопанство Кумановско – липковско Поле“.
Илиевски објаснува дека од браните со кои стопанисува Водостопанство се испуштаат 230 литри во секунда, а низ цевките до кумановскиот водовод се губат 10 литри во секунда. Кога водата ќе влезе во системот на кумановскиот водовод, губитоците се далеку поголеми – лани биле 55 отсто од вкупно произведената вода. Виновници се старата мрежа и дивите приклучоци, вели директорот Стојмановски.
„Заменивме околу 9 500 водомери кај домаќинства со електронски водомери и 500 водомери кај правни лица со што, во тие делови на градот каде ја извршивме замената на водомери, имаме намалување на загуба до 12 насто. Тоа многу помогна. Во склоп на истиот проект имаме добиено опрема за детектирање на дефекти на водоводна мрежа кои ги користиме во моментот“,
вели директорот на ЈП „Водовод – Куманово“, Оливер Стојмановски.
За одржување на водоснабдителните системи се потребни инвестиции кои се скапи, потенцира Илиевски, а од друга страна јавните претпријатија се соочуваат со апсурдни ситуации, бидејќи ресурсите со кои стопанисуваат воопшто не се во нивна сопственост.
„Ниту една брана во Македонија нема имотен лист дека е во сопственсот на МЗШВ или Водостопанство. Ако ги погледнете овие површини под водата на Катастар ќе ви излезат се уште под физички лица. Тогаш е направена експропријација, но не е спроведена до крај. Водостопанство нема такви средства за да може да инвестира и да го пренамени земјиштето. Правиме некои проекти за да поставиме фотоволтаици овде над водата и треба дозвола за градба од Министерството за транспорт и врски, а тоа министерство ви бара имотен лист, да е во ваша сопственост“,
смета Илиевски.
Кочани не е блиску до Скопје и Куманово, но проблемите се слични. И таму загубите се големи поради застарени водомери, кражби на вода и некотролирана потрошувачка во некои маала, која не се наплаќа. Градот се снабдува со вода за пиење преку бунарски систем, која двапати се препумпува поради големата висинска разлика. Потоа, се третира во фабриката за вода и се спушта во цевководите кои ја носат во станицата за пиење.
„Досегашните искуства покажуваат дека некои посериозни рестрикции нема освен кога се појавуваат некои екстремно високи температури односно кога нема врнежи, како што беше минатото лето и ситуацијата кога го зафати Кочани со пожарите. Во мал дел се намалува издашноста на изворите – да, но само тогаш правиме рестрикција, бидејќи поради високите температури граѓаните почесто користат вода и доаѓа до пад на притисокот и одредени зони остануваат без вода за пиење“,
вели Иванов.
Ваквиот чекор, тврди Иванов, е повеќе превенција отколку реална опасност дека ќе снема вода за пиење. Но, загрижува што само 30% од произведената вода, на крај, и се наплаќа.
„Сега инсталиравме нов дел од потисниот цевковод, беше заменет 2,5 километри. Веќе се чувствува и зголемување на протокот со намалена потрошувачка на струја, бидејќи цевководот е нов и на него нема наслаги. Загубите на вода барем да ги намлиме за неколку проценти односно оние кои се во наша надлежност – да замениме дел од водомерите, старата и дотраена канализациона мрежа во деловите каде има почести дефекти веќе вршиме и замена на тие линии, на цели линии. Барем во рамките на нашите можности да ги намалиме“,
вели Иванов.
Иванов, во моментот, е в.д. директор на претпријатието, но и претседател на Управниот одобор на Здружението на даватели на комунални услуги во кое членуваат 15 јавни претпријатија. Од таа позиција, Иванов смета дека државата мора да направи национална стратегија за отстранување на проблемите со кои се соочуваат претпријатијата.
„Секогаш сме отворени за соработка со владата да ги видиме нивните размислувања кои се во тој правец да седнеме на заедничка маса да се направи некоја стратегија со цел како што кажавте и вие да не се доведеме до ситуација да имаме вистински рестрикции на вода во периодот кој што следи“,
вели Иванов.
Процентот на неприходувана вода е еден од клучните параметри преку кои се оценува успешноста на работата на давателите на водни услуги. Според извештајот на Регулаторна комисија за енергетика во 2021 година, процентот на неприходувана вода изнесува 60,46 насто. Тоа значи дека се наплаќа само околу 40% од произведеното.
Најголеми губитоци, со над 70 отсто има во Североисточниот и Полошкиот регион. Следуваат Источниот и Вардарскиот регион каде не се наплаќа меѓу 60 и 70 отсто од водата. Во Скопскиот, Југозападниот и Југоисточниот регион губитоците се помеѓу 50 и 60 отсто. Ситуацијата е најдобра во Пелагонискиот регион, каде не се фактурира околу 49 отсто од водата.
Но, и Пелагонискиот регион е далеку од стандардите на Меѓународната асоцијација на води, според која, прифатливи загуби на вода за пиење во водоводните системи се до 30 отсто. Односно, двојно помалку од актуелниот процент на неприходувана вода во земјава на национално ниво.
А додека 60% од произведената вода се губи, се намалува и самото производство. Според Регулаторната комисија, лани имало речиси 7 отсто помалку вода која влегла во системите за водоснабдување споредено со претходната, 2020 година.