Овој документ засега важи само во угостителските објекти од 22 часот, а дали овој вид мерка ќе се прошири и на останатите затворени објекти останува да се процени во наредниот период
Од синоќа во 22 часот започнаа да се применуваат ковид-пропусниците во Србија, кои се неопходен услов за престој во ресторан, кафуле, клуб или кој било друг угостителски објект. За сите кои нема да ја почитуваат оваа одлука, од понеделник следуваат казни.

Со ковид-пропусницата гостите докажуваат дека примиле две дози од вакцината, но не пред повеќе од седум месеци, (или третата доза во меѓувреме), дека имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, негативен антиген тест не постар од 48 часа.
Овој документ засега важи само во угостителските објекти од 22 часот, а дали овој вид мерка ќе се прошири и на останатите затворени објекти останува да се процени во наредниот период.
Контролата на угостителските објекти ќе ја вршат инспекциски органи на чело со комуналната милиција и комуналните инспектори, а за оние кои нема да ја почитуваат оваа одлука следува парична казна.
Provera kovid propusnica #N1 pic.twitter.com/GvkJ2uizLS
— TV N1 Beograd (@N1infoBG) October 23, 2021
Како што најави претседателот на Координативната комисија за инспекциски надзор и министерка Марија Обрадовиќ за РТС, на терен ќе бидат околу 2 400 инспектори, сите 46 инспекции во Србија кои ќе контролираат дали се почитува одлуката што мора да ја имаат сите гости во угостителските објекти по 22 часот.
За овие два дена викенд инспекторите ќе имаат улога на „советодавен надзор“, додека од понеделник ќе се казнува..
Голема одговорност ќе сносат и чуварите, кои ќе бидат задолжени за проверка на гостите, дали имаат потврда за престој во објектот по 22 часот или ќе треба да заминат.
Како што изјави Обрадовиќ, доколку во затворениот дел од угостителскиот објект има луѓе без потврда за ковид по 22 часот, тој објект ќе се испразни и затвори 24 часа. А ако тоа се повтори и следниот ден, ќе следува казна – од 300 000 динари за правно лице, за одговорно лице малку пониска казна, како и 5 000 динари казна за граѓанин кој не се придржувал до мерката.

Заедно со почетокотна мерката, во Белград се одржа уште еден протест против воведувањето задолжителни ковид- сертификати, на кој според известувањето на тамошните медиуми имало околу 200 луѓе.