„Тука со нас се присутни претставници од надзорот, од изведувачите, од фирмата која ја гради Универзалната сала. Апелирам за брзо расчистување за тоа кои се причините за пожарот. Апелирам и на тоа да не се шират шпекулации. Нема жртви, нема починати лица, целиот објект беше празен. Направена е материјална штета која најбрзо ќе се утврди колкава е пред да се продолжи со градба“, вели министерката за култура
Нема жртви и нема повредени во денешниот пожар што избувна во Универзалната сала во центарот на Скопје. Има материјална штета, за што ќе треба дополнително да се утврди колкава е пред да се продолжи со градба на објектот. Ова денеска пред опожарената Универзална сала го изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која, како што рече, откако и било јавено дека избувнал пожар во салата, веднаш се упатила на местото на настанот.

Таа испрати апел за брзо расчистување на случајот.
„Најпрво жалам што денес сме овде со оваа причина. Јас сум многу вознемирена од ова што го гледаме зад нас. Утринава околу 9 часот бевме информирани дека избил пожар во Универзалната сала и веднаш дојдовме тука. Гледаме дека пожарот е веќе локализиран и дека е веќе изгаснат. Повикувам за брзо постапување од страна на сите институции“,
рече таа.
Министерката за култура замоли и да не се шират шпекулации за целиот настан.
Тука со нас се присутни претставници од надзорот, од изведувачите, од фирмата која ја гради Универзална сала. Апелирам за брзо расчистување за тоа кои се причините за пожарот. Апелирам и на тоа да не се шират шпекулации. Нема жртви, нема починати лица, целиот објект беше празен. Направена е материјална штета која што најбрзо ќе се утврди колкава е, пред да се продолжи со градба“
вели Костадиновска-Стојчевска.
Според неа, пред да се продолжи со какви било активности на Универзалната сала, заедно со стручни лица од Градежниот факултет и сите релевантни институции кои учествуваа и досега, ќе се утврди причината за штетата.
„Морам да потенцирам дека објектот е осигурен. Што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата што е направена и потоа ќе се продолжи со градба“,
вели таа.
На новинарско прашање каква е проценката на штетата, Костадиновска-Стојчевска рече дека за ова можат да одговорат инвеститорот, надзорот и раководителот на објектот.
„Јас би сакала тие да дадат по стручен одговор на тие прашања, затоа што се она што ја ќе го изјавам може поинаку да биде поинаку истолкувано. Би сакала и тие да ви дадат одговор на она што е како штета што се случило внатре. Иако би сала, да почекаме да заврши увидот и надзорот за да можеме да кажеме што всушност се случило и која е вистинската причина за пожарот“,
рече министерката.
Таа додаде дека медиумите за овој случај ќе бидат известувани тековно, редовно, транспарентно, со цел, како што рече, за да се добијат информации што е точно она што се случило во Универзалната сала, за да се избегнат шпекулации од секаков вид.
Утрово некаде по 9 часот избувна пожар во Универзалната сала во Скопје. Откако пожарникарски екипи интервенираа, беше локализиран два часа по избувнувањето.
Поради отежнатиот пристап кон објектот, пламените јазици ги гаснеа пожарникари со помош на кран. Како што објави ЦУК, гореше една од куполите на Универзалната сала.
Репортерите на „360 степени“ од терен известија дека паднала внатрешната дрвена кровна конструкција во една од куполите.
По пожарот што ја зафати Универзална сала, на Фејсбук се огласи и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која го повика Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека во прашање е човечки фактор, институциите да покренат соодветни постапки за одговорност.
„Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи, ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме! Две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од градот да потпише градба и продолжи било каква реализација“,
пишува Арсовска на Фејсбук.