Според исландската метеоролошка служба, во последните 24 часа се регистрирани околу 200 земјотреси, а се уште постои голема веројатност за вулканска ерупција
Сеизмичката активност и подземните текови на лава се интензивираа во изминатите неколку дена на полуостровот Рејкјанес, во близина на главниот град Рејкјавик, поради што властите пред шест дена евакуираа речиси 4 000 луѓе од рибарскиот град Гриндавик.
Според исландската метеоролошка служба, во последните 24 часа се регистрирани околу 200 земјотреси, а се уште постои голема веројатност за вулканска ерупција.
Во последното известување од метеоролошката служба се наведува дека најверојатниот извор на ерупцијата е северно од градот Гриндавик, во близина на планината Хагафел.
„Во последните 24 часа се регистрирани вкупно околу 2 000 земјотреси. Повеќето од нив се мали земјотреси под 1 степен, но утринава во 6:35 часот е измерен земјотрес со јачина од 3 степени во Хагафел“,
известија од метеоролошката служба.
„Тоа е нереално“
„Како да седите во некој многу досаден филм, но сте заглавени таму, не можете да излезете од него. Тоа е нереално. Тешко е да се свари“,
изјави 62-годишниот Ејнар Дагбјартсон за Ројтерс кој е еден од евакуираните жители на Гриндавик.
Дагбјартсон изјавил дека не спиел добро со денови и постојано ги проверувал вестите за да види дали ерупцијата започнала.
Тој се надева дека ќе може да се врати дома и покрај се.
„Дури и половина град да потоне, да опстане пристаништето, важно за живот, се ќе се изгради повторно. Ако пристаништето исчезне, тогаш веќе нема живот овде“,
рекол тој.
„Никој веќе не живее овде“
„Никој веќе не живее овде. Од 3 800 жители, сега има нула. Дозволуваме луѓето да влезат во нивниот дом по пет минути. По еден човек од секој дом оди по пет минути и ги грабнува сите потребни работи“,
изјави за Ројтерс Стефан Велемир, локален полицаец, додавајќи дека некои куќи се веќе целосно оштетени бидејќи земјотресите создале големи пукнатини на улиците и тротоарите во градот од кои излегувало пареа.
„Лавата е под нашата куќа“
Ингибјорн Гретарсдотир за Ројтерс изјави дека морала да чека во ред пет часа, надевајќи се дека ќе се врати во градот за да ги собере работите од нејзиниот дом во црвената зона – областа која се смета за најопасна и најблиску до местото каде што се очекува ерупцијата.
„Градот изгледа страшно. Многу е тешко да се оди таму и да се види сè. Лавата е под нашата куќа… Не знаеме дали ќе имаме дом или што… не знаеме ништо “,
рече таа, откривајќи дека нејзината куќа засега е во добра состојба, но дека земјата во близина на куќата е потоната за околу 90 сантиметри.
🌋 Now a volcanic eruption in Iceland is becoming imminent as magma rises closer to the surface. Interview with Prof. Thorvaldur Thordarson. #grindavík #grindavik #iceland #island #volcano #vulkan pic.twitter.com/abkG49ZQoP
— Marco Kaschuba (@marco_kaschuba) November 17, 2023