Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор и Извршен директор во СВН во М-НАВ, кој е именуван од страна на Владата, месечно зема плата од 345 000 денари. За една година тоа се 4 140 000 денари, а за мандат од 4 години 16 560 000 денари, посочи Томовски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска објави нова афера „Паразити“. Од партијата обвинуваат дека владини функционери, во услови на инфлација и минимална плата од 18 000 денари, за еден месец заработуваат колку што поголем број од граѓаните можат да заработат за нецели две години.
„Од денес почнуваме со изнесување во јавноста на факти од аферата Паразити, преку кои ќе објасниме како одредени функционери именувани од владата живеат во луксуз додека народот страда. Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор и Извршен директор во СВН во М-НАВ, именуван од страна на владата, месечно зема 345 000 денари на име плата. За една година тоа се 4 140 000 денари, а за мандат од 4 години 16 560 000 денари. Ако оваа сума се подели со 18 000 денари колку што е просечната плата, се добива 920, тоа е бројот на месеци, што е еднакво на 76 години, кои што се потребни за да се заработи таа сума на пари со минимална плата“,
рече денеска на прес-конференција Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Ништо поразлично, додаде тој, не е ниту членот на УО и дзвршен директор во СВТ на М-НАВ, Владо Крстевски, кој зема 266 000 денари месечно.
„За четири години Крстевски од државата ќе земе 12 768 000 денари на име плата. Овие двајца функционери именувани од владата за еден свој мандат во М-НАВ заедно ќе наплатат половина милион евра само за плата. Двајцата директори во М-НАВ ја чинат државата еден голем булевар, или само со парите за нивни плати за 4 години може да се купат 8 амбулантни возила или три противпожарни возила. За овие функционери од власта нема криза, се додека е СДС на власт, и се додека истото тоа СДС зема кредити и се задолжува буџетот, ќе може да им се исплаќаат плати и пари кои што поголемиот дел од народот нема никогаш во живот да ги заработи“,
рече Томовски.