„Да не беа СДС и нивната болна желба за власт по секоја цена, буџетот немаше да биде оштетен за неколку милиони евра од Груби и неговите другари“, рече пратеникот Петрушевски
Венко Филипче како врвен функционер на Социјалдемократскиот сојуз знаел за криминалот што го прави Артан Груби, рече денеска на прес-конференција пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, коментирајќи го случајот со поранешниот вицепремиер кој изминатата недела е главна тема во јавноста.
„Со години Артан Груби ја краде државата, а СДС знае и молчи. Кога ВМРО-ДПМНЕ зборуваше дека СДС се измеќари на ДУИ, токму на ова мислеше. СДС одмолча и го дозволи криминалот на Груби за да не му се налути и ДУИ да не излезе од коалиција“,
рече Петрушевски.
Посочи дека опозицијата и Филипче треба да им се извинат на граѓаните за случајот со Груби.
„Да не беа СДС и нивната болна желба за власт по секоја цена, буџетот немаше да биде оштетен за неколку милиони евра од Груби и неговите другари“,
вели пратеникот.
Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот. За Груби и Бајрами се објавени и меѓународни потерници.