Симулацијата на бројот на пратенички мандати кои би ги освоиле партиите доколку вчерашните избори беа парламентарни, покажува дека владејачката СДСМ би изгубила безмалку половина од бројот на пратениците во Собранието
ВМРО-ДПМНЕ со 53, коалицијата „Влен“ со 12 и ЗНАМ со 10 пратеници, би имале комотно мнозинство од 75 пратеници доколку досегашното меѓусебно разбирање се претвори во коалиција
Синоќа не мораше да се следат бројките од Државната изборна комисија за да се дознае епилогот по првиот круг од претседателските избори. Славјето пред ВМРО-ДПМНЕ, во кое безрезервно се впушти и лидерот Христијан Мицкоски, беа показател не толку за тоа дека нивната кандидатка води по првиот круг, туку дека се најавува смена на силите на македонската политичка сцена.

Таа промена треба да се случи со прераспределба на 120-те столчиња за пратеници во Собранието, за што ќе се гласа за две недели. Прашањето што си го поставивме е – како би изгледал парламентот, ако вчерашните претседателски, беа парламентарни избори?

По пресметките кои, делумно ги направивме сами, а делумно се должат на аналитичките центри на партиите, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата би освоиле 53 пратеници. Втори би биле СДСМ и коалицијата со 24 пратеници. ДУИ и коалицијата би добиле 17 пратеници, здружената опозиција на партиите на Албанците 12 пратеници, а ЗНАМ на Максим Димитриевски би стигнале до 10 пратеници. Левица би имала до 4 пратеници.
Споредено со резултатите од претходните парламентарни избори, промените изгледаат вака.

СДСМ би имале 22 пратеника помалку од пред четири години. Но, тука треба да се земе предвид дека во 2020 СДСМ настапи заедно со БЕСА, која подоцна ја напушти коалицијата, а четири нејзини пратеници дејствуваа самостојно.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата добиваат плус 9 пратеници од претходните парламентарни избори.
И ДУИ се во плус. По парламентарните избори во 2020 имале 15 мандати, а проекциите по вчерашното гласање покажуваат 17. Сепак, треба да се има предвид дека ДУИ вчера настапи во коалиција со ДПА, која досега имаше еден пратеник, но и со партии на Турците, Ромите, Бошњаците. Згора на тоа, ја имаа и поддршката на крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Потешко е да се споредат мандатите на опозицијата кај партиите на Албанците. Во 2020, опозициски фронт беа Алијанса за Албанците и Алернатива кои освоија 12 места. Сега, заедно со Беса и дел од ДУИ, но и само со еден дел од Алијансата за Албанците, повторно би имале исто – 12 мандати.
субјект | Парламентарни избори 2020 | Претседателски 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 46 | 24 | -22 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 44 | 53 | +9 |
ДУИ | 15 | 17 | +2 |
ДПА | 1 | / | / |
ВЛЕН | 12 | 12 | = |
Левица | 2 | 4 | +2 |
ЗНАМ | 0 | 10 | +10 |
Левица, пак, би пораснала од 2 на 4 мандати во Собранието. Иако, гласовите кои вчера ги освои Билјана Ванковска се маргинално подобри од резултатот на Левица на претходните парламентарни избори.
На крај, најголем победник би бил ЗНАМ на Максим Димитриевски. Партијата која не постоеше на минатите парламентарни избори, со вчерашниот резултат, би добила 10 мандати.
Каде се прави разликата? Еве што покажува анализата, по Изборни единици:
Во единицата, СДСМ губи четири мандати, а по два добиваат ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Другите, остануваат исти. Но, повторуваме, во 2020 СДМС беше во коалиција со Беса, а здружената опозицијата на партиите на Албанците не ја вклучуваше партијата на Изет Меџити, а Алијансата за Албанците беше цела.
ИЕ 1 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 8 | 4 | -4 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 7 | 9 | +2 |
ДУИ | 2 | 2 | = |
ДПА | 0 | 0 | 0 |
ВЛЕН | 2 | 2 | = |
Левица | 1 | 1 | = |
ЗНАМ | / | 2 | +2 |
Поразот за владејачкиот СДСМ е уште поголем во двојката. Таму, би изгубиле четири мандати од вкупно седумте кои ги имале по претходните избори. Така, сега би имале три мандати, исто колку и ЗНАМ на Максим Димитриевски. ВМРО-ДПМНЕ добиле еден мандат плус, како и Левица. ДУИ останува со три пратеници од двојката, а опозицијата кај Албанците губи еден пратеник.
ИЕ 2 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 7 | 3 | -4 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 7 | 8 | +1 |
ДУИ | 3 | 3 | = |
ДПА | 0 | 0 | = |
ВЛЕН | 3 | 2 | -1 |
Левица | 0 | 1 | +1 |
ЗНАМ | / | 3 | +3 |
Во тројката, СДСМ губи четири пратеника, а по два добиваат ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. На исто останував Левица – со еден пратеник.
ИЕ 3 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 9 | 5 | -4 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 10 | 12 | +2 |
ДУИ | 0 | 0 | = |
ДПА | 0 | / | / |
ВЛЕН | 0 | 0 | = |
Левица | 1 | 1 | = |
ЗНАМ | / | 2 | +2 |
Во четворката, СДСМ губи четири мандати. Најголем ќар од тоа повторно има Максим Димитриевски кој добива 2 мандати, а по еден екстра, споредено со претходните избори, оди кај ВМРО-ДПМНЕ и кај Левица.
ИЕ 4 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 10 | 6 | -4 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 10 | 11 | +1 |
ДУИ | 0 | 0 | = |
ДПА | 0 | 0 | = |
ВЛЕН | 0 | 0 | = |
Левица | 0 | 1 | +1 |
ЗНАМ | / | 2 | +2 |
Во петката, СДСМ губи три мандати. ВМРО добива два, а еден ЗНАМ. ДУИ и опозицијата на партиите на Албанците остануваат со исти сили.
ИЕ 5 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 8 | 5 | -3 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 8 | 10 | +2 |
ДУИ | 3 | 3 | = |
ДПА | 0 | 0 | = |
ВЛЕН | 1 | 1 | = |
Левица | 0 | 0 | = |
ЗНАМ | / | 1 | +1 |
И, во шестката, СДСМ паѓа од четири на еден пратеник. Повторно, треба да се земе во предвид дека ефектот тука најмногу се должи на коалицијата со Беса на претходните избори. Еден пратеник плус би добила ВМРО-ДПМНЕ. Дури два пратеника плус, од седум на девет, би имале ДУИ и партнерите, но не треба да се заборави дека со нив сега е Мендух Тачи, чија партија имаше еден мандат на претходните избори. Седум пратеници би добиле ВЛЕН, што е послаб резултат од ДУИ, но е подобар од резултатот на опозицијата во оваа изборна единица на минатите парламентарни избори.
ИЕ 2 | Парламентарни избори 2020 | Претседателски избори 2024 | разлика |
СДСМ и коалиција | 4 | 1 | -3 |
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција | 2 | 3 | +1 |
ДУИ | 7 | 9 | +2 |
ДПА | 1 | 0 | -1 |
ВЛЕН | 6 | 7 | +1 |
Левица | 0 | 0 | = |
ЗНАМ | / | 0 | / |
Се на се, ако вчерашните парламентарни избори се најточната анкета за претстојните парламентарни избори, а имајќи ги предвид сегашните односи меѓу партиите, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН заедно би имале 75 пратеници. Тоа е и повеќе од комотно мнозинство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: