Копретседавачот од македонска страна на мешовитата Комисија, во интервју за Сител, истакна дека не е работа на ова тело да го утврдува идентитетот на Гоце Делечев, туку да се постигне договор како тој заедно да се чествува
Ниту премиерот ниту министерот за надворешни работи, никогаш досега не се јавиле да интервенираат или да кажат дека нешто треба да се направи вака и онака. И нашите политичари никогаш не излегле јавно ставови , како што тоа се случува во Софија, изјави вечерва Драган Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија со Бугарија, во интервју за Сител.
Тој рече дека пред неколку месеци се почувствувала тезичност во мешовитата Комисија, во однос на позициите со кои излезе Бугарската академија на науките. Сепак, како што рече, застојот во работата на Комисијата, е од објективни причини, поради ковид-кризата и пролонгирањето на изборите во земјава.
„Да не беше кризата со ковид-19, која ја одложи десеттата средба на Комисијата, сега веројатно веќе ќе се подготвуваваме за 11 средба“,
рече Ѓоргиев.
Тој истакна дека не е работа на Комисијата да го утврдува идентитетот на Гоце Делечев, туку да се постигне договор како тој заедно да се чествува. Професорот очекува работата на Комисијата, која беше прекината кон крајот на минатата година, наскоро да продолжи со работа.
„Архивска документација за Гоце Делчев постои. Постојат документи во кои тој се декларирал како Бугарин. Но, постојат и документи во кои Гоце Делчев зборува за Македонци, Македонки, за држава Македонија. Овој спор ќе се реши само ако се напуштат тврдите ставови. Треба да го чествуваме заеднички и да се земат предвид двете перцепции“,
истакна професорот Ѓоргиев.
Тој очекува македонскиот тим да се сретне со бугарските колеги на крајот на септември или почетокот на октомври, откако и новиот шеф на дипломатијата Бујар Османи најави рестартирање на комисиите со Грција и со Бугарија, кои произлегоа од Преспанскиот и од Договорот за добрососедство.
Ѓоргиев потенцира дека прашањето за македонскиот јазик не смее да се отвора и тоа не треба да биде предмет на расправа на Комисијата.
Македонските историчари во Комисијата со Бугарија вечерва добија поддршка од опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на протестот посветен на Гоце Делчев, ги повика своите поддржувачи, со аплауз да ги поддржат нашите историчари.