Заменик–народниот правобранител, Јован Андоновски, со соработничката Љуљзана Мурати, оди во вонреден надзор на дом за стари лица. Причината е претставка од станари за високи сметки за парно. Уште пред влезот, добија првична слика за проблемот.
„Овде сум благодарна што имам кров над глава, сега парното 3 000, јас ако имам, и викам на Васка, ако може кожата Васке да ми ја земеш, поубаво да не живеам.
Андоновски: Ќе провериме зошто се толку високи сметки и ќе направиме сè што може да се намалат.
Барем да е како што треба парното мислам, тоа е тоа, ќе платиш, нема бегање“,
вели Маргарита Трајковска, станарка во Домот.

Станува збор за државен дом за стари лица во скопската општина Аеродром, а Народниот правобранител има ингеренции и ненајавено да дојде на лице место штом до него стигнат поплаки, како во случајов. Прво ја побараа управителката на Домот, Васка Костадинова, но таа не беше стигната на работа.
За кратко низ Домот се прочу дека се дојдени гости, па чекајќи ја управителката, добија придружба од станарите за да ги видат собите.

„Многу се мачиме сине, ќебиња, се што наоѓаме, само завиткај се, па ладно е“,
се пожали Јагода Илиева, станарка во Домот.

Високите сметки за парно ја натерале оваа станарка да се исклучи и да се грее на струја.
„Андоновски: Колку квадрати е ова?
16 квадрати.
Андоновски: Колку плаќавте за парно додека користевте?
2. 200 денари за овие 16 квадрати и јас го исклучив“,
сведочеше пред заменик-народниот правобранител, Владо Колев, станар во Домот.

Станарите плаќаат симболична кирија за домување и секој посебно си ги подмирува сметките за комуналии од свој џеб. Домот има околу 140 соби, од кои само 27 сега се приклучени на парно. Корисниците на оваа услуга најмалку говореа за високите сметки пред камера, оти стравуваат дека ако се пожалат јавно, ќе останат без кров над глава. Сметките за парно со години им се движат од 1 500 до 3 000 денари за по една соба во која се сместени.
Баба Трпана е една од малкуте што сè уште се греат на парно. За загревањето на овие неколку квадрати, месечно издвојува околу 1 500 денари постојано.
„Епа, ете. Од пензијата не купуваме што ќе ни текне, гледаме да истераме“,
вели таа.

И додека паралелно со заменик-народниот правобранител ги запознававме станарите, се појави управителката на Домот.
По кратко, Андоновски и соработничката беа поканети на разговор, но не и ние. Состанокот заврши за половина час.
„Нѐ информираа дека инсталацијата е многу стара, дека станува збор за соголени цевки кои не се воопшто изолирани и веќе во старт се губи значителна количина од енергијата. Сега оттука сакаме да одиме до БЕГ, да поразговараме со одговорно лице, да ги слушнеме и нивните ставови и размислувања, да добиеме информации на што се должи ваквата фактичка состојба, зошто сметките се толку високи“,
ни кажа Андоновски.

Ја побаравме и управителката, но таа првично ја одложи изјавата, а потоа не одговори позитивно на нашите барања за став. И ние отидовме до БЕГ.
Ова е десетта година како „Балкан енерџи груп“ снабдува делови од Скопје со топлинска енергија, меѓу кои и општина Аеродром каде е Домот за стари лица. Овде, очекувано, не добивме дозвола да влеземе со заменик-правобранителот.

За помалку од половина час, Андоновски излезе и ни кажа како се изјаснила втората страна и за мрежата и за високите сметки.
„Станарите на домот, во моментов, плаќаат нешто над 100 денари по метар квадратен, односно на вкупната површина на домот, која е околу 3 000 квадратни метри, целокупната сума се дели само на оние што ја користат услугата, и затоа имаат многу повисоки износи. Доколку сите станари во домот се приклучат на услугата за топлинска енергија, во тој случај тие би плаќале значително помал износ којшто, според нивните пресметки, е 45 денари по метар квадратен. Компанијата искажа и добра волја поради дотраеноста на внатрешната инсталација и низа дефекти што постојат во објектот, да излезат во пресрет и дел од трошоците да бидат покриени од нивна страна, само да може да се стави повторно цeлиот објект во функција“,
образложи Андоновски.
Неговите информации ги потврдија и од БЕГ – велат дека се работи за регулирана дејност, во согласност со важечките закони.
„Висината на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите зависи исклучиво од измерената количина на испорачана топлинска енергија, која, пак, зависи од временските услови и енергетските карактеристики на објектот. Во објектот Пензионерски дом Аеродром има голем број исклучени станбени единици, околу 80%, кои значително влијаат на загубите на топлинска енергија во внатрешната грејна инсталација и, дополнително, ги оптоваруваат фактурите за … вклучените потрошувачи“,
се вели во одговорот од „Балкан Енерџи Груп“.
„360°: Правобранителе, дали е фер, дали е правично тие што користат парно да плаќаат и за тие што не користат?
Токму тоа сакав да кажам, правно е покриено, правично воопшто не е… Моето лично размислување е, но, секако, одлуката е на жителите на Домот и на управителот на Домот, би било за нив многу поисплатливо доколку сите се приклучат на мрежата на Топлификација“,
вели Андоновски.

За судбината на станарите oд ранлива категорија ќе се одлучува на состанок неделава меѓу Народниот правобранител, Фондот за пензиско осигурување, Министерството за труд и социјална политика, БЕГ и управителката на Домот.
„360°: Доколку не се постигне договор, што би можело вие да преземете?
Дополнително, евентуално ние би можеле да интервенираме во делот на легислативата, законските, подзаконските акти, сепак, да се најде некое поправично решение. Би разговарале на таа тема и со Регулаторната комисија за енергетика, затоа што, сепак, станува збор за исклучително сензитивна категорија на лица, а постои и размислување да се договори некакво разумно решение и со ПИОМ и со МТСП, затоа што станува збор за пензионерски дом којшто е под државна капа. Би било добро доколку може и државата да се вклучи во конкретниов случај да субвенционира дел од тој износ“,
смета Андоновски.

И додека се чека решение, станарите се молат за што посончеви денови во февруари, за да не мора да мрзнат. Вклучување на дополнителни грејни тела на струја е луксуз за нивните ниски пензии и си го дозволуваат само во неиздржливи ситуации.

Единствено што сакаат е помош и разбирање за подостоинствена трета доба која поради најразлични лични судбини ја поминуваат под државен покрив.