Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, се емитува вечерва (1 јули 2024 г.) од 23:15 часот на МРТ 1
Зошто се нафати да раководи ресор за кој, заедно со Здравство, има најмногу поплаки и очекувања од граѓаните – е едно од прашањата што ѝ ги поставуваме на новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, која гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Кои се првите теми на кои ќе се фокусира, кој ќе реши што е добро, а што лошо во Концепцијата за основно образование (од времето на Мила Царовска), кој е рокот за најавената ревизија на Концепцијата, ќе ги има ли сите учебници за основците на 1 септември, како ја замислува Националната стратегија за образование и како да се стигне до неа – се, исто така, прашања на кои бараме одговори од министерката Јаневска. Разговараме и за тоа како мисли да ја оствари заложбата од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за меѓуетничка интеграција во образованието. Јаневска ја прашуваме и зошто во биографијата доставена до Собранието не навела дека била в.д. претседателка на ВМРО – народна партија, како и зошто го нема бугарскиот меѓу јазиците што ги познава, како што пишува во нејзината биографија од времето кога беше пратеничка во Собранието (2006-2008 г.) Таа кажува и што мисли за тоа што министерката за енергетика Сања Божиновска во биографијата не декларирала дека има чешко, а сè уште формално и бугарско државјанство.
Емисијата се емитува од 23:15 часот на МРТ 1.