Ваков саркастичен одговор добивме од вработен во канцеларијата на Управата за водење на матични книги (УВМК) во Ѓорче Петров, откако добивме квалитетна услуга. За волја на вистината, коментарот и не беше баш саркастичен, бидејќи објектот во кој се вадат изводи, венчиници и умреници во оваа скопска општина има и дупка на покривот
Објектот на УВМК е најлошиот од сите во главниот град, заклучивме во нашата обиколка на подрачните канцеларии низ Скопје на оваа институција. Директорот вели дека веќе се реновираат најлошите, а за таа во Ѓорче Петров прво мора да се средат имотно-правните односи пред да можат да инвестираат
Овој објект не е напуштен. И покрај тоа што во некои простории нема прозорци, а има и дупка во покривот, во оваа зграда секојдневно работат јавни службеници. Таму се за да ги услужат странките – граѓани кои имаат потреба од услуга во подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Ѓорче Петров.

Отидовме и сами да се увериме дека во главниот град има јавна институција со дупка на покривот, откако случајот ни го посочи граѓанин. Тајно, му правевме друштво на лице кое имаше потреба од документ, а кое се согласи да ни помогне од прва рака да ги видиме условите и за вработените и за граѓаните. Нашиот познаник аплицираше за извод од книгата на родени. На прашање до вработените, за колку време ќе му биде готов, одговорот беше, во најмала рака, саркастичен:
360 Степени: Значи ќ, ќе ми се јавите или треба да дојдам тука за 5 работни дена, да уплатам и да го подигнам?
Администратор: Да, ако не падне зградата.
360 Степени: Па, да, ако не падне зградата. Во право сте.
Во оваа зграда има уште неколку канцеларии. Но, според она што го видовме, тие не се функционални. Има и сала за венчавање, која наликува на се, само не на сала за свечености.



Речиси една недела подоцна повторно отидовме во подрачната единица на матично во Ѓорче Петров. Сега, за да си го земеме нарачаниот извод од матичната книга на родените. За среќа, објектот сè уште беше тука. Ние брзо завршивме работа.

Но, прашавме за мислење и други граѓани кои беа дојдени за некој документ. Се пофалија од услугата, но не и од просторот.




„Од вработените – да, меѓутоа тие не се криви што работат во вакви услови, мислам ова го нема ни во Африка“.
360 Степени: Што мислите, што треба да се направи?
„Да се сруши, да се реновира – ама кој“,
вели жител на Ѓорче Петров.
„Па или да се преселат или да се реновира да личи на објект кај што има вработени, кај што има луѓе што живеат“,
рече друг жител на Ѓорче Петров.
„Не е добро тука ништо.Се е искршено.Каква е таа општина?Треба да се реновира се“,
вели друг жител.
360 степени: Дали се плашите да влегувате внатре?
,,Па, сега веројатно сте влегле внатре, сте виделе каква е ситуацијата, така што, сакаме не сакаме, мораме да одиме да извадиме документ. Имам некои посмртници да извадиме, да извадиме некој извод од умрените и тоа е што да правиме“,
рече жител на Ѓорче Петров.

Иако покривот не и беше оштетен, не ја биеше добар глас ниту подрачната единица на Управата за водење матични книги во Гази Баба. Таа се наоѓоа во склоп на објектот на некогашното училиште, а потоа Кино во населбата Маџари.
Просториите кои излгедаа постари одвнатре отколку што целата зграда изгледа однадвор, конечно, почнале да се реновираат. Работници, сепак, не начекавме.

Привремената локација е во соседната населба Сингелиќ. Сликата таму е подобра, но на граница на прифатлифа – стара зграда во која се наоѓаат неколку државни институции.

Управата за водење матични книги има повеќе канцеларии на државно ниво. Поточно, 8 подрачни единици, 26 регионални канцеларии и 178 локални. На некои од нив им е потребна итна интервенција, вели и самиот директор на институцијата, Емир Сулејмани. Додава дека дел од канцелариите за кои обезбедиле финансии моментално се реновираат.

„Поточно, почнавме да поправаме дел од канцелариите, имавме обезбедени средства за оваа година, односно за 2023 година, имаме предвидено средства и за следната година, кои се надеваме дека Министерството за финансии ќе ги одобри, бидејќи навистина е потреба на граѓаните. Во моментов работиме или ги привршуваме работите во градот Дебар, Преспа, во Охрид, во Скопје и во Битола. Сигурно ќе имаме уште нешто до крајот на година и верувам дека утврдивме за оние кои беа поитно потребни и за кои немаме проблеми со документација“,
вели Сулејмани.
За канцеларијата во Маџари, која во моментот кога ние снимавме на терен не работеше, Сулејмани убедува дека работите биле 90 отсто завршени.
„Веќе почнавме да даваме услуги и таа канцеларија е претворена во модерна канцеларија со современи услови, уредивме и сала за венчавки која ќе ја користат и другите канцеларии и ние. Може да се заклучи дека сите реновирања што ќе се направат ќе бидат од таа категорија. Канцеларијата во Маџари поточно е уредена и ги исполнува сите стандарди“,
рече Сулејмани.
Како ли изгледале кацнелариите кои сега се реновираат како приоритетни ако се уште нема пари за канцеларијата што ја посетивме во Општина Ѓорче Петров? Директорот на Управата вели дека таму има проблем од имотно-правна природа.


„Се согласувам со вас дека навистина е единица во која треба да се интервенира со поголема итност, но бидејќи имотот таму е на државата и ние автоматски побаравме од Државниот правобранител да се реши прашањето за сопственоста, бидејќи за да инвестираме во одредени канцеларии мора да имаме сопственост на тие канцеларии и чекаме одговор. Бидејќи живееме тука каде што живееме и знаеме колку се бавни административните процедури, имав и состанок со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров со кого разговаравме за овој проблем и заедно констатиравме дека оваа канцеларија е навистина во лоша или многу тешка состојба и додека се чека овој одговор или овие бирократски процедури, бараме и дислокација.Доколку овој проблем не се реши што е можно поскоро, ќе ја преселиме оваа канцеларија и граѓаните ќе можат да си ги исполнат потребите како што им одговара“,
вели Сулејмани.

Што останува кога и администрацијата се жали на бавна администрација? На вработените и муштериите во подрачната единица во Ѓорче Петров – само да чекаат. Ако до тогаш не падне зградата.