Станува збор за Законот за управни спорови, во кој од 2019-тата година постојат одредби со кои се отвори можност да се оспоруваат изборите, именувањата и разрешувањата на Собранието и другите органи на државната управа пред Управниот суд. Уставната судијка Елизабета Дуковска неодамна стана првата функционерка чиј избор беше поништен
Уставниот судија Осман Кадриу вели дека е недозволиво де-факто да се разреши уставен судија на таков начин и тоа две години по изборот, без притоа да се предвиди и право на жалба. Предложил Уставнот суд да отвори постапка за законот по службена должност, но потоа побарал расправата да се одложи. Сепак, очекува, дека и други ќе поднесат иницијативи
Стара вест е дека првпат во историјата на земјава Управниот суд донесе пресуда со која поништи одлука за избор донесена од Собранието. Се однесува на Елизабета Дуковска, избрана за уставна судијка во 2023 година како предлог на Судскиот совет.

Судскиот совет треба, според мене, треба да пристапи повторно кон гласање на истите предложени кандидати. И повторно да даде предлог. Бидејќи, мојот предлог не поништен. Дали ме разбирате? Поништена е одлуката за избор.
Елизабета Дуковска – доскорешна судијка на Уставен суд/судијка на Апелациски суд Скопје
Тужбата против изборот на Дуковска не беше поради нејзините квалификации, туку затоа што кога Судскиот совет ја утврди како предлог за уставен судија, не се изјасни за другите двајца кандидати.
Тоа отвори повеќе дилеми, на пример – како сега Судскиот совет ќе бира кандидат за испразнетото место?

Е сега, како ќе постапиме, пошто ние сме 13 луѓе, ние сме колективно тело, треба да се собереме сите заедно, да заземеме еден став.
кажа Александар Камбовски, претседател на Судски совет.
Последните информации сепак поставуваат уште едно прашање – дали првото историско „не“ на Управниот суд за Собранието, можеби ќе биде и последно?
Уставен суд vs ЗУС
На семејната фотографија на уставните судии повеќе ја нема Елизабета Дуковска. Но, таму се уште е Осман Кадриу. Го издвојуваме овој судија не само затоа што не се согласува со начинот на кој неговата колешка беше тргната од функцијата, туку и затоа што ги прави првите чекори – такво нешто да не се повтори.

Го искористив деловничкото право како судија поединец да поднесам и предлог до судот, а судот да постапи по предлогот и врз основа на расправата по предлогот да иницира постапка по службена должност и да ги уставно анализира, уставно да ги проблематизира и да изврши уставна контрола на овие одредби што ги спомнав. Претседателот на судот беше љубезен, секогаш е љубезен. Веднаш штом го доби предлогот, на прва работна средба на судот, на стручен колегиум го постави мојот предлог на дневен ред. Бев и сам на седница и право да ви кажам, од лични причини, предложив не да се повлече предлогот, туку расправата за предлогот да се одложи за едно друго време, догледно време. Како ќе се постапи во иднина ќе се види, меѓутоа јас нагласам дека очекувам дека ќе има иницијативи и од други субјекти, било да се тие физички лица, правни лица, политички партии и така натаму.
вели уставниот судија Осман Кадриу за „360 степени“
Судијата Кадриу не прецизираше на колкав точно временски период е одложувањето на расправата, но кажа дека има повеќе причини поради кои смета дека Законот за управни спорови треба да биде предмет на оценка од Уставниот суд. Една од клучните, вели тој, е што нема прецизно определени кратки рокови во кои Управниот суд може да поништи избор или разрешување од Собранието.

Во случајот на Елизабета Дуковска, тоа се случи цели две години откако таа почна да ја извршува функцијата.
Уште сега почнуваат да ни доаѓаат конкретни барања, конкретни иницијативи. И бараат – да се преотвори расправата по тие предмети по кои одлуката е донесена со пет гласа, а петтиот глас е на судијката Елизабета Дуковска. Како ќе се постапи и за нас е новина. Засега, морам да кажам, немаме текст.
вели Кадриу.
(Не)јасен избор
Собранието го донесе последниот Закон за управни спорови во 2019-тата година. Со него, управното судство за првпат доби надлежност да ги оценува одлуките за избор, именување и разрешување на парламентот.
Врз основа на тие одредби, Управниот суд во случајот на Дуковска го поништи нејзиниот избор во Собранието. Но, во образложението, се аргументираше дека згрешил Судскиот совет, кој предлага кандидат до Собранието. Пред судската влада имаше тројца кандидати, а тие гласаа само за оној што беше спомнат прв, бидејќи го добил потребното мнозинство. Тој кандидат беше Елизабета Дуковска.
Доколку Судскиот совет постапеше спротивно во тој случај ќе го повредеше Законот затоа што Законот не предвидува дека за кандидат ќе биде утврден предлогот кој добил најмногу гласови, туку според редоследното гласање за кандидат се утврдува оној кој го добил потребното мнозинство а тоа е најмалку осум гласа од членовите со право на глас.
изјави Зоран Герасимовски, член на Судскиот совет, на 22 март 2023
Тоа што го образложувавте апсолутно не држи зошто јас го имам пред мене Деловникот, таму правен основ за ова што вие го кажувате дека не знам по кој редослед може да се исклучат две кандидатки и да се гласа само за едната кандидатка апсолутно со правото ништо заедничко нема.
му реплицираше Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка
И што сега?
Врз основа на пресудата, но и јавно искажаните ставови, го прашавме претседателот на Судскиот совет – како, сега, ќе утврдат кандидат за судија за Уставниот суд?

Мислам дека под итно нашиот Деловник треба да содржи одредби во кои поблиску ќе го уреди начинот на кој ние ќе предлагаме до Собранието Уставни судии. Затоа што во моментов, ние немаме ништо во Деловникот. Ниту начин на гласање, ниту дали првиот што ќе добие осум гласови е избран за кандидат, ниту дали треба сите да се гласаат. Единствено во Деловникот сме предвиделе дека најмалку еден член, со најмалку уште тројца други членови со поддршка, може да предложи било кој од судиите во држава кои ги исполнуваат тие минимум формални услови коишто ги бара законот за Судски свет. А пак ниту самиот Закон за судски совет воопшто нема ништо предвидено за таа процедура. И сега, ако ние избрзаме повторно, без претходно ова да го решиме, без да предвидиме една јасна процедура на кој начин се доаѓа за предлогот за тоа кој да биде судија во Уставниот суд, мислам дека не треба да брзаме.
изјави Александар Камбовски, претседател на Судскиот совет, во интервју за „360 степени“.
И додека Судскиот совет допрва ќе одлучува како во иднина ќе утврдува кандидати за уставни судии, многу побрзо ќе се знае – каква ќе биде судбината на судиите од Управниот и од Вишиот управен суд кои постапуваа во предметот за Елизабета Дуковска. Поранешната уставна, а сега повторно апелациска судијка, поднесе барање за утрдување нивна одговорност.

Меѓутоа се на сам почеток, уште во оние претходни испитувања тие барања… во смисла дали ќе се продолжи натаму или не…
– Во какви рокови треба да се очекува…
Имаме јасни рокови. Би требало брзо да биде. Е сега, проблем е што доаѓа лето, што доаѓа судска ферија, меѓутоа дека сепак во некое брзо време дека тоа ќе го завршат колегите.
кажа Камбовски.
Што би било, ако би било
Чекање, веќе рековме, има и во Уставниот суд. Во моментов, јасен е ставот на судијата што го иницираше можното изјаснување на судот по службена должност за одредбите со кои се поништи изборот на Елизабета Дуковска.

Апсолутно сум против ваква регулатива, да може со една општа недефинирана одредба, да се внесат сите видови на избори и именувања, за сите функционери и сите јавни органи коишто се надлежни согласно Уставот и законот да вршат такви избори, односно именувања, да тие подлежат на законитост, односно на оценка на законитост и таа оценка да му се даде како надлежност на Управниот суд. Ако во постапката за избор има повреда и на постапката, а има повреда посебно по однос на исполнување на условите, јас сум на мислење дека такви одлуки не може по секоја цена да останат во правна сила без некоја контрола. Но, како ќе се врши таа контрола, на кој начин, во која постапка и во кои рокови, треба сепак законодавецот да размислува.
изјави Осман Кадриу.
Го прашавме судијата Кадриу и каков е ставот на неговите колеги за овие одредби од Законот за управни спорови. Не сакаше да зборува во името на други, освен за одредбите што не дозволуваат жалба.
Не знам која ќе биде генералната определба на судиите, знаете. Меѓутоа, сите скоро се на мислење дека по овие одредби, посебно по одредбата содржана во членот 69, со која одредба се уредува прашањето на правниот лек и неговата забрана, јас знам и длабоко сум уверен дека ниту еден судија нема да се согласи со ваква регулатива.

Дуковска се жалеше и беше одбиена не само за поништувањето на нејзиниот избор, туку и за фактот што на првичната пресуда на Управниот суд недостасуваа почетните зборови „Во името на граѓаните на Република Северна Македонија“. Како што рече во интервју за „360 степени“, такво нешто не било можно да се случи ако пресудата е пишувана во АКМИС системот.
Според неа, тоа било доказ дека пресудата е напишана однадвор, не исклучувајќи дека автор можеби е некој токму од Уставниот суд.