Мостот Антоновскиј, единствениот патен мост што може да се користи за преминување од украинскиот град Херсон до источниот брег на реката Днепар, односно до територијата контролирана од руските сили, е целосно уништен, објави утрово украинската јавна телевизија, повикувајќи се на локалните жители.

Телевизијата објави фотографија на која се гледа дека големи делови од мостот веќе не постојат. Вториот најблизок патен премин преку реките Днепар е оддалечен повеќе од 70 километри од градот Херсон.
Се уште не е целосно јасно што го предизвикало уништувањето на мостот.
Александар Котс, руски известувач кој е со руските сили во Херсон, објави видео на својот канал за кое тврди дека е снимено на остатоците од мостот Антоновскиј.
„Зад мене има два големи делови од мостот, кои се урнати“,
вели тој на видеото, додавајќи дека големи делови од мостот веројатно биле кренати во воздух при повлекувањето на група руски сили од десната кон левата страна на реката.
Русија во средата најави повлекување на своите сили од западниот брег на Днепар на другата страна, а вчера потврди дека повлекувањето започнало. Оттогаш, Украина ослободи повеќе од 40 населби во регионот Херсон.