Во напад со ракетни проектили, извршен од руските сили во источна Украина, уништена е арена за спортови на мраз во градот Дружкивка во областа Донецк, соопшти Украинската хокеарска федерација. Претходно беше соопштено дека проектилот го погодил градот и ранил две лица.
„Руските окупатори уништија пет лизгалишта од почетокот на војната“,
објави Федерацијата на Телеграм наведувајќи ги хокеарскиот стадион „Дружба“ во Донецк, арените во Мариупол и Мелитопол, Ледената палата во Северодонецк и сега арената „Алтаир“ во Дружкивка.
Украинскиот хокеарски клуб „Донбас“, кој „Алтаир“ го користи од 2014 година, објави дека арената била уништена од ракетен оган.
Салата „Алтаир“ е местото каде што се одржувале украинските првенства, меѓународни натпревари и културни настани. Генералниот директор на клубот Федор Иљенко на Фејсбук напиша дека местото е повеќе од само зграда бидејќи во него се наоѓа најголемата школа за хокеј и уметничко лизгање во Украина.