Во престрелка меѓу бразилската полиција и наркодилери загинати се најмалку 25 лица, вклучително и полицаец. Престрелката настанала за време на полициска акција во Рио де Жанеиро со цел да разбијат нарко-банда која регрутирала деца за нивни бизнис-потреби.
Како што јавуваат локалните медиуми, настанот се случил во фавела во областа Јакарезињо. Во престрелката, од залутани куршуми биле ранети и двајца патници во метрото, но не се здобиле со посериозни повреди.
Полицијата извести дека во акцијата е убиен нивниот колега, инспекторот Андре Леонардо де Мело Фриас, а во објава на Фејсбук велат дека тој само ја извршувал својата работа професионално.
Осомничените се обидувале да избегаат преку покриви кога полицијата со оклопни возила и хеликоптери влегла во сиромашниот дел на Рио. Полициските службеници ја опишаа рацијата како една од најсмртоносните. Досега се уапсени околу десетина лица кои се сомничат дека биле дел од нарко-бандата.