Наспроти отпорот на речиси сите партии на Албанците кон политиките на Левица, само две недели по завршувањето на локалните избори, дел од нив станаа партнери со неа во обидот за создавање ново парлементарно мнозинство и на нова влада, пренесува ТВ 21.
Тие потсетуваат на навидум цврстиот став на генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, кој неодамна јавно декларираше дека никогаш не би се согласиле да преговараат за ново парламентарно мнозинство со партијата предводена од Димитар Апасиев.
„Јас сега за прв пат кажувам дека за ново парламентарно мнозинство со гласови кои зависат од една партија како што е Левица која во својата програма има анти-американски пристап, анти-албански, ние не можеме да влеземе и да разговараме. Ние не можеме да дозволиме таква власт која зависи од политичка партија која е деструктивна и која знаеме во кој правец ќе ја одведе државата“,
изјави пред две недели Хоџа.
Дури и Алијансата на Албанците, иако партнер на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ имала конзистентен став околу можноста дел од нивното друштво да стане Левица. ТВ 21 потсетува на изјавите на Зијадин Села на едно од последните гостувања во емисијата „Клик Плус“, во кое тој демантира дека има какви било контакти со Апасиев и децидно укажува дека се спротиставува на неговата политичка платформа.
„Воопшто не се согласувам со Левица. Не се согласувам со тоа што го застапуваат. Со нив ниту се дискутира, ниту јас сум имал каков било контакт со лидерот на Левица“,
вели меѓу другото Села во интервјуто за ТВ 24.