ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа влада ја донесе државата во девастирачка состојба каде најглавните проблеми на граѓаните се инфлацијата, растечката сиромаштија, скапата струја, ниските плати и лошиот стандард, истакна по седницата на ЦК потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски
Организирање на предвремени парламентарни избори и итно усвојување на нашите предлози за закрепнување на економијата, побара денеска Централниот комитет на опозицискатаа ВМРО-ДПМНЕ кој одржа седница во Приллеп на која се разговараше за тешката економска и политичка состојба во земјата.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа влада ја донесе државата во девастирачка состојба каде најглавните проблеми на граѓаните се инфлацијата, растечката сиромаштија, скапата струја, ниските плати и лошиот стандард. Не помалку сложена е ситуацијата и на политички план. Владата создавајќи го проблемот со Бугарија државата ја втурна во ќорсокак без надеж за напредок во евроинтеграциите. Нема интеграција, но има условувања и откажувања од идентитетот кои се туркаат на мала врата“,
истакна по седницата на ЦК потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.
Токму поради сето ова, нагласи Мисајловски, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ усвои две главни барања како одговор на политичката и економската криза.
„Првото е организирање на предвремени парламентарни избори најдоцна до пролет 2023 година како единствен излез од економската и политичка криза и поддршка на Централниот Комитет на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во ставот за неприфаќање на промена на Уставот под диктат на Бугарија. Второто барање е итно усвојување на нашите предлози кои се однесуваат за закрепнување на економијата, стандардот и општественото живеење, а чии предлози се наоѓаат во Собрание во форма на предложени амандмански решенија за новиот буџет. Овој пакет од над 10 мерки значи интервентна поддршка на економијата“,
рече Мисајловски.