Наместо првично предвидените 100 милиони евра, со ребаланс на буџетот се скратени 40 милиони, што значи дека државата годинава може да одвои 60 милиони евра за оваа инвестиција. Прашавме дали треба да се почнува со изградба на автопатите – опозицијата смета дека во кризна година не е паметно да се започнуваат нови проекти, додека за власта – ова ќе влијае на економскиот развој
Според професорот Марјан Петрески оправдано е да се троши што повеќе на капитални инвестиции во вакви околности, бидејќи, според него, тоа ќе ја поддржи економијата којашто се соочува со ризици од стагфлација. Погледнете го видеото
Кризата не ја попишмани владата да продолжи со постапката за изградба на трите нови автопатски делници долж коридорите 8 и 10Д. Со несмалено темпо, работите се движат кон очекуваните директни преговори со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, откако беше заобиколен Законот за јавни набавки. Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, пред десет дена кажа дека се бара фирма за надзор и правен консултант.
„Веќе е формиран и Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење, а по интензивната подготовка на целокупната тендерска документација, објавивме оглас за избор на надзор и правен консултант што ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет и оваа постапка е во завршна фаза. Со овој чекор се овозможува почеток на подготвителни работи за конкретна реализација на проектот за Коридор 8“,
кажа Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта (19.5.2022)

На чело на Комитетот за преговори е првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, кој ќе треба да пресече – дали ќе биде прифатлива понудената цена за новите автопати. Тој не најде време за интервју со „360 степени“, а прашањата за тоа до каде се работите, ги одговори неговата прес-служба.
Во завршна фаза е постапката за избор на Меѓународен правен трансакциски советник и Надзорен орган, кои во име на Комитетот, oдносно државата, ќе преговараат со „Бехтел и Енка“.

Груби вели дека темел ќе биде удрен веќе во јули, а според неговиот колега Бектеши – можеби и во септември.
„Не подоцна од август или почетокот на септември, сега дали ќе биде почеток на август или средината или крајот или крајот на јули, ќе видиме како ќе се одвиваат процедурите“,
кажа Бектеши во гостување на ТВ 21.
Крупниот инфраструктурен проект почнува во криза година, па министерот за финансии, Фатмир Бесими, мораше да направи корекција на буџетот. Новите автопати нема да се одложат за в година, но наместо првично предвидените 100 милиони евра, со ребалансот се скратени 40 милиони, што значи дека државата годинава може да одвои 60 милиони евра за оваа инвестиција.

„Во однос на капиталните расходи, би истакнал дека тие остануваат на историско највисоко ниво“,
кажа министерот за финансии Фатмир Бесими.
Она што го нуди компанијата „Бехтел и Енка“ е „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8. Коридорот 10Д се однесува на автопатска делница Прилеп-Битола. Функционерите на ДУИ се особено горди на овој проект, па Коридорот 8 се најде и на овогодишната роденденска торта на нивниот лидер.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кога во Собранието се гласаше патиштата да се градат со директна спогодба наместо преку јавна набавка, не гласаа „за“ но не гласаа ни „против“. Претходно, кога законот беше пред надлежната собраниска комисија, опозицијата даде премолчано „зелено светло“ за проектот.
Потпретседателката на партијата и поранешна дополнителна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, иако не е против проектот, вели дека годинава, сепак, не е најдобрата за да се удираат нови темели.
„Во вакви услови, кога имаме пред нас уште една огромна криза, која што ќе следи некаде пред крајот на годината, особено заради тоа што ќе има недостиг на храна, ќе имаме проблеми со електричната енергија, воопшто не е паметно да се започнува ваков проект“,
кажа Димитриеска – Кочоска.

Иако за Димитриеска Кочоска капиталните инвестиции се клучни за нашето стопанство, нејзината резерва за новите автопати се должи на тоа што претходно почнати проекти не се завршени.
„Зашто во континуитет, години наназад, тргнуваме со проекти за кои не сме завршени со проектна документација, физибилити студија итн. ни 25 проценти, а тргнуваме во реализација на истите. Значи, се враќаме на истото, ќе обезбедиме пари, ќе земеме и кредити, но до каде ќе стигнеме? Само да се додвориме на одредена група на луѓе, да покажеме дека нешто работиме? Работата е завршена кога проектот е комплетно завршен. Пак повторувам, Кичево-Охрид не ни е завршен пет години наназад, ние сега ќе тераме некој нов проект“,
вели таа.
Но, вицепремиерот Артан Груби смета дека не е паметно да се штеди на патишта.

Како во светот, и кај нас војната во Украина ги зголеми цените, а со тоа и инфлацијата. Домашната економија, вели професорот Марјан Петрески, е под ризик да навлезе во т.н. стагфлација, односно, да има стагнантен мал раст, придружен со растечки цени. Во такви околности, според него, оправдано е да се троши на капитални инвестиции, а да се биде претпазлив за тековните и непродуктивните инвестиции.
„Нешто чини многу и веројатно потешко може да се изведе, особено на кратки стази, нешто чини помалку, значи таква дебата би рекол дека не отворивме, меѓутоа постои благо би рекол реконструирање на тие капитални инвестиции особено во делот на инфраструктурата, без оглед што во тој сегмент на инфраструктура инвестирањето е проследено и со одредени проблеми, особено во делот на патната инфраструктура. Значи, да заклучам директно на вашето прашање, би рекол дека оправдано е всушност во делот на капиталните инвестиции да се троши што повеќе во вакви околности, бидејќи тоа ќе ја поддржи економијата којашто се соочува со ризици од стагфлација“,
вели тој.

Сепак, и професорот Петрески смета дека треба да се внимава, особено по најавите дека не чека неизвесна зима.
„Состојбата треба да се следи, може да се развива, да дојде до нагли поместувања и, се разбира, во таков контекст треба и да се размислува за реконструирање“,
кажа Петрески.
Независно од кризниот период, планот за изградба на автопатски делници во директни преговори со „Бехтел и Енка“ е мета на критики од самиот почеток. По потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Владата и градежната компанија, чин на кој присуствуваше и амбасадорката на САД, Кејт Брнз, први реагираа невладините организации со оценка дека има ризик од корупција.
„Не постои ниту еден валиден аргумент кој би го оправдал ова грубо заобиколување на Законот за јавни набавки“,
кажа во изјава за „360 степени“ Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Предупредување стигна и од Албанија, каде „Бехтел и Енка“ го градеа автопатот кој беше помпезно најавуван како патриотско поврзување на Косово и Албанија. Делницата се изгради, но со драматично повисока цена од првично договорената.
„Кога немате конкуренција, кога немате тендери, туку процедури кои брзо се истуркани во парламентот, без надзор и без запазување на законот за јавни набавки во С Македонија, тогаш постои ризик за набавка која не е од корист за даночните обврзници. Сметам дека треба да учите од минатото искуство и она што се случуваше во Албанија и Косово“,
кажа за „360 степени“ Бесар Ликмета – уредник на БИРН Албанија (13.4.2021)

Политиката, засега, не ги слуша овие гласови. По потпишаниот Меморандум, минатото лето Собранието експресно го изгласа специјалниот закон за изградба на коридорите. Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот, со образложение дека никој од пратениците не гласал против. Владата, Собранието и шефот на државата ги одмолчаа и предупредувањата на Антикорупциската комисија која оцени дека специјалниот закон за „Бехтел и Енка“ ги крши уставните начела за слобода на пазарот, дека има правни празнини што оставаат простор за субјективизам, политичко влијание и висок ризик за корупција.
ДКСК го оспори законот и пред Уставен, но судот одлучи да не поведе постапка. Пропаднатата иницијатива, случајно или не, еуфорично ја прокоментира вицепремиерот Артан Груби нарекувајќи ја „вест на годината“.
