Во пресрет на гласањето за извештајот за земјава во Европскиот парламент, го прашавме известувачот за С Македонија, Томас Вајц, за тоа што содржи документот кој беше нападнат од бугарските медиуми зашто имал, како што беше пренесено, промакедонски позиции
„Во нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова, и тоа е вклучено во нацрт-извештајот“, вели Вајц
360°: Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент наредната недела ќе го разгледа извештајот за Северна Македонија.Како овој документ се осврнува на блокадата во пристапниот процес и каде го гледате излезот за продолжување на евроинтеграциите?
Томас Вајц: Па, извештајот ќе биде гласан дури следната недела, така што конечниот резултат ќе биде познат тогаш, кога ќе видиме како гласале различните членови на Европскиот парламент, особено во Комитетот за надворешна политика. Но, подготвениот нацрт јасно ги адресира потребните чекори за следната фаза – отворањето на преговорите. Во основа, повторно се истакнува она што Европската комисија веќе јасно го кажа – дека треба да се вклучат неколку малцинства во Уставот, односно таканаречените уставни измени, за конечно да можеме да започнеме со пристапните разговори, со суштинската работа во пристапувањето. Овие уставни промени се прогласени за заеднички интерес на Европската Унија, Северна Македонија, а и Бугарија се согласи да не го блокира процесот ако овие измени бидат усвоени во парламентот.

360°: Значи, ова, јасно, е единствениот пат напред?
Томас Вајц: Ова беше договорено во порана фаза. Тогаш јас сè уште не бев известувач, така што ова е договорот што Северна Македонија го потпиша со Комисијата и со Европската Унија, со согласност на Бугарија, и ова е патот напред, да.
360°: Бугарските медиуми известуваат, а има и изјави од високи претставници во Скопје, дека документот на неколку места се однесува на признавање на македонскиот идентитет и јазик. Може ли да ни објасните за што станува збор?
Томас Вајц: Во нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Лично ми е жал што ова е потребно, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова, и тоа е вклучено во нацрт-извештајот. Јасно се споменува реалноста на независниот македонски идентитет и јазик.
360°: Ќе има ли за ова мнозинска поддршка во парламентот и имате ли притисок од бугарските колеги европратеници?

Томас Вајц: Очекувам мнозинство за конструктивен извештај, бидејќи има големо мнозинство групи во Европскиот парламент што го поддржуваат процесот на пристапување на Северна Македонија. Така што, мислам дека тоа ќе резултира со големо мнозинство. Не можам да негирам дека бугарските членови на Европскиот парламент се незадоволни со текстот. Тие, исто така, тоа јавно го изразуваат во бугарските медиуми. Одат дотаму што дури и сум лично нападнат дека сум пристрасен. Има дури и случаи каде што се тврди дека сум корумпиран од Северна Македонија, што целосно ги отфрлам. Нема никакви плаќања, никакви услуги, ништо. Се обидував, заедно со колегите либерали, социјалдемократите и Европската народна партија, да изготвиме реалистичен извештај за ситуацијата во која се наоѓаме. Исто така, спомнав инциденти на говор на омраза, злосторства од омраза против различни групи. Ова, за жал, го гледаме и во различни држави. Исто така, интензивно се обидував да ги вклучам бугарските членови на Европскиот парламент и нивните легитимни барања, исто така да се спомене бугарската заедница. Во мојот нацрт е спомената еднаш дури и конкретно како бугарска заедница. Така што, навистина се обидував да изготвам балансиран извештај кој им овозможува на нашите бугарски колеги да се откажат од нивната блокада на процесот на пристапување и да се приклучат на конструктивниот курс. Сè уште се надевам дека при гласањето следната недела ќе се приклучат на конструктивниот курс во поддршка на нивната соседна земја, Северна Македонија, за приклучување кон Европската Унија.
360°: Дали ова реферирање на македонскиот идентитет и јазик треба да го толкуваме како исполнување на едно од барањата на властите во Скопје за носење документ од Европскиот парламент со кој ќе се афирмираат македонскиот идентитет и јазик?
Томас Вајц: Извештајот не е за да ги задоволи актуелните влади во Скопје или Бугарија. Овој извештај е извештај на Европскиот парламент и на ЕУ за состојбата во земјата, и ги истакнува позитивните развои. Исто така, истакнува некои загрижености што сè уште постојат, како и потребата од реформи. Така што, овој извештај нема намера да интервенира или да се меша во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Јас сум австриски државјанин, и како Австријци научивме да се приближуваме до нашите соседи, да ја признаеме нашата заедничка историја, да работиме на заедничка интерпретација на историјата. Но, во мојот случај, живеам на границата меѓу Австрија и Словенија, и на Австрија и на Словенија им беа потребни повеќе од 50 години да дојдат до, повеќе или помалку, заедничка интерпретација на нашата заедничка историја. Ова е долг процес кој се надевам дека ќе се случи на конструктивен начин меѓу Бугарија и Северна Македонија. Но, ова не е тоа за што станува збор во овој извештај. Овој извештај е за односите на Европската Унија и Северна Македонија и состојбата во процесот на пристапување и на тоа се фокусира.