Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент (ЕП), со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, во вторникот го усвои Извештајот на ЕП за Северна Македонија за 2023 и 2024 г., во кој има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет. Беше блокиран амандманот што го предложи германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ – пред „македонски јазик и идентитет” да се додаде терминот „модерен”. Галер, кој е од групата на демохристијаните, рече дека имаат разбирање со групите Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, таков амандман да биде предложен и на пленарната седница на ЕП (7-10 јули) на која треба конечно да биде усвоен Извештајот. Известувачот за земјава во ЕП и автор на документот, Томас Вајц, веднаш по сесијата даде интервју за „360 степени“
360°: Господине Вајц, како гледате на денешното гласање во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент во врска со Извештајот за Северна Македонија?
Вајц: Првпат од 2022 година гласавме за извештај и најдовме мнозинство, две третини од членовите гласаа „за“ овој извештај.
360°: Тешко ли беше да се придобие мнозинството од членовите да гласаат за овој извештај бидејќи знаеме дека имаше многу опструкции претходно?
Вајц: Па, преговорите беа тешки и долги, моравме да ги одложиме еднаш. Но, на крајот, ова е јасно мнозинство и тоа зборува самото за себе.
360°: Што значи ова во перспектива на европската интеграција на Република Северна Македонија?
Вајц: Ова е важен чекор за забрзување на пристапните преговори со Северна Македонија. Мислам дека е важен чекор тоа што парламентот покажува јасна поддршка. Но, парламентот има и јасен критички став за моментната состојба, за потребата од реформи, но и за добриот напредок што го има земјата. Северна Македонија аплицира пред 20 години да стане членка на ЕУ и сега парламентот од своја страна го отвори патот за забрзување на преговорите.
360°: Што значи тоа што не беа земени предвид амандманите, прво од ЕПП, а потоа и од бугарските европратеници. Што значи ова за целокупниот процес?
Вајц: Заедно со известувачите во сенка се обидовме и мислам дека создадовме избалансиран извештај кој ги зема предвид и загриженоста од соседните држави, но исто така ја зема предвид и загриженоста на опозицијата, на граѓанското општество, дипломатите, од целиот општествен спектар и да, денеска видовме дека во овој парламент се гласа за амандмани што доаѓаат од различни страни, што е многу нормално за нас. Обично имаме амандмани и тие се израз на ставовите на членовите на парламентот и членовите на АФЕТ и тоа е сосема во ред, тоа е демократија.
360°: Како гледате на овие чекори во врска со односите меѓу Македонија и Бугарија во иднина, процесите што се преостанати, во претстојниот период?
Вајц: Сите наши европски држави кога ја формираа Европската Унија мораа да се обратат кон соседите, мораа да инвестираат во помирување, мораа да инвестираат и во изнаоѓање заеднички гледишта за историјата… Ова не се случува толку често во регионот, во балканскиот регион, и мислам дека сè уште треба да се случи меѓу Северна Македонија и Бугарија, да бидам конкретен. Но, исто така, ова се нормални процеси што сите ги направивме во ЕУ. Јас сум државјанин на Австрија и имавме многу историја да решиме со нашите соседи, но ова е нешто што земјите треба да го направат билатерално. Ова е извештај на Европскиот парламент за моментната состојба, за пристапувањето на Северна Македонија и не е извештај што треба да се занимава со билатерални историски спорови или потребата од помирување.
360°: Дали мислите дека ова ќе помогне за работите на кои сè уште се чека, како што се уставните амандмани, измени што се потребни за Македонија да ги отвори преговарачките кластери?
Вајц: Мислам дека покажува јасна волја и јасна поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес, но се работи за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни измени се неопходни, можеби нема да се последни. Сите наши држави правеа уставни измени за да можат да се придружат на ЕУ, на заедничкиот пазар, заедничкото европско право. Ова е многу нормален процес и да, Северна Македонија треба да ги направи следните чекори, да направи уставни измени за конечно да започнеме вистински преговори.
360°: Дали мислите дека сега топката е на теренот на Македонија?
Вајц: Во однос на уставните измени, јасно е дека е така.
360°: Дали изјавите што беа давани од владите во Скопје и во Софија ви помогнаа во работата за да го остварите денешното гласање?
Вајц: Владите комуницираат според својата внатрешна политичка логика и не се потребни да ми помогнат. Ова е извештај на Европскиот парламент и треба да се случи независно и непристрасно од локалните и националните интереси.
360°: Мислам, во смисла на градење малку повеќе тензии во реториката меѓу двете земји. Дали ова ви беше од помош?
Вајц: Она што го гледаме од двете страни е дека некои јавни изјави потпалуваа тензии наместо да ги намалуваат. Цврсто верувам дека во овие денови, во геостратегиската ситуација во која се наоѓаме сите, ние Европејците треба да застанеме заедно, треба да го ставиме во преден план она што ни е заедничко и да не ја трошиме целата наша енергија на мали или дури и поголеми детали што не нè обединуваат. Затоа, треба да застанеме заедно во овие денови и мислам дека ова е повик до сите во ЕУ, дека треба да го ставиме здравиот разум на прво место, а нашата национална внатрешна политика на второ место.
360°: Гледајќи ја пошироката слика, дали мислите дека ако се усвојат уставните измени, Северна Македонија брзо ќе ги стигне двете водечки земји од регионот, Црна Гора и Албанија? Албанија штотуку го отвори четвртиот кластер.
Вајц: Кога почнав да работам во регионот пред 20 години, имавме два водечки кандидати – Словенија и Северна Македонија. Северна Македонија имплементира голем дел од европското законодавство во текот на годините. Северна Македонија е во добра позиција да го фати темпото, но ни требаат јасни потези од страна на владата и парламентот, ни треба јасно исполнување на условите, а потоа преговорите можат да се одвиваат брзо.