Половина година по првата сторија, „360 степени“ регистрира дека продолжува злоупотребата на државни автомобили, за партиски и лични цели, од функционери на централно и на локално ниво, од различни политички партии, и покрај јавните укори
Одговорите што ги добивме од повиканите функционери најчесто се сведуваат на оправдувања дека партијата им била „попатна станица“ пред или по извршување службени обврски
Во мај годинава „360 степени“ објави сторија за злоупотреба на службени возила на повеќе нивоа на власта. Функционери на централно и на локално ниво, од оние што се нарекуваат власт или опозиција на државно ниво, се развозуваа на политички настани и на митинзи … се пазаруваше во маркети … се носеа на вулканизер гуми на приватни возила, а во петок по работното време, наместо на паркинг, службени возила одмораа пред приватни куќи.
„Во случај кога истото прекршување ќе се повтори, доколку е веќе еднаш опоменат функционерот, втората мерка е да се извести премиерот дека тој функционер повторно го прекршува етичкиот кодекс за истата работа. Тогаш е во рацете на премиерот со каква мерка, врз основа на кодексот, ќе одлучи да го санкционира“,
изјави Славица Грковска – вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење (16 мај 2023 г.).
Половина година подоцна проверивме – дали некој го повтори или поправи делото?
Во дворот на СДСМ ништо ново
Во април годинава кога владејачкиот СДСМ од партискиот двор ја најави кампањата „Рамо до рамо“ во него се паркираше „половина Влада“ со државни коли. За партиски цели, службениот автомобил го употребија министерката за труд и социјала Јована Тренчевска, владиниот генерален секретар Методија Димовски, вицепремиерите за економски и за европски прашања Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ, како и премиерот Димитар Ковачевски. Во дворот дојдоа и две службени возила на Министерството за правда.
Во одговорите на нашите прашања функционерите се правдаа дека партијата им била „попатна станица“ меѓу две владини активности или на пат за дома, иако користењето службено возило за партиски цели во какви било околности е спротивно на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата.
Први декември, петок. 7:30 часот. Во седиштето на владејачкиот СДСМ само што не почнал партиски состанок. Меѓу првите, со црн „фолксваген“ дојде вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. По него влегоа неколку црни државни „шкоди“, но завршија на задниот паркинг, па не видовме кој излезе од нив.
Пеш дојде министерката за одбрана Славјанка Петровска. Не можевме да забележиме дали дошла пешки од дома или од работа или, пак, некој ја оставил на блиската главна улица.
Министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, дојде со службен „пасат“ на владниот ресор што го води.
Додека траеше состанокот, дел од државните возила си заминуваа, додека дел останаа во дворот на партиското седиште на СДСМ.
Кога состанокот заврши, истовремено си заминаа Петровска и Битиќи. Министерката пеш, а вицепремиерот со истиот „пасат“ со кој дојде.
Возачот на една од државните „шкоди“ цело време го чекал шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Попов, иако не видовме кога пристигнал тој.
Од објектот излезе и Стефан Богоев, директорот на Царинската управа, и се упати кон задниот паркинг од каде замина со службената „шкода“ на Царина.
По настанот, ги прашавме владините функционери по електронска пошта – зошто дошле на партискиот состанок со државно возило? Од Царина ни одговорија дека директорот Богоев имал итен службен состанок надвор од Скопје веднаш по партискиот, па и за двата го искористил службеното возило. Но, не кажаа и дали тоа е етички потег.
Од кабинетот на вицепремиерот Битиќи ни одговорија дека „пасатот“ „не е службено, ниту државно возило“. Но, не одговорија чие е. По телефон ни дообраснија дека Битиќи не користи државно возило за партиски цели.
И покрај нашето инсистирање на одговори, за настанот одлучија да молчат министерката за труд Јована Тренчевска и шефот на кабинет на премиерот, Мартин Попов.
Правда: Возилата ги користиме за службени потреби
Во претходната сторија регистриравме возила на Министерството за правда на партискиот настан во седиштето на СДСМ. Регистриравме и дека некои од вработените, меѓу кои и државниот секретар Мухамед Точи, со службена кола си доаѓаат на работа. Оттаму ни одговори само Точи посочувајќи дека не се сеќава на конкретниот ден, а користење службено возило за партиски цели е можно, но само инцидентно.
Понеделничко утро. На паркингот зад Министерството за правда се паркиравме во 7:30 часот. Според регистарот доставен до Антикорупциската комисија, Министерството за правда има девет возила. Но, на терен, немаше ниту едно од нив и покрај тоа што службените возила треба да преноќуваат на паркингот на институциите. Единствениот автомобил беше црна „шкода“, во која веројатно се вози министерот Кренар Лога, кадар на Алијанса за Албанците. Тоа возило не е пријавено како сопственост на Министерството за правда.
Околу 9:30 часот пристигна едно од службените „BMW“-а, но во него беше само возачот. Дваесеттина минути подоцна се паркираше и едно од службените „сандера“, а од него излезе државниот секретар Мухамед Точи.
Прашавме зошто во понеделник наутро со службени коли вработени во Министерството доаѓаат на работа. Одговорот сугеира дека возачот дошол на работа пред 7:30.
„На денот што го посочувате, возачот е дојден со свое возило, а од паркингот на Министерството за правда заминува со службеното возило поради обврска на заменик-министерката за правда која треба да присуствува на настан. По оставањето на заменик-министерката на настанот, возачот повторно се вратил на паркингот позади зградата на Министерството за правда, што е забележано и од ваша страна“,
велат од Министерството за правда.
Зошто државниот секретар Точи дојде на работа со „сандерото“, немаше толку детален одговор. Објаснувањето беше – тој го користи за службени потреби.
По овие одговори, побаравме од Правда да ни ги достави налозите за службено патување за возилото „BMW“ и одговори – на кој настан присуствувала заменик-министерката тоа утро и за кои и какви точно службени потреби државниот секретар го користел „сандерото“. Бараните одговори и докази не ги добивме.
Во Ѓорче ни пратија полиција
Во април годинава регистриравме и како се користи еден од службените автомобили на Општина Ѓорче Петров. Со општинското „ауди“ градоначалникот го земаа и враќаа дома иако живее на неколку минути од Општината, се носеа на вулканизер гуми на приватни возила, а во петок, по истекот на работното време, не беше вратено на општинскиот паркинг, туку пред приватна куќа. Од општината негираа злоупотреба на службеното возило, а градоначалникот Александар Стојкоски во друга сторија објавена на „360 степени“ имаше свое објаснување.
„Службено возило можело да ме зема во текот на извршување на моите работни обврски.“
360: А живеете релативно блиску до Општината.
„Па видете вака, не ме сликале, на пример, кога сум одел пеш како што најчесто и сум одел во Општината Ѓорче Петров. Претпоставувам дека подолго време сум бил следен затоа што тоа возило го користам исклучително ретко“,
рече Александар Стојкоски – градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Тогаш употребата на службени возила во Ѓорче Петров ја следевме само два дена.
Така беше и сега. Првиот ден, на седми ноември годинава, не забележавме ништо специфично – со службените возила се вршеа службени обврски, а до 16 часот беа враќани на општинскиот паркинг. Додека снимавме вработени во Општината ни пратија полиција, но полицајците не видоа ништо спорно во нашиот новинарски ангажман.
Вториот ден, пак, на 22 ноември, проверивме дали градоначалникот и натаму го земаат со службена кола од дома. Така и беше. Но, сега не со службеното „ауди“, туку со еден од автомобилите „фиат пунто“ во сопственост на Општината.
Од Општината добивме одговор дека „во текот на мандатот на градоначалникот Стојкоски направена е енормна заштеда во непродуктувните трошоци“.
„Децидни сме во ставот дека сите постапки се во согласност со законот, односно согласно сите правила на функционирање на градоначалникот како прв човек на одредена општина, во овој случај Општина Ѓорче Петров“,
велат од Општина Ѓорче Петров.
На Извршен комитет во ВМРО-ДПМНЕ со службен „пасат“
Петти декември, вторник, 18 часот. Во седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да почне состанок на Извршниот комитет. Најголем дел од членовите на ова партиско тело дојдоа со возила што ги паркираа во гаражата „Тодор Александров“. Меѓу нив беше и овој „пасат“ во сопственост на Општина Охрид. Со него на состанокот дојде градоначалникот Кирил Пецаков. По електронска пошта прашавме зошто Пецаков на партиски состанок дојде со службено возило. Одговорот е дека како градоначалник следниот ден требало да гостува на утринска програма на една од националните телевизии. Во такви случаи, кога има состанок во Скопје многу рано, доаѓал ден порано.
„Ова патување на градоначалникот е испланирано десет дена однапред, а партискиот состанок е закажан еден ден пред патувањето, што значи дека неговото патување во Скопје не е наменски за партискиот состанок“,
велат Општина Охрид.
Пецаков, навистина, следното утро беше гостин на утринска програма. Но, останува дилемата – дали е етички градоначалник со службено возило ден претходно „попатно“ да се вози до партиската централа?
Дилема: Кај ДУИ проработило чувството за етичност или немало коли на располагање
ДУИ има долга историја на злоупотреба на државни возила за партиски цели. Во март годинава владејачката партија одржа митинг во спортска сала во скопската населба Чаир. Првиот вицепремиер Артан Груби дојде со службеното возило. Дојдоа уште неколку државни „шкоди“, а на настанот присуствуваа лидерот Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министерот за надворешни Бујар Османи. Образложението од кабинетот на Груби беше дека возачот попатно, при враќање од работа, го оставил на митинг.
Истиот месец ДУИ организираше промоција на книга во скопски хотел. Таму со службени возила дојдоа министерот за образование Јетон Шаќири, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер Артан Груби, како и министерот за финансии Фатмир Бесими. Оние што ни одговорија на прашањата рекоа дека на настанот биле поканети како функционери, а не приватно.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, претходно беше регистриран од медиумите како во работно време, со државна кола, беше во штаб на ДУИ за да одржи прес конференција.
28 ноември – Ден на албанското знаме. Во Филхармонија се одржуваше свеченост под покровителство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а ние бевме на влезот во подземната гаража. Функционерите на владејачката партија не дојдоа со возила туку пеш – излегоа од зградата на Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби. Покрај него, во групата беа лидерот Ахмети, повеќе други министри и функционери.
Таа вечер службени коли не видовме. Има две објаснувања – или кај функционерите на ДУИ проработело чувството за етичност или едноставно, немале државни коли на располагање. Двете сценарија се еднакво можни бидејќи следниот ден, 29 ноемви, почна самитот на ОБСЕ во Скопје. А за потребите на делегациите кои присуствуваа на самитот, беа повлечени голем дел од репрезентативните државни возила.
„Мерцедесот“ во кој се вози Касами е сопственост на Двеижењето БЕСА
Пролетоска регистриравме дека градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, кој е и лидер на Движењето БЕСА, се вози во овој црн „мерцедес“ со скопски таблички. Бидејќи автомобилот не е службен, прашавме – чиј е, на кој начин се користи и како се плаќаат трошоци за негово користење. Од Општината тогаш ни одговорија дека „мерцедесот“ е на Движењето БЕСА, но дека се води на приватно лице бидејќи во тек е процедура за префрлање на сопственоста. Трошоците, ни кажаа, ги плаќа партијата, освен ако Касами не оди на подолг пат.
Касами и натаму се вози во истиот „мерцедес“ што сега има други регистарски таблички. Од Општина Тетово објаснуваат:
„Во врска со сопственоста на возилото (марка Мерцедес) што го користи градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами за службени потреби, Ве информираме дека истото е во сопственост на Движењето БЕСА“,
велат Општина Тетово.
„Ти го плукаш, тој мисли врне“
Актуелниот состав на Државната комисија за спречување корупција, чиј мандат е при крај, не користи службени возила. Тројца од членовите што се од други градови, од кои еден од Гостивар, добиваат патни трошоци во висина на автобуска карта.
„Институцијата нема службени возила и ете функционира. Значи, не е службеното возило успех за функционирање. Има институции каде има теренска работа, каде природата на работата бара службено возило – во ред… 02:24 до 02:53 „Значи може во министерството да има службени возила меѓутоа точно да се знае за кои цели и каква ќе биде намената. Треба да се има правилници за тие службени возила, треба да се има патни налози уредно пополнети и да се знае точно од која до која релација се користат возилата. А не попатно било, па ај ќе свартиме. Тоа е веќе изигрување на и онака несаглам воспоставениот систем“,
вели Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
Претседателката Ивановска вели дека е потребно системско решение за да се спречи злоупотреба на службените возила, кое треба да вклучува надзор и контрола.
Функционерите за кои досега беше објавено дека злоупотребуваат службени возила за партиски и лични цели беа опоменати од Владата, но продолжуваат по старо. За нив Ивановска има една народна мудрост.
„‘Ти го плукаш, тој мисли врне’. Тоа се случува, за жал, кај нас. Ни опомена, ни ништо. Сè додека свеста е на толку ниско ниво и ништо не му значат ниту опомените, ете и тие никој не ги почитува, ние сме, како да речам, крај нема“,
додаде Ивановска.
Смета дека треба да се тргне од мотивот да се биде функционер.
„Дали е мотивот јавниот интерес на државата и да придонесат нешто за државата или повеќе од аспект на нивниот приватен интерес па додека е функцијата да си биде семејството обезбедено и со службено возило затоа што вие имате именувани лица на функција кои имаат јавни овластувања и од друга страна службено возило кое 24/7 го користат не само за службени цели, туку и фамилии си се возат со нив“,
вели таа.
Владата има донесено два документи со кои се уредува користењето државни возила. Едниот е Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, а вториот е Одлука со која се уредува користењето службени возила во сопственост или на користење на државата.
Во членот 19 од Кодексот, користењето службени коли е ограничено за службени потреби, а потенцирано е дека не смеат да се користат за приватни или партиски цели.
Во Одлуката, пак, пишува дека користењето службени возила треба да биде одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган. Во неа пропишани се и формулари, како месечен налог за користење службено возило и налог за службено патување што треба редовно да се пополнуваат – кој го користел возилото, кој го возел, кога, каде, зошто и колку километри се поминати.
Иако Антикорупциска одамна излезе со идеја службените возила да се со регистарска табличка во друга боја, како што се жолти оние на такси возилата, тие и натаму се непрепознатливи по улиците.
Антикорупциска направи и објави регистар на службени возила. Во него може да се впише бројот на регистарската табличката и да се провери на чија институција е возилото. Но, многу институции не се оѕвале на повикот своите возила да ги впишат во овој регистар.
За потсетување, поранешната министерка за образование на Естонија, Маилис Репс, во ноември 2020 година поднесе оставка откако медиумите објавија дека нејзиниот возач со службен автомобил ѝ ги носел децата на училиште. Премиерот застана во нејзина одбрана, но ја прифати оставката, а Репс ја призна злоупотребата и им се извини на граѓаните.