„360 степени“ открива дека отстапувањето на противзаконски висок процент на вредност на работи за изградба на пет базени на подизведувач е направено со одобрение на Агенцијата за млади и спорт, во тоа време раководена од Наумче Мојсовски. Кога се воведува подизведувач за време на имплементација на јавна набавка, на него или нив (ако се повеќе) може да се дадат најмногу 30% од вредноста на работите. Во случајот се дадени над 60%, покажуваат договорите до кои дојдовме
Од Министерството за спорт, по серијата прилози на „360 степени“, сега користат појасен јазик и признаваат дека договорот е противзаконски. Ќе ги известеле надлежните органи. Но, во исто време, не велат и дека ќе го раскинат најавувајќи такво можно сценарио кога ќе завршела ревизијата. На терен, се брза базените да се завршат до средината на летото
Пред околу месец дена ја потсетивме јавноста дека во 2020 година се потпиша договор за изградба на пет базени од 3,3 милиони евра, кои требаше да бидат готови до средината на 2021-та. Излеговме на терен и еве како изгледаат некои од нив на почетокот на 2025-тата.
Темата ја почнавме потпирајќи се на сознанија до кои дошле од невладината организација Центар за граѓански комуникации. Попатно дојдовме до нови, од кои и клучното – дека на објектите не работи изведувачот, не работи ниту подизведувачот, туку… Ни беа потребни уште неколку преписки, но на крај добивме доволно документи за да заклучиме дека при изградбата на базените е прекршен Законот за јавните набавки.

Во потрага по одговори
Оваа зграда се води на улицата Илинденска во Скопје, со број 29. А во неа, според податоците од Централниот регистар, во четвртиот стан во третиот влез би требало да се наоѓа седиштето на компанијата „Енергоивест трејд“.Тоа е компанијата која во 2020-тата доби тендер од 3,3 милиони евра, а за возврат требаше за 18 месеци да изгради пет базени. До ден денешен нема изградено ниту еден.
Дојдовме вака на врата за да поставиме неколку прашања, бидејќи се обидовме да стапиме во контакт и преку електронска пошта и преку телефон. Иако во телефонскиот разговор добивме уверување дека ќе добиеме одговори, до завршувањето на оваа сторија, одговори не добивме. А станува збор за државни пари…. На домофонот при притиснување на ѕвоното за четвртиот стан, се појавува името А.Д „Бауер“, фирма која е тесно поврзана со „Енергоинвест трејд“. Ниту при овој обид, не успеавме да стапиме во контакт со претставници на фирмата.

Бевме упорни да добиеме став од „Енергоинвест трејд“ бидејќи додека истражувавме зошто базените се уште не се готови, дојдовме до документи кои покажуваат дека за време на спроведувањето на договорот, прекршен е Законот за јавни набавки. Еве и како.
На 7 февруари 2020 година „Енергоивест трејд“ потпишал договор со Агенцијата за млади и спорт по спроведена јавна набавка, со кој се обврзал дека за 3 263 521 евра ќе изгради пет базени – во Битола, Кичево, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Требало да ги завршат за 18 месеци, што значи до јули или август 2021-та.
Наместо тоа, на 15 август 2022 година, „Енергоинвест трејд“ воведува подизведувач, фирмата „Еуровиа“ од Желино, тетовско. Вредноста на работите кои треба да ги изведе подизведувачот се поделени за секој базен посебно, но и покрај лошата копија што ја добивме успеавме да ја пресметаме вкупната вредност на договорот – точно 2 милиони евра.
Тоа значи дека изведувачот му отстапил на подизведувачот да изврши работи со вредност од околу 61 отсто. Еве зошто тоа е проблем.
Незаконски е, велат од Бирото за јавни набавки
Во член 118, став 3 од Законот за јавните набавки е пропишано дека носителот на набавката може да воведе подизведувач или подизведувачи, но, иако е очигледно дека не смеело да се најми подизведувач за вредност од 61 отсто од работите, побаравме мислење и од најрелевантната институција за ова прашање – Бирото за јавни набавки. Го потврдија нашиот заклучок.

„Нов подизведувач, кој не бил претходно пријавен со понудата, може да се воведе за време на извршување на договорот за јавна набавка на барање на носителот на набавка (избраниот понудувач) со одобрение од страна на договорниот орган, но не повеќе од 30% од вредноста на договорот за јавна набавка, без оглед дали претходно отстапил дел од договорот на подизедувачи или не“,
велат од Бирото за јавни набавки.

Документите покажуваат дека пред да го склучи спорниот договор со подизведувачот, „Енергоивест трејд“ побарале одобрување од Агенцијата за млади и спорт. Агенцијата, и покрај законската граница од 30%, им го одобрила. Што во таков случај, прашавме во Бирото?
„Ако, пак, договорниот орган го одобрил барањето спротивно на условите од членот 118 од законот (на пример, во износ над 30%), одговорноста е на сите страни што биле вклучени во процесот на одобрување, а особено на договорниот орган, кој имал обврска ваквото барање да го отфрли. Во случај на градежни работи, треба да се има предвид и одговорноста на надзорниот орган“,
рекоа од Бирото за јавни набавки.
Во моментот на воведување подизведувач директор на Агенцијата за млади и спорт беше Наумче Мојсовски. Го побараме за да го прашаме зошто дал одобрение за ангажирање подизведувач спротивно на Законот за јавните набавки?
Но, тука не завршуваат спорните моменти.
Подизведувачот си најмил подизведувач одејќи во зијан?
Кога во 2020-та се водела битка за тендерот за базените која ја добил „Енергоинвест трејд“, еден од конкурентите била токму „Еуровиа“. Што значи, победникот на тендерот, две години подоцна, некако имал есап да ангажира еден од губитниците.
На 29 јуни 2023 година, кога „Еуровиа“ веќе е ангажирана како подизведувач, „Енергоивест трејд“ склучува анекс на договорот со Агенцијата за млади и спорт. Основниот договор расте од 3 263 521 евра на 3 892 900 евра, бидејќи пораснале цените на суровите на пазарот. Тоа е зголемување за 19,3% што, интересно, е во децимали блиску до законската одредба која вели дека основен договор не смее да се зголеми за повеќе од 20 отсто.

Само два дена подоцна, на 1 јули 2023 г., подизведувачот „Еуровиа“ си најмува свој подизведувач, фирмата „Вивинт“. Деталите од тој договор не ни се доставени, но за потенцирање е што „Вивинт“ е фирма стара неполна година во тој момент.
Потоа, во февруари 2024-та година, Анекс склучуваат „Енергоинвест трејд“ и подизведувачот „Еуровиа“. Цената на договорот за подизведување расте од 2 000 000 евра на 2 437 074 евра.
А на крајот на 2024-тата година Анекс потпишуваат „Еуровиа“ со нивниот подизведувач „Вивинт“. Интересно е што „Еуровиа“ се обврзува да му плати 2 543 288 евра на својот подизведувач, што е 105 000 евра повеќе од парите што тие треба да ги добијат за базените. Така стојат работите, освен ако од Министерството за спорт не ни доставиле некој договор на нашето барање – да ни ги дадат сите.

Договорот незаконски, ама на терен си тера
До овој момент, министерот за спорт тврдеше дека се прави ревизија на договорите за базените. Но и дека одлучил, додека трае ревизијата, да ги заврши објектите на терен со наследената ситуација. Па, сега прашавме пак – дали смета дека е грубо прекршен законот со договорот за подизведувач во висина од 61% од основниот договор. Еве што ни одговорија:
„Според Законот за јавни набавки тој договор е противзаконски и Министерството за спорт ќе постапи во согласност со законските прописи по завршувањето на вештачењето и ревизијата која е во тек. Доколку договорот не биде коригиран согласно законските прописи, на изведувачот и подизведувачот нема да им бидат исплатени средства над законски предвидениот износ и ќе им биде раскинат договорот“,
одговорија од Министерството за спорт.
А едно од следните прашања беше, ако сметаат дека договорот е незаконски, кои чекори ќе ги преземат.
„Министерството за спорт ќе ги извести сите релевантни надлежни институции за понатамошно постапување. Нашата заложба е да работиме транспарентно и согласно со важечките закони и прописи. Воедно, настојуваме и јавноста да има увид во она што го наследивме од Агенцијата за млади и спорт како затекната состојба како и во сите мерки што ги преземаме за санација на ваквите состојби на најефектен начин, паралелно со реализација на новите проекти што се во програмата и стратегијата на Министерството за спорт, сѐ во интерес на граѓаните и на спортот“,
велат од Министерството за спорт.
И покрај ваквите одговори, барем до овој момент, Министерството за спорт ја продолжува работата на базените врз основа на спорниот договор за кој и тие се согласуваат дека е незаконски.