Во својство и на родител на починато дете и на претседател на Здружението „16 Март“, Александар Наунов вели дека е задоволен од текот на судскиот процес за „големиот предмет“ за пожарот, како и од динамиката на останатите четири предмети
На прашањето, дали се задоволни од односот на државата, одговорот е децидно – не. Баш ли мене мораше да ми се случи, е пристапот кој Александар го чувствува од политичарите. Го критикува и пристапот на премиерот со зборовите: „требаше да застане до нас, да ни даде сочувство, да биде со нас сѐ што требаше да ни помогне него фактички испаѓа дека ние сме му на него трн во окото“
Составен дел на животот се и добрите и лошите настани. Меѓу постарите, за едно од најстрашните ако не е и најстрашно нешто што може да му случи на човека се смета загубата на своето дете. Токму тоа, пред точно една година, го доживеа Александар Наунов – татко на Надица Наунова.

„Таа вечер пошто бевме се договориле да не оди на диско, да си се врати дома, јас мислев дека таа е во нејзината соба. Но, за жал, во 3 часот и 40 минути ми ѕвони нашата кумица Анита Коцева… Таа ми кажа дека… дискотеката „Пулс“ гори. Ја видов собата на Надица е празна, ѕвонам и не ми се јавува. Ајде идеме до дискотеката, 100 посто е таму бидејќи не се јавува“,
почнува Александар Наунов да ги раскажува настаните од критичната вечер на 16 март 2025 година.
Александар стигнува пред „Пулс“ со автомобил, заедно со сопругата. Таа излегува од колата додека тој мора да го паркира возилото понастрана по барање на службите за да има простор за пожарникарските и амбулантските возила.

„Имаше пред дискотеката тела, имаше изгорени лица кои беа во несвест. Се кршеа вратите тогаш јас кога дојдов. Мојата сопруга пробала да го крши делот од женското ве-це коешто од десната страна е со гипс-картон бидејќи од таму излагале врисоци на деца кои викале ’Помош, дајте ни воздух, дајте ни воздух, немаме воздух’. На неа не ѝ дозволиле да влезе, но јас влегов. Мојата Надица беше измеѓу првата врата и она каубојската, целата во розево. Пожарникарите вадеа деца од внатрешниот дел накај вратите, други луѓе ги изнесуваа надвор. Јас кога ја земав мојата ќерка немаше никакви знаци на живот. Таа иако беше 51 кило, за мене беше како 200 кила. Не можев да ја дигнам, ми помогна мојот пријател Миливој, ’Фото Луна’. Ја симнавме долу кај мојата сопруга, едно дете ми подаде вода за да ја измиеме, јас се надевав дека има шанси да ја освестиме мојата ќерка. Но, видовме дека не реагира никако, пулс немаше. Мојата сопруга рече ’Брзо земај ја колата, секунди се во прашање, да ја однесеме во најблиската болница’“.
вели Александар.
Додека тој да го земе возилото, Надица и мајка и се транспортирани во кочанската болница со друго возило. Во тие моменти, практично е формирана колона па повредените се носат кој како доаѓа на ред. Кога Наунов стигнал пред објектот, во колата и самиот качува повредени лица.
„Едното беше напреку, беше момичката, беше со виткава коса, од левата страна ѝ беше целата кожа сплечена дури и до седиштето долу. Целата се тресеше. Другото дете што комуницира со него и оно беше влегло во колата, а другите двајца немаа знаци на живот“,
продолжува Александар.
Во болницата веќе има координација. Се пропуштаат само возила со повредени. Александар успева да се слушне со својата сопруга која веќе е на хируршкото одделение. Животот на Надица виси на конец.

„Мојата сопруга беше вознемирена целата се тресеше. Болничарите ѝ кажале да се тргнат од салата, го вратиле пулсот ама пак била критична ситуацијата. Почнавме да се молиме јас и мојата сопруга. Почнавме да се молиме но од десно бидејќи беа скалите имаше многу викотници, многу врескање. Мојата сопруга вика „јас ќе останам тука, помогни ти колку што можеш, белки Господ ќе се смилува врз нашето дете“. Така јас кренав на кај степениците, на кај степениците веднаш едно дете кое беше повредено на десната нога и му течеше крв го однесов со друго дете во интерно, каде што го преземаа лекарите. Пола саат помагав колку што можев. Бев исцрпен цел, мислите ми беа кај мојата ќерка горе. Се качив горе мојата сопруга плачеше и викаше „ја изгубивме нашата Надица“. Таа момент како да ми се сруши целиот свет“,
вели Наунов.
Со пожарот во „Пулс“ како директна последица, животот го загубија 63 лица, најголемиот дел млади. Одговорност за настанот се бара низ пет засебни предмети. Едниот, против инспектори во УЈП, се уште е во фаза на истрага. За три предмети против различни групи на полицијаци, поднесени се обвиненија. За најобемниот предмет судењето е почнато, но претстојат уште многу рочишта.
„Како што реков јас имам доверба бидејќи јавувањето во воведните говори на обвинителот убаво кажа дека од 2012 година сите институции не ја превзеле работата, него секој од одговорните наместо кој заврши мандатот да пресечат и да речат „Чекај правил- ова се неправилна“. И имало неправилности ние ќе продолжиме правилно. Значи тука бил синџирот толку цврсто врзан да ниеден од 2012 до 2025 не го пресекол за да речат обвинителите „чекај ние ќе почнеме од да речам од бившиот градоначалник па нагоре бидејќи бившиот градоначалник го пресекол синџирот и од таму да продолжат“. Значи сите си работеле корумпирано, значи не се ни виделе како работи тој локал бидејќи уште нема пренамена. Вие знаете дека дискотеката била без пренамена на локал, уште работела за салон за теписи. Значи како може дискотека да работи или ноќен клуб како што го викаат, не е битно, да му издадат лиценца за салон за теписи. Значи тука никој не одговарал, тука е само некој ставал пари у џеп и само потпишувал или е бланко давал потписи.“
продолжува Александар Наунов.
Александар не говори во име само на неговата прерано почината ќерка Надица. Тој, во моментов, е претседател на здружнието на граѓани 16 Март, во кое членуваат поголем дел од семејствата кои загубија некого во несреќата.
Од таа позиција, додава тој, генерално се задоволни од досегашниот тек на постапката.
Мислам дека побрзо правдата ќе искочи на виделина бидејќи од 218 сведоци се симна на 38. Сега знаеме дека ќе бидат уште помалку пошто, како што знаеме, доказниот материјал го имаме. Значи знаеме како е. Доказниот материјал е подобар и поцврст бидејќи тоа се директни комуникации со обвинителите и мислам дека побрзо ќе се заврши. Сега испитувањето со сведоците знаеме дека оди побрзо, они имаат разработено шема сите, пошто знам дека имаат и Вибер група обвинетите, целта им е да ја одолговлекуваат работата, али после кога ќе почнат доказите нема ни приговор нема ни ирелевантно што викаат немам појма таму што вистинските докази доаѓаат и јас мислам дека правдата ќе биде најбрзо постигната во што може брз рок.
вели Наунов.
Но, на нашето прашање, дали се задоволни од третманот на државата, Александар Наунов вели – не.

„Од државата бараме емпатија малку, да се сочувствува со нас бидејќи ние не сме ни 30 посто од тоа што бевме. Ние не можеме ни да работиме, не можеме ни да функционираме.
Значи они како сакаат да ја стават оваа ситуација под тепих како они викаат „Баш сега ли на мене, на мене можеше да се деси“. Значи ние го имаме тоа лично слушнато од тој што треба најмногу да ни помогне како државник, како премиер, требаше да застане до нас, да ни даде сочувство, да биде со нас сѐ што требаше да ни помогне него фактички испаѓа дека ние сме му на него трн во окото. Него само го интересираат партиски гласови и ништо друго“,
Животот, и покрај се, си продолжува понатаму. Прашан, што останува него да го води понатаму, Александар одговара – правдата за нашите деца.
