Стрелките на Саат кулата во Гостивар одбележаа 19 часот. Знак дека избирачките места се затворени, но и повик за симпатизерите на партиите да се упатат во штабовите. Таму најбрзо се дознава резултатот од изборите.
Два часа подоцна, во штабот на кандидатот на Алијанса и Алтернатива, Арбен Таравари, почнаа да се појавуваат резултати на телевизискиот екран. А тие покажуваа – Таравари е во предност. Почна прослава.
Со симпатизерите беше и Таравари, инаку актуелен градоначалник на Гостивар. Кога стигнаа и податоците што недостасуваа, Таравари прогласи победа во првиот круг. Прославата продолжи на улиците на Гостивар .
„Едни некоректни избори, со притисок, со купување гласови, со служби, со банди, со мафија, всушност, овие избори во Гостивар беа, од една страна, банди и групи вооружени со пари, а од друга страна, народот, ова е народот. На крајот, волјата на народот не можете ниту да ја купите, ниту да ја добиете со сила, ниту да му ја наметнете, всушност, ова е гласот на народот.
Не се ни дискутира, со многу поголема разлика, но со службите и државата е тешко. Така што, 55% или 3 000 гласови разлика се доволни за да покажеме колку сме силни во Гостивар“
рече Таравари.
Главниот противкандидат на Таравари – Невзат Бејта, од редовите на ДУИ, не се појави пред своите симпатизери. Пред нив зборуваше претседателот на огранокот Башким Хасани. Порача дека мора да ја почитуваат волјата на граѓаните.
„Во име на општинскиот штаб, ви благодарам од срце за вашата посветеност и активност. Изборите се дел од демократијата и ние како огранок мора да ја почитуваме волјата на нашите граѓани. Граѓаните одлучија да му дадат предност на противкандидатот во првиот круг. Дури и ако има втор круг, ќе ја продолжиме трката како што ја започнавме од почетокот“
рече Хасани.
Невзат Бејта им се обрати на поддржувачите, но преку Фејсбук.
„Благодарност до секој гласач на ДУИ, благодарност до партиската структура и секој граѓанин на Гостивар, кои дадоа свој придонес да има демократски изборен процес денес.
Во демократија, гласот на граѓаните одлучува и ние имаме обврска да го почитуваме. По две недели, гласаме во вториот круг. Ви благодарам уште еднаш“
напиша Бејта.
Според првичните резултати, во Гостивар, сепак, ќе има втор круг. Во првиот:
Арбен Таравари освои 15 724 гласа или 49,7% од гласовите
Невзат Бејта освои 13 190 гласа или 41,69% од гласовите
Фадил Зендели од БЕСА освои 909 гласа или 2,87% и
Рената Елези од ДПА освои 333 гласа или 1,05%.
Предноста на Таравари од 2 500 гласа не е мала за општина како Гостивар. Како ќе постапат оние кои отпаднаа од трката засега не се знае, бидејќи не успеавме да ги добиеме ниту Фадил Зендели од БЕСА ниту Рената Елези од ДПА.
Коалицијата која стои зад Таравари освои и најмногу гласови во Советот. Но, таму водството пред ДУИ е само 560 гласа. Другите две партии со значителен број на гласови се ВМРО-ДПМНЕ со 4 300 и СДСМ со речиси 3 000. Ако продолжи соработката, извесно е дека Советот ќе го контролираат Алијанса за Албанците/Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ.