Речиси 15 години постоеше пракса кај македонските судови да утврдуваат минимална сума на пари на сметка под која не смее да се изврши присилна наплата на паричен долг од јавен субјект, дури и по правосилни судски пресуди. Минималната сума вообичаено беше поставена на граница која институциите и јавните фирми никогаш и не ја надминуваа, па долгот во пракса и не можеше да се изврши
Во предметот „Осигурителна полиса и други против Северна Македонија“, кој е само првиот во неколкуте, Судот за човекови права пресуди во корист на апликантите – спротивно е на конвенцијата некому да му се оневозможи располагање со неговата сопственост
На 23 мај 2010 година, во 19 часот и 45 минути, во СВР Скопје била пријавена сообраќајна незгода на автопатот Куманово – Скопје. Од страна на увидната екипа, на возилото биле пронајдени влакна кои потекнуваат од дива мачка. По кажувањата на возачот, иако видно повредена, таа побегнала по ударот.

Овој фрагмент е дел од пресуда донесена во 2013 година, а според која тогашно „Македонијапат“ треба да плати 17 950 денари на една осигурителна компанија во земјава. Јавното претпријатие е задолжено да ја надомести штетата бидејќи возилото кое имало каско-осигурување удрило во животното возејќи по автопат.
Сама по себе, оваа одлука и не е толку важна. Но, исклучително се важни следните факти – дека осигурителната компанија никогаш не успеала да си ја наплати штета и покрај правосилната судска пресуда и дека ова не е единствен случај.
Како се калеше праксата
Иако е само генерализација врз основа на упатени извори, говориме за илјадници ненаплатени пресуди, од стотици јавни субјекти – општини, локални и државни јавни претпријатија, други институции. Вкупната вредност на тие напластувани долгови низ 15-ина години се брои во милиони, а можеби и во десетици па и стотици милиони евра.

Ако веќе ви се наметна логичното прашање, зошто тие државни субјекти не биле дадени на извршител, одговорот е – биле дадени. Но и покрај тоа, тие на кои државата им должела, не можеле да си го наплатат долгот. Еве и зошто.
Во членот 211 од стариот, односно членот 218 од новиот Закон за извршување е пропишано:

(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство…
Коренот на проблемот е што домашните судови низ годините развија пракса дека под терминот „предмети и права“ на државни субјекти не се мисли само, на пример, на машини, згради и слично. Во „предмети и права“ за неопходно вршење на дејноста, според судовите, влегуваат и паричните средства.
Па, судовите почнаа да воведуваат граница – кога може да се изврши присилна наплата во пари, а кога не. На пример, во случајот на „Македонијапат“,
- Во април 2012 година, Основниот суд Скопје 2 носи решение во кое се вели дека извршување на паричните долгови на претпријатието може да се спроведува само од парите над потребниот месечен минимум за работа, кој судот го утврдил на 60 000 000 денари, или околу еден милион евра. (975 000 евра);
- Во септември 2012 година, истиот суд ја крева границата на 80 000 000 денари. (1 300 000 евра);
- Во декември 2012 година границата повторно се крева, на 110 000 000 денари (1 800 000 евра);
- Во 2021 година границата се крева на 231 000 000 денари (3 750 000 евра).
Штосот е во тоа што јавните претпријатија никогаш немаат повеќе пари од минимумот. Па, во пракса, никогаш не може присилно да им се наплати преку извршител.

Но, се чини, дојде денот да се плати се што е туркано под тепих веќе деценија и пол. Јазолот го пресече Судот за човекови права во Стразбур.
Уживање на сопственоста
Предметот е насловен „Осигурителна полиса и други против Северна Македонија“. Апликацијата ја поднесе адвокатот Костадин Богданов, инаку поранешен агент на земјава во Судот во Стразбур. Тој застапуваше десетина осигурителни, градежни и други компании кои не можеа да си наплатат побарувањата од „Македонијапат“.

Богданов истакнува дека во пресудата има разбирање дека понекогаш е оправдано да се ограничи присилната наплата врз јавни субјекти, но само на краток рок.
„Тоа значи дека може да се ограничи во некој рок од шест месеци, најмногу до година дена. Но, вакви ограничувања кои траат по 13, 14, 15 години и во коишто доверителите се доведени во целосна неизвесност дали некогаш ќе го наплатат своето побарување, затоа што сега во моментот не знаеме дали и во наредните 15 години ќе останат тие лимити, таквата пракса е спротивна на конвенцијата односно спротивна на членот 6 која го гарантира фер судењето од една страна и секако спротивна на членот 1 од протокол 1 кој ја гарантира сопственост и правото на слободно уживање на сопственоста од страна на судот.“
Самата пресуда во конкретниот случај значи дека „Македонијaпат“ ќе треба да ги исплати долговите од конкретната пресуда. Но, тоа е само почеток.

„Има уште неколку апликации… против државата, каде актер и должник е Македонијапат. Но, има апликации каде должници се други јавни и државни претпријатија, па и општини. Значи, каде побарувањата се кон самите општини. Така што има уште неколку апликации кои веројатно судот сега и побрзо ќе ги реши затоа што веќе со оваа пресуда, како првична, е утврден преседан. Утврдено е точно што е случено и што не треба да се случува и очекуваме да тие апликации се забрзаат и за тие апликации да стигнат нови пресуди кои ќе се надоврзат на оваа пресуда“,
додава Богданов.
Предметите кои завршиле во Стразбур, пак, се само капка во океанот на ненаплатени долгови од државни фирми и институции кои чекаат на извршување по македонските судови. По пресудата на Судот за човекови права, очекувано е сите да почнат да си ги бараат парите по иста основа.

Тест за судството и државата
Како ќе се постапува и по досегашните и во идните вакви случаи, веќе во понеделник ќе расправа Одделот за граѓански дела на Врховниот суд. Конечниот став не само што ќе биде важен за државните органи кои должат и компаниите на кои им се должи – туку и за правораздавањето.

Токму Одделот за граѓански дела на Врховниот суд, во декември 2022 година, веќе донел мислење по истата проблематика. Тоа мислење е во спротивност со тоа што сега го вели Стразбур. Во заклучокот од пред три години, за одредбите во Законот за извршување, меѓу другото се вели:
„Не значи дека извршувањето може да се спроведе и врз парични средства кои се неопходни за вршењето на дејност на Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и дека претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето не е овластен согласно член 218 од Законот за извршување да определува кои средства се тие средства.“
„360 степени“ се обрати и до Министерството за правда во чии рамки функционира Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред судот во Стразбур. Задача на Бирото е да изготви препорака за можно постапување по изгубена пресуда и токму нивната препорака е поради што Врховниот суд и ќе расправа во понеделник.

На нашето прашање, во која насока е препораката, одговорот е следен:
„Се препорачува на Врховниот суд на РСМ, односно на неговиот граѓански оддел, во соработка со Апелационите судови да ја разгледа можноста за усвојување во што е можно пократок временски рок на заклучок/став кој ќе ги рефлектира ставовите на ЕСЧП изразени во пресудата во случајот АД Осигурителна полиса и др. против Република Северна Македонија… и останатата негова релевантна судска пракса и во врска со имплементацијата на оваа препорака и роковите за нејзина имплементација да го извести повратно Бирото најдоцна до 9 јануари 2026.“
На нашите прашања, пак – колку државни субјекти ќе бидат засегнати од пресудата и за колкав всушност вкупен долг станува збор, ни одговорија:
„Министерството за правда, односно Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, имајќи ги предвид нивните надлежности не располагаат во моментот со ваква проценка. Сепак, со истиот допис на Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, примарно до Министерството за финансии е препорачано да достави определени податоци во оваа смисла најдоцна до 9 јануари 2026, со цел нивно проследување до Советот на Европа.“
Советот на Европа ги бара тие податоци затоа што Комитетот на министри ќе врши надзор над извршувањето на предметната пресуда. Тоа значи дека земјава ќе биде под постојан притисок да ја спроведе пресудата во разумен временски рок.
Што и како ќе прават судовите, е само делче од задачите кои една земја ги добива по пресуда од Стразбур.

Адвокатот Костадин Богданов, ги нарекува тие мерки директни. Додава дека е вообичаено да има и општи
„Тука веќе спаѓаат или може да спаѓаат измени на закони. Значи можеби ќе дојде до ситуација членот 218 од Законот за извршување да претрпи промени, односно амандмани за негова измена, за да не се, под наводници, злоупотребува како што до сега беше правено. Понатака, може да се предвидат обуки за судии, семинари, усогласувања на апелационите судови, да се побара начелен став или мислење од Врховниот суд којшто ќе биде задолжителен за сите судови надолу во којшто јасно ќе бидат истакнати повредите констатирани со пресудата од Стразбур“,
изјави адвокатот, Костадин Богданов.
Во прв момент, сепак, во фокус ќе „Македонијапат“. Се обративме и таму, но не добивме одговор дали ќе им останат пари за нормална работа ако наеднаш мора да ги платат сите ненаплатени судски пресуди.
