Стоматолошките проблеми ретко се животнозагрозувачки, но болката си е болка, макар и во епидемија на корона.
„Трет пат доаѓаме бидејќи привремено ставаат лек, а не го санираат проблемот“,
се жалат дел од пациентите кои чекаат ред пред дежурните амбуланти.

Ваквите поплаки веќе стигнаа и до министерот за здравство.
„Секој пациент што има итна потреба мора да биде примен во ординација и да биде саниран. Не да се дадат лекови, туку да се направи стоматолошка интервенција“,
порача Венко Филипче на прес-конференција.
И додека Филипче најави дури и инспекции, и државните и приватните стоматолози велат – се знае што се подразбира под итно.

„Некои пациенти мислат дека се итни, а кога ќе ги прегледаме не се итни“,
вели д-р Амела Цана, директорка на Стоматолошки клинички центар
„Во голем број случаи и самото ставање лек е интервенција“,
вели д-р Маријан Денковски, претседател на Стоматолошка комора
Кое итно е доволно итно за стоматолошка интервенција во време на ковид-19?

Звукот од машината во стоматолошка ординација на многумина им предизвикува морници уште пред да ја почувствуваат. Но, кога забот ќе почне да боли, таа им е најголема надеж за скратување на маките.
„Прво пациентите што се јавуваа прашуваа дали ние бушиме заби или ставаме само лекчиња за да ја смириме болката“,
вели д-р Горан Мишевски, приватен стоматолог чија ординација е дел од мрежата со Фондот.
Поради опасност од пренесување на ковид-19, турбината во моментов се користи само таму каде што мора бидејќи преку неа ширењето на аеросоли е најголемо.

„Работата со турбина се подразбира каде што има акутна болка која не се смирува со аналгетици, каде што е потребно со турбина да се отвори нервот на забот на пациентот за да може лекот да се стави директно во пулпата и да имаме смирување на болката и тој пациент да го завршиме. Доколку не ја активираме турбината и ставиме само лек, тој пациент постојано ќе ни доаѓа само со поголеми болки“,
потенцира Мишевски.
Според актуелните правила поради ковид-19, во секој град работат дежурни јавни здравствени установи или приватни стоматолошки ординации, но само за итни случаи. Останатите се затворени. Што е итен случај, одредува матичниот стоматолог по телефон и, во случај да има потреба, го испраќа пациентот во дежурна установа.
Внатре се примаат само пациенти со силна забоболка која не поминува со лекови, случаи со скршеници, инфекции и обилни крвавења.

„Се менуваат некои правила на однесување, преку прозор. Но, не ми пречи тоа, битно ми е да завршам работа. Имам проблеми со протезата, оштетувања на протезата… Сега, ако требаше лично да се интервенира, ќе мораше да влезам внатре“,
вели Бранко Перевски кој го сретнавме пред ординацијата на неговиот матичен стоматолог.
Дезинфекција, мерење температура и епидемиолошка анкета е редовна процедура за секој што влегува во ординација. Само ако пациентот нема симптоми на ковид-19, може да се почне со работа.
Но, што ако дојде пациент што е итен, а има симптоми на коронавирусот?

Клиниката за стоматологија во Скопје е единствена која има инфективно одделение наменето за третман на пациенти со разни заразни болести. Според новите протоколи, тука би се носеле и пациенти кои се заболени од ковид-19, но и сите суспектни случаи на кои им е потребна итна стоматолошка интервенција.
Досега тука не дошол таков пациент. Но, директорката вели дека, иако сѐ уште немаат ковид-одделение, подготвени се и за таков предизвик.
„Ние третиравме пациенти со ХИВ, со хепатити и покриваме голем регион, значи од цела држава доаѓаат пациенти со инфективни заболувања и не мислам дека би претставувало проблем за да примиме и таков пациент“,
вели директорката д-р Амела Цана.
Поради коронавирусот, работата на Клиниката е речиси парализирана. На пример, децата со попречености во моментов е речиси невозможно да се лекуваат.

Она што работи се две амбуланти за итните случаи неповрзани со ковид-19. Како и приватните стоматолози, и директорката Цана вели дека падната пломба не е итен случај.
„Нормално сега на почеток имаше многу недоразбирања од пациентите. Значи, ако е падната пломба, не значи дека е итен случај. Така што тоа може да почека. На почеток имаше многу прилив на пациенти, но полека и кај самите пациенти се крена свеста и сега доаѓаат само како итни“,
вели директорката на Стоматолошкиот клинички центар.
По повикот на министерот Филипче, Државниот здравствен и санитарен инспекторат направи повеќе инспекции во дежурните стоматолошки ординации. Но, не констатирал неправилности, вклучувајќи го и селектирањето на итни и неитни случаи.

За приватните стоматолози – казни, секако, не се добредојдени, бидејќи трошоците за работа, според новите протоколи и правила за заштита, паднаа на нивен грб.
„Ние со колегите кога ќе се состанеме го користиме изразот ‘е уште ова ни требаше’, како капак на лошата финансиска состојба. Прометот од ланската година ни е намален 11 пати или 92 отсто помалку промет од партиципација овој април од ланскиот, за разлика од тоа средствата што ги користиме за дезинфекција, заштита, стерилизација ни се зголемени 3-4 пати. И ние сме доведени во ситуација да работиме со загуба“,
вели стоматологот Мишевски.
Приватните стоматолози гледаат излез во повлекување на забраната за нивна работа, но и во зголемување на цените на услугите.
Основната причина за нивно затворање беше опасноста за докторите во време кога немаше доволно опрема, што според првиот човек на нивната Комора веќе е надминат проблем.
„Сега веќе сѐ има, и домашно производство има многу, само не ни се допаѓа што цените се прилично високи. Докторите ќе бидат заштитени, сметаме дека секој за себе има обезбедено опрема, а ние ќе бараме постојано и пак ќе се обратиме до институциите да помогнат за да може и финансиски да се издржи. Сега е голем финансиски товар за секој што практикува стоматологија“,
вели д-р Маријан Денковски, претседател на Стоматолошка комора

Во следниот период стоматолозите ќе треба да се вклучат и во најавениот масовен скрининг за ковид-19.
„Ние ќе им помогнеме на Министерството и на државата, но очекуваме за возврат државата да ни излезе во пресрет“,
потенцира Денковски.
Според Комората, некои од стоматолозите губат трпение и работат зад затворени врати. Други, пак, кризата ја менаџираат со отпуштање вработени.
Враќањето на нормална работа во ординациите би било постепено и со истите правила за заштита, за што веќе изготвиле протоколи. Според нив, сите суспектни пациенти би се праќале на Стоматолшката клиника во Скопје, а тие за старт би почнале да даваат и други освен итни услуги, како на пример, да пломбираат заби. Ставањето импланти и другите покомплицирани зафати би почекале подобри времиња.