Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска учествуваше во вежба за спасувачка акција „Мрежичко 2021“ и со јаже се преминуваше преку кањон. Тоа го направи за, како што рече, да им оддаде почит и да ја докаже неговата доверба во вештините и опремата кои ги поседуваат членовите на Спелеолошката федерација на Македонија.
Пред спуштањето по јаже, Ангелов се обрати со порака дека се потребни системски реформи за овие лица да влезат во системот за кризен менаџмент.
„Потребни се длабоки системски реформи за овие луѓе да бидат ставени во системот на државата, во системот за управување со кризен менаџмент за нивните вештини да бидат на располагање за сите граѓани на кои ќе им биде потребно спасување или извлекување од непристапни терени. Наша задача како ЦУК е длабоки реформи на целиот систем за да бидат отстранети сите недостатоци кои ќе ги детектираме или се детектирани до сега“,
рече Ангелов.
Вежбата „Мрежичко 2021“ беше изведена во кавадаречкиот регион, а кањонот преку кој тој поминуваше е длабок околу 30 метри.
На настанот присуствуваше и Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), чии единици исто така учествуваа на оваа вежба, кој исто така порача дека се потребни промени.
„Мислам дека сме на добар пат да почнеме да ги помрднеме работите кон позитивно. Двете институции се секогаш отворени за соработка со вас. Затоа што сите ние имаме една цел. Целта ни е, хуманоста. Целта е да бидеме на ниво на задачата, таму каде што секогаш ќе се помогне на лицата на кои им е потребна помош и поддршка. Целта е секогаш да бидеме што е можно повеќе подготвени“,
нагласи Максути.