Со изведби на песната „Бела чао“ стотици граѓани низ светот даваат поддршка на битката со коронавирусот и изразуваат почит кон жртвите.
Меѓу нив се и музичарите на Операта на српскиот народен театар кои ја отсвирија песната во нивните домови, изразувајќи поддршка на сите кои се борат со пандемијата или изгубиле блиски личности.
„Иако е светот на пауза треба да продолжиме да го правиме она што умееме. Затоа Констанин Благојевиќ го направи аранжманот, италијанскиот маестро Андреа Солинас е диригентот, а нашиот оркестар ја отсвири оваа песна со цел да покажеме дека сме заедно и кога сме дома. На овој начин сакаме да им се заблагодариме на сите кои помагаат во оваа ситуација, но и да дадеме на поддршка на граѓаните од другите земји кои се соочуваат со големи загуби“,
порача директорот на српскиот народен театар Александар Станков.
Тие посочија дека откажувањето на концертите како последица на коронавирусот е голем удар и за музичарите. Сепак, велат во моментов најважна е борбата за живот и веруваат дека сите заедно ќе ѝ се вратат на музиката кога пандемијата ќе заврши.
„Во мојата земја има една популарна мисла – остануваме заедно, дури и одвоени“,
порача Солинас.
„Бела чао“ стана симбол за изразување солидарност и поддршка во битката со коронавирусот најпрво во Италија, која е најпогодена од пандемијата. На социјалните мрежи редовно се споделуваат видеа снимени од терасите на граѓаните на кои заеднички ги пејат стиховите, а поддршка имаат и од музичари. На ист начин, симболичен поздрав почнаа да испраќаат и граѓаните од другите земји.
„Бела чао“ е стара италијанска фолк балада која била преработена за време на Втората светска војна за италијанските антифашистички борци на отпорот и оттогаш стана химна на борбата против фашизмот.