В четврток во Прага, со учество на 44 држави, ќе се одржи првиот самит на Европската политичка заедница. Станува збор за иницијатива која во мај годинава ја промовираше францускиот претседател, Емануел Макрон, а која веќе по еден месец доби своја официјализација во јунските заклучоци на Европскиот совет. Има многу нејаснотии поврзани со оваа иницијатива – од тоа дали ќе воопшто ќе се вика „заедница“, до тоа дали треба да биде друштво на држави кои не успеале да влезат во ЕУ. Се чини стравувањата се најголеми токму на Западниот Балкан чии земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, природно се сметаат за први на листата потенцијални членки на Унијата
Франција уверува дека нема простор за паника, особено зашто Северна Македонија веќе длабоко е навлезена во процесот на пристапување и преговарање со ЕУ. Официјално Скопје најавува дека во Прага регионот ќе настапи координирано барајќи помош од Унијата за справување со последиците од енергетската криза
Се почна во мај оваа година со говорот на францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент во Стразбур.
„Наша историска обврска е денес да одговориме на тоа прашање и да создадеме нешто што јас, овде пред вас, би го опишал како Европска политичка заедница“,
изјави францускиот претседател во Стразбур.

Макрон, чија земја во тој момент претседаваше со ЕУ, беше под притисок да најде соодветен одговор на барањето на Украина за зачленување во Унијата, процес кој во нормални околности трае со години.
„Зачленувањето нема да го прејудицира натамошното пристапување кон ЕУ и нема да биде затворено за оние кои ја напуштија Унијата“,
рече Макрон во мај годинава.
Официјализирањето на идејата лансирана во мај се случи во јуни, на крајот на француското претседателство.
„Ние треба да делуваме побрзо и да го стабилизираме нашето соседство. Да бидеме искрени, можеби сите нема да живееме во иста куќа, но сите живееме на иста улица“,
изјави Макрон во јуни за време на Европскиот совет.
Тоа за што се заложи францускиот претседател, а доби поддршка и од други европски лидери, стана дел од заклучоците на Европскиот совет.
„Координација, зголемување на политичкиот дијалог и соработка за прашања од заеднички интерес, како и зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“ – пишува во заклучоците кои дипломатски ги „пакуваат“ идеите на Макрон.

„Бидејќи ќе биде потребно време и бидејќи забележуваме своевиден феномен на заморување од проширувањето меѓу членките кои се приклучиле, со години држави кои се вклучени во процесот, велат дека тоа е долго и ужасно, тешко е да се спроведат бараните реформи, долг е патот и затоа предложив создавање на Европска политичка заедница која е вистинскиот одговор. Во ред, ја имаме ЕУ, имаме процеси на проширување кои се отпочнати, а за кои е потребно многу време и други кои можеби нема да се остварат“,
изјави францускиот претседател за време на Европскиот совет.
Макрон никогаш директно не рече дека Европската политичка заедница значи крај за проширувањето на ЕУ, но стравувањата дека се промовира втора европска лига, во која би играла и Северна Македонија, останаа. Дали се оправдани?
Во Прага, главниот град на Чешка – земјата која е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, за три дена ќе се одржи првиот самит на Европската политичка заедница. Покрај 27-те земји членки на ЕУ, поканети се уште 17 други европски држави, меѓу кои, Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Молдавија, Грузија…, како и шесте земји од Западен Балкан. Делегацијата на Северна Македонија ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.

Има неколку непознати во равенката – првата е дали воопшто ќе се нарекува „заедница“, зашто тој термин не е многу по волја на некои држави кои ја преферираат формулацијата „форум“. Допрва ќе се утврдува и што точно ќе работи оваа заедница или форум, како ќе функционира, колку често ќе заседава…
Во услови кога проширувањето на ЕУ не се движи со посакуваната динамика, кога во некои кругови се заговара и запирање на тој процес, легитимни се стравувањата, особено во Западниот Балкан, дека „стара Европа“ преку оваа нова заедница сака да создаде унија од втор ред. За овие дилеми „360 степени“ побара одговор од земјата-иницијатор Франција и од Владата на Северна Македонија.“
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер ги отфрла тезите дека станува збор за иницијатива-замена за проширувањето. Вели, треба да се има на ум дека во првата половина од годината, за време на француското претседателство со ЕУ, проширувањето доби динамика каква што не се случила во последните десет години – Северна Македонија и Албанија ги почнаа пристапните преговори, а Украина и Молдавија станаа земји-кандидати.

„Би било чудно во момент кога го забрзуваме проширувањето во Унијата, да донесеме проект што би го заменил проширувањето. Тоа би било политички некохерентно, тоа не е целта, целта е токму спротивна. Тоа значи дека денес во светот кој го познаваме и кој го обележа руската инвазија врз Украина, повеќе од кога и да е, потребно ни е да развиваме солидарност меѓу членки на европското семејство надвор од ЕУ. Тоа значи дека, од една страна, ќе треба, почитувајќи ги правилата, да одиме колку што е можно побрзо во процесот на европска интеграција, проширување за земји што се засегнати од тоа, а тоа е случајот со земјите од Западен Балкан, но паралелно на тоа, во една поширока рамка во која ќе бидат присутни земји како Обединетото Кралство кое ја напушти ЕУ и кое нема намера да се врати во Унијата, да може со тие земји да имаме засилен политички дијалог и да соработуваме во области кои се од заеднички интерес“,
вели Бомгартнер за 360 степени.
Ако не е замена за проширувањето, тогаш кој е интересот на земјите од Западен Балкан и на Северна Македонија од членувањето во иницијативата на Емануел Макрон?
„За земјите од Западен Балкан интересот во сето ова е што тие ќе можат, прво да имаат канал за постојана дискусија на највисоко ниво со челниците на ЕУ, но исто така и многу повеќе да користат од соработката која веќе постои зашто земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, по вокација ќе и се приклучат на ЕУ и ќе треба да можат да ги имаат сите предности од тоа членство. Но, процесот ќе биде долг и затоа е многу важно уште од сега да можеме да имаме продлабочена соработка, особено за стратешки теми“,
објаснува францускиот амбасадор во земјава.

Во пресрет на најтешката зима за Европа по Втората светска војна, енергетиката се наметнува како приоритет број еден. Францускиот амбасадор потврдува дека е можно од самитот во Прага да произлезе конкретна помош или барем конкретна најава за помош за Северна Македонија во делот на енергетиката.
„Северна Македонија ќе може силно да ги каже своите потреби од областа на енергетиката во рамки на Европската политичка заедница. Станува збор за орган на кој ќе се разговара на еднакво рамниште, но потоа тие дискусии треба да бидат преточени во конкретна соработка и јасно е дека ако успееме на полето на енергетиката да се донесат мерки кои навистина ќе се значајни за државите кои партиципираат, за граѓаните на тие држави, мислам дека овој форум очигледно ќе биде многу добар за сите“,
вели Бомгартнер.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ќе го придружува премиерот Ковачевски во Прага, воопшто не стравува од тоа дека Европската политичка заедница може да биде супституција за проширувањето на ЕУ.
„Гледајте го само составот на земји – 44 држави, вклучувајќи го Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, кои немаат ниту амбиција да влезат во ЕУ. Самото нивно партиципирање, како и на други земји како Азербејџан, зборува дека темата не е ЕУ и проширување, туку консолидирање на дијалогот во рамки на европскиот континент во пресрет на предизвиците пред кои се наоѓа светот, особено Европа. Би рекол дека има комплементарност со политиките на ЕУ, но во никој случај не навлегува во делот на проширувањето“,
објаснува Османи за 360 степени.
Во однос на конкретните очекувања од собирот во Прага, шефот на дипломатијата најавува координиран настап на земјите од регионот за енергетските предизвици.

„Дадов насока на моите политички директори да комуницираат со хомолозите од Западен Балкан за таму заеднички да ја покренеме оваа тема, односно потребата од внесување на Западен Балкан во политиките на субвенционирање пореди ефектите од енергетската криза. Ја имаме ситуацијата со разговорите со Бугарија по однос на купување електрична енергија каде одредени европски правила кочат постигнување билатерален договор. Затоа велам дека тоа е навремена и соодветна платформа за отворање на овие прашања особено во делот на енергетската криза“,
вели министерот за надворешни работи.
Претседателот Стево Пендаровски изминатиот викенд во Софија ја отвори темата пред европските претставници. Од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара ЕУ да ја компензира разликата меѓу цената на струјата што ја нуди Бугарија и онаа што е подготвено да ја поднесе нашето стопанство. Според најавите, самитот на Европската политичка заедница во Прага е шанса барањето на Пендаровски да напредува кон реализација во следните недели додека температурите се уште се над нулата. Тоа е шанса и за ЕУ да поправи дел од својот нарушен имиџ во земјава.