Фирмата „Виа комерц“, всушност, никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно ѝ ја одзела лиценцата. Само неколку дена подоцна – нова фирма, „Виа контрол“ добива „чиста“ лиценца за работа во истиот објект
Помина еден месец откако Обвинителството за борба против организиран криминал влезе во МВР во потрага по одговори – зошто фирмата за технички преглед на возила, ВИА Комерц, требало да биде затворена уште во август, но тоа не се случило.
Во ВИА Комерц, токму во периодот кога не требало да работи, технички преглед помина автобусот на Беса Транс – кој изгоре во Бугарија.
Еден дел од документацијата е одземена од одделот за сообраќај, а другиот дел одделот за управни работи кои го изготвиле решението за затворање на станицата за технички преглед“,
изјави за Телма, обвинителката Вилма Русковска на 5 мај 2022.
За ВИА Комерц, „360 степени“ пишуваше уште лани, пред Нова година, а случајот тогаш го испитуваше скопското обвинителство. Со документи покажавме дека инспектори на МВР предложиле затворање на ВИА КОМЕРЦ уште во август 2021 година поради серија констатирани недостатоци, а министерот за внатрешни работи го сторил тоа дури во ноември, три дена по трагедијата на автобусот во Бугарија во која загинаа 46 патници.
„Мојот одговор е дека моментално има истрага што се води и ќе ги даде резултатите“,
рече Спасовски на 9 мај годинава.
„360 степени“ провери – што има ново во случајот?
Отворени врати, работници, муштерии дојдени да направат технички преглед на возилата. Објектот на „Виа Комерц“, кој првиот човек на полицијата не го затвори навреме минатата година, денеска си работи нормално.
При нашите претходни посети, во декември и во јануари, објектот беше затворен, бидејќи три дена по несреќата во Бугарија ВИА Комерц доби забрана за работа до отстранување на недостатоците, што требало да се случи уште во август.
Тоа што станицата во моментов е отворена првично не наведе на заклучок дека компанијата ги отстранила недостатоците што ги открија инспекторите на МВР. Но, тој заклучок брзо се покажа лажен и на повидок излезе нова „дупка“.
Во истите објекти во кои функционираше „Виа Комерц“, сега работи друго правно лице со слично име – „Виа Контрол“. Сопственикот на претходната фирма, Џемаљ Нуиши, во новата компанија се јавува како управител. „Виа контрол“ е основана на 17 јануари годинава, по истекот на рокот во кој претходната фирма „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите за да продолжи со работа.
Како е можно – нова фирма да продолжи на старото „проблематично“ место и со истата дејност – прво прашавме во МВР.
Звучи неверојатно, но е вистинито. Виа Комерц всушност никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно и ја одзело лиценцата. Само неколку дена подоцна – нова фирма, Виа Контрол, добива „чиста“ лиценца за работа во истиот објект.
Од МВР велат дека се е по закон и дека самите барале законски измени со кои нема да смее нова компанија да добие лиценца за технички преглед на возила во објект кој бил користен од фирма што ја изгубила лиценцата во последните 3 години.
Овој член од законот, велат, „паднал“ на Уставен суд.
„Согласно горенаведеното, нема законска пречка новиот правен субјект Друштво за трговија и услуги ВИА Контрол ДООЕЛ увоз-извоз од Скопје да добие овластување за вршење дејност во истиот објект доколку ги исполнува законски предвидените услови“,
велат од МВР.
Управителот на новата фирма Џемаљ Нуиши не одговори на нашите прашања – зошто е формирана нова фирма – „Виа контрол“ наместо да ги остранат пропустите кај претходната. Не коментираше ниту дали на овој начин се изигрува ситемот.
Се обративме и до обвинителството од каде не ни открија повеќе детали од она што го кажа Русковска пред еден месец. Останува и стариот став на Спасовски на прашањето – зошто чекал со потписот?
„Затоа отвори истрага Обвинителството и ќе ги даде резултатите. Мојот одговор е дека моментално има истрага што се води и ќе ги даде резултатите.
-Чувствувате ли одговорност?
Тоа ќе го покажат институциите кои водат истраги за таа работа,“
рече Спасовски на прес-конференција на 9 мај.
Истите околности ги испитуваше и Основното јавно обвинителство Скопје уште пред Нова Година. Тие формираа предмет по несреќата во Бугарија за фирмата „Беса транс“ и постапувањето на надлежните институции.
И тој предмет, се уште е во работна фаза.
„Обезбедена е обемна материјална документација која се анализира и сослушани се повеќе лица со цел да се утврдат фактите. Доколку се утврди дека во овој дел е сторено кривично дело, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности и ќе преземе кривичен прогон“,
велат од скопското обвинителство.
„Виа комерц“ стана позната за поголем дел од јавноста по несреќата во Бугарија, кога министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, информираше дека таму бил направен последниот технички преглед на автобусот и дека не биле утврдени пропусти при прегледот.
Истиот ден кога ја одржа оваа прес-конференција, без да ја информира јавноста, Спасовски издал решение за привремена забрана за работа на истата станицата.
Причините утврдени неколку месеци претходно биле повеќеслојни – од тоа дека во станицата не се водат потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, до тоа дека во контролата учествувале нестручни лица.
„На овој начин се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“,
се наведува во решението за привремена забрана за работа.
„360 степени“ откри дека овие пропусти биле констатирани многу порано пред да и биде ставен клуч на станицата. Надзорот, всушност, бил спроведен уште во август, а на 25 истиот месец, надлежните служби на МВР изготвиле предлог-решение за забрана за работа на станицата.
Но, Спасовски не го потпишал решението, па станицата за технички преглед продолжила со работа. Во меѓувреме, на 5 октомври во станицата поминал технички преглед и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија на 23 ноември.
За тајмингот и околностите во кои беше затворена станицата за технички преглед „Виа комерц“ прв пат објавивме кон крајот на декември минатата година. Од тогаш досега, од МВР не добивме конкретен одговор зошто решението за привремена забрана за работа на станицата три и пол месеци се чувало во фиока.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.