Од документите кои ни ги достави Министерството за спорт, се добива појасна слика за хронологијата на настани за (не)изградбата на петте затворени базени кои изведувачот „Енергоинвест Трејд“ требаше да ги заврши и предаде на управување на општините до 2022 година. Но, тие документи отворија нови прашања меѓу кои клучното – како бил ангажиран вториот подизведувач
До затворањето на сторијата не ги добивме договорите меѓу изведувачот и првиот подизведувач, како и меѓу првиот подизведувач и вториот подизведувач. На нашите прашања, ни одговори само првиот подизведувач – дека тие договори се деловна тајна, а дека сите доцнења и проблеми на градилиштата не се нивна одговорност, туку на тој што ги најмил
Минатата недела потсетивме дека во февруари 2020 година во Битола, Кичево, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода започна изградба на затворени базени кои требаше да бидат готови за 18 месеци.
Пет години подоцна не е готов ниту еден од објектите, кои за три милиони и триста илјади евра требаше да ги изгради компанијата „Енергоинвест трејд“.

„Изведувач на подизведувачот гради на терен. Малце е чудно, меѓутоа ситуацијата е таква каква што е“, рече Ристовски.
По оваа изјава на министерот за спорт Борко Ристовски, ги побаравме сите документи за изградбата на тие пет базени. Бидејќи, додека министерот говореше за подизведувачи, јавно во системот за јавни набавки е објавен само основниот договор меѓу тогашната Агенција за млади и спорт и изведувачот на работите „Енергоивест трејд“.

Министерството реагираше брзо и ни достави вкупно пет документи. Тие, пак, ни дадоа појасна слика што се случувало, но отворија и нови прашања.
– На 7 февруари 2020 година е склучен договор меѓу Агенцијата за млади и спорт и „Енергоинвест трејд“. За сума од околу 3,3 милиони евра, компанијата треба да изгради пет базени за 18 месеци. Важноста на договорот е четири години, до 6 февруари 2024 година.
– На 15 август 2022 година, кога рокот за изведба е пробиен за 12 месеци, „Енергоинвест трејд“ најмува подизведувач – „Еуровиа“ од Желино. До затворањето на оваа сторија, не ни беа познати условите на договорот.
– На 29 јуни 2023 „Енергоинвест“ и Агенцијата за млади и спорт потпишуваат анекс со кој базените поскапуваат 19%, на 3,9 милиони евра.
– На 6 февруари 2024 година, последниот ден од важноста на договорот за изградба на базените, Агенцијата за млади и спорт и „Енергоинвест“ склучуваат нов, Анекс бр.2. Крајниот рок за изградба на базените е продолжен до 30 декември 2024 година.
– Истиот ден „Енергоинвест“ потпишал анекс и со подиведувачот „Еуровиа“.
– На 27 декември 2024 година, потпишан е Анекс бр.3 меѓу „Енергоивест“ и наследникот на Агенцијата, Министерството за спорт. За првпат потпис става министерот Борко Ристовски, во случајот за продолжување на рокот на изведба од 30 декември 2024 година на 30 јуни 2025 година.
Рокот, потоа, бил продолжен и во договорот меѓу „Енергоинвест“ и нивниот подизедувач „Еуровиа“.
Во наше време нема потпишувано, јас колку штом сум информиран можеби и да грешам, меѓутоа не е потпишано во наше време продолжување…
рече министерот Ристовски.

Документите што ни ги даде Министерството ја негираат оваа изјава на министерот. Но, тоа е помалку важно во целиот случај.
Снимајќи на терен, кај базенот во Кисела Вода посведочивме дека гради фирмата „Вивинт“ од Тетово, чие име стои и на таблата пред објектот. Дека тоа се прави со знаење на државните органи, потврди и министерот Ристовски.
Ристовски: „Мислам дека првиот изведувач е „Енергоинвест„.
360°: Така е, точно .
Ристовски: Вториот подизведувач е „Еуровиа“, а „Еуровиа“ го има дадено на „Вивиент“ или „Вивекс“, не знам точно како се вика компанијата. И ние ја затекнавме таа ситуација…“
Но, во документите што првично ги добивме од Министерството за спорт немаше ниту еден договор во кој се спомнува компанијата „Вивинт“. Па, ги побаравме и нив, иако во нашето претходно барање ги побаравме сите документи поврзани со предметната набавка. Ни ветија дека ќе ни ги обезбедат.

А, освен до Министерството за спорт, се обративме и до „Вивинт“ и до „Еуровиа“ од каде исто така побаравме и одговори и документи, бидејќи се трошат буџетски средства. Се одзваа единствено од „Еуровиа“. На прашањата, колку изнесувале нивните договори со добитникот на тендерот „Енергоинвест“ и подизведувачот „Вивинт“, ни одговорија:
“Вредноста на договорот помеѓу „Еуровиа“ и „Енергоинвест трејд“ е доверлива информација и подлежи на клаузули за доверливост… Вредноста на договорите со подизведувачите е доверлива информација и не може да се објави“, велат од Еуровиа.
Во однос, пак, на доцнењата на изведбата, од „Еуровиа“ отфрлија одговорност.
„Енергоинвест трејд“ е одговорен за менаџирање и реализација на проектот, а „Еуровиа“ беше ангажирана како подизведувач само за одредени фази во периодот почнувајќи од крај на 2022 година… „Еуровиа“ ги исполни сите свои обврски согласно договорот со „Енергоинвест трејд“ и обезбеди дека работите за кои беше ангажирана се извршени според стандардите.
одговорија Еуровиа.
Дека изградбата на базените во Битола, Кичево, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода е во најмала рака проблематична, не е нова информација за надлежните институции.

И финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна беа во Битола, на настан за борба против корупцијата. Невладината организација Центар за граѓански комуникации и пред нив и пред граѓаните го презентираше своето истражување – дека за базенот во Битола се исплатени многу повеќе пари отколку што било изградено до минатото лето и дека …
„На градилиштето не се води редовно градежен дневник и засега не е можно писмено да се внесуваат сите забелешки. На градилиштето не е присутно одговорното лице кое е назначено со решение, ниту пак техничкото лице. Работите ги извршуваат трети лица за кои не се доставени официјални податоци.“
се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Иако можеа да слушнат и видат во прво лице, на прашањето дали имаат отворено предмет за случајот, од ДКСК ни одговорија:
„Ве известуваме дека во Државната комисија за спречување на корупцијата не е оформен предмет во однос на наводите во Вашето прашање“
одговорија од ДКСК.
Од Управата за финансиска полиција, пак, не добивме никаков одговор.
И самите направивме проверка на сите фирми вклучени во хронологијата на настани. За „Вивинт“ најдовме дека е основана на 8 јуни 2022 година под името „Аркитектика“. Газдарица била извесна Дијана Спировска. Само четири месеци подоцна таа ја продала фирмата на извесен Зерафет Шефити. До крајот на 2022 година компанијата немала ниту вработени ниту приходи. Во февруари 2023 фирмата го менува името во „Вивинт“, а годината ја завршува со приходи од околу 235 илјади евра и четири вработени.

Фирмата „Еуровиа“, која според министерот ја најмила „Вивинт“, е попозната во јавноста. Постои од 2010 година, има околу 50 вработени, а во 2023-та остварила околу 16,5 милиони евра приходи.
Има изведувано повеќе објекти. Но, еве како ја опиша пред два и пол месеци сопартиец на министерот за спорт.
„Сакам да кажам дека ДУИ стана бренд, значи заштитник на криминалот. Познати се по ‘транспарентните’ набавки на ‘Еуровиа’, фирмата којашто е нивен спонзор и донатор на нивната политичка партија, а ги добиваше најголемите тендери во државата во нивно време“,
кажа пратеникот Драган Ковачки.
Фирмата која го добила тендерот од Агенцијата за млади и спорт, „Енергоивест трејд“, пак, преку сопственичката Гордана Димитрова е поврзана со попознатата градежна компанија „Бауер БГ“. Пред еден месец, обвинителството поднесе обвинение против Благој Димитров од „Бауер БГ“ за тендерот со кој ја сменија фасадата на зградата на Владата.
„Во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил два подизведувачки договори со други две правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка“,
велат од Основното јавно обвинителство.
До „Енергоинвест трејд“ се обративме пред десетина дена. Досега не ни стигнаа одговори.
Новите документи што ни ги ветија од Министерството за спорт можеби ќе ја разјаснат дилемата – врз која основа, но и за колку пари базените сега ги гради подизведувач на подизведувачот.