Речиси сите учесници на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски дојдоа со маски. Заштитни маски носеа и членовите на кабинетот на Пендаровски, а на сите присутни пред влегувањето во вилата „Водно“ им беше мерена температура.
Без маска единствено пристигна генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој беше министер за здравство пред доаѓањето на Венко Филипче. Таравари пристигна во придружба на претседателот на Алијансата, Зијадин Села, кој исто така е лекар по професија.

Средбата се одржува на отворен простор, на една од терасите во вилата „Водно“.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, пристигнаа во придружба на генералните секретари Игор Јанушев и Љупчо Николовски.

По завршувањето на средбата, која почна во 13 часот, се очекува претседателот Пендаровски и партиските лидери да излезат со поконкретни ставови околу можниот датум за одржување на изборите – четири дена пред завршувањето на вторите 30 дена вонредна состојба, а откако денеска Комисијата за заразни болести ѝ препорача на Владата да го олабави мерките што беа донесени во почетокот на епидемијата со коронавирусот.
