Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, изјави дека згрешил кога рекол дека етничката припадност и мајчиниот јазик на пописот ќе можат да се декларираат само лично, а не и во име на друг член на семејството.
Овој став за „360 степени“ го даде во интервју за сторија во која ја отворивме дилемата – која пописна категорија обезбедува етнички права – жителите на земјата или сите државјани?
На оваа изјава на Симовски претходеа спротиставени ставови меѓу него и заменик-директорот на ДЗС, Иљми Селами.

„Да, имавме некои несогласувања, веројатно и погрешни изјави, пред се, од моја страна. Жал ми е и се извинувам што ја доведов јавноста во некоја заблуда. Законот пишува многу добро, членот 8 тоа го дефинира, не специфицира кој, така да мора да го почитуваме законот во тој дел.
360°: Со оглед на тоа дека конечните бројки од пописот сепак ќе влијаат на политиката, во смисла на уставните категории и очекувањата на политичките партии – која е вашата генерална порака пред се до граѓаните?
Имам една и единствена порака. Земете учество во пописот бидејќи овој попис е за граѓаните. Податоците се во интерес на граѓаните на оваа држава и на никој друг“,
вели Симовски.
Неговата првична изјава, дека роднините не можат да ги дадат белезите како јазик и етничка припадност за печалбарите, Симовски вели дека ја дал со цел да ја мотивира дијаспората сама да се попише. Таквата опција ќе биде возможна електронски, почнувајќи од 1 март 2021 година.
Симовски сега објаснува дека според членот 8 од Законот за попис, кој предвидува дека за државјаните на земјава кои се во странство податоци дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот, нема ограничување за тоа кои податоци може да се дадат.
Заменик-директорот, Иљми Селами, претходно ја бранеше истата позиција, повикувајќи се на истиот член на Законот за попис.