Силниот ветер и градот, информираат репортерите на „360 степени“ од терен, направија штети на земјоделските култури и овошните насади, но и штети во урбаните средини

Центарот за управување со кризи соопшти дека во 16.30 часот територијата на Тетово ја зафати невреме проследено со дожд, грмотевици и силен ветер во траење од околу 40 минути. Големото количество поројни води предизвика поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.
Екипите на ТППЕ Тетово и јавнокомуналните претпријатија се на терен и вршат пунктирање на водата од објектите.
Од страна на ТППЕ Тетово преку ЦУК било побарано исклучување на струјата во цело Тетово.
Силниот ветер и градот, информираат репортерите на „360 степени“ од терен, направија штети на земјоделските култури и овошните насади, но и штети во урбаните средини (оштетени кровови, канделабри, пластифицирани настрешници, возила и др.).
Штетите ќе се проценуваат дополнително. Од ЕВН информираа дека струјата се исклучува улица по улица и населба по населба.
На бројот 112 во ЦУК има повеќе од 200 пријави на штети на возила, вклучително и скршени ветробрански стакла на возила во движење на автопатот Скопје – Тетово, особено во делот на општина Желино.
