Додека едни ја критикуваат „Јавна соба“, други дури нудат и пари за да станат членови во некоја од групите на Телеграм во кои се шират детска порнографија и експлицитни фотографии од девојки и жени и нивни лични податоци.
„Кој може да ме адне во јавна соба ќе му дадам 20 евра“,
пишува во групата „Популација Балкана“ на Телеграм.
Првата група што се појави лани е во мирување, а новата „Јавна соба“ што се појави подоцна, од неодамна е блокирана поради ширење порнографски содржини.
Но, како што се затвора една, така се отвораат други групи.
„Јавна соба е изгасена, сега сме тука“.
„Не давајте линк на се живо, ќе влезат и тука“.
пишуваат други членови во групата.
Во групите се разменуваат аудио и видео снимки, фотографии, телефонски броеви и место на живеење на жени, девојки и девојчиња. Групата наречена „Популација Балкана“, во која членовите се главно Македонци и Срби, функционира како пазар.
Освен понуда и побарувачка за интимни средби, се шират фотографии од малолетнички и лични податоци од жени и девојки, кои не се ни свесни дека некој ги претставува и нуди како сексуални работнички.
„Тетово има нешто или слабо? Има ли некои слики од професорки добри? Пратете нешто од скопјанките Неки детски порнич?“
се дел од пораките во групата на Телеграм.
Дел од членовите фаќаат сеир со истрагата против овие групи.
„Не може ништо да ни најдат, ни законски ни никако. Јачи смо од судбине“,
коментираат членови во групата „Популација Балкана“ на Телеграм.
Меѓу споделените фотографии се најде и полицискиот портпарол.
„Ние сите тие случаи ги следиме, ги документиреме и сите што ги направиле кривичните дела соодветно ќе одговараат“,
вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Од минатата недела двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години, кои се поврзуваат со ланската „Јавна соба“, се во притвор. Една година од тој случај, тие се единствените, макар и привремено, зад решетки.
Случајно или не, првите притвори за старата „Јавна соба“ се случија откако жртви во новата група се охрабрија да истапат во јавност.
„Мојот глас беше гласот на сите оние девојки кои страдале, трпеле досега или во иднина можеби се уште ќе трпат“,
порача на протестот Ана Колева, една од жртвите во „Јавна соба“
Во знак на нивна поддршка, минатата недела на протестен марш во Скопје излегоа стотици граѓани и активисти. Пред МВР и Јавното обвинителство обвинија дека државата нема волја да ги штити.
„Тука сме, бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полициска станица“,
порачаа демонстрантите.
Маршот беше крик за одбрана на личното достоинство и човековите права.
„Сум била некои такви невкусни ситуации и знам како е и едноставно морав да излезам“.
порачаа дел од демонстрантите на протестот.
„Жените не се посебен ентитет од мажите, тие се луѓе, така што ова е удар врз човештвото, а не врз жената“.
„Не само за тие девојки возрасни или млади, посебно што има внатре и малолетни деца, што се зборуваат многу гадни работи, што не треба никој да ги зборува“,
Маршираа и млади и возрасни, жени и мажи. Голем дел на свој начин искусиле напади и вознемирување. Заедничка им е и недовербата во системот дека ќе ги казни сторилите.
„На интернет имам доживеано таргетирано напатствување кога се појавив на слики со знаме со виножито. Околу еден феминистички настан, се појавија постови. Нели, тоа треба да помине како хумор, ама навистина не е хумор, на крајот на денот не е воопшто хумор, само е уште ден симптом на расипано општество“,
вели Рина Јанкуловска, една од демонстрантите на протестот.
вели Мона Петровска.
„Сум имала закани. „Ќе ја пратам сликата твоја на овој, оној“, не сум ни праќала многу слики, но тоа е лична моја работа не може некој да одлучи за мене да ги прати на некој.. (Чувствуваш ли сигурност да пријавиш во институциите такво нешто?) Да, но не би се потрудила, затоа што безнадежно е малце за жал, можеби треба да се потрудам повеќе да.“
вели Јоана Ристевска.
„Вината се префрла на жртвата, затоа што таа така се сликала напишала итн и пред се за тоа излегувам зашто мислам дека тоа е коренот на цел проблем“,
„Ние како мажи треба да ја искористиме нашата позиција на привилегија и да ги поддржиме жените во оваа борба, бидејќи станува збор за една исклучително насилна ситуација и ако се ставиме во позиција на една малцинска група како што се жените мислам дека бескомпромисно треба да ја дадеме таа наша поддршка,“
вели активистот Ангел Димитриевски.
Освен полицијата, како најслаба алка во системот го посочија обвинителството, бидејќи и по една година нема покренато обвиненија.
Адвокатката Марта Гусар дознала дека е дел од „Јавна група“ откако почнала да добива непристојни понуди.
„Ми беше кажано дека мојот телефонски број е даден за „дискретни средбички“ и доколку е така да дадам услови каде, колку, како и што и тогаш веќе ги поврзав и претходните вибер пораки за да видам дека тука станува збор за злоупотреба на мојот телефонски број за таа намена“,
вели адвокатката и жртва на „Јавна соба“, Марта Гусар.
Како правник кој води случаи поврзани со семејно и родово-базирано насилство, верува дека споделувањето на нејзиниот број е чин на одмазда. Случајот го пријавила неодамна, но искуството и покажува дека постапките одат многу бавно.
„Еве како адвокат не можам да објаснам зошто на државата и треба година дена за да може да изврши истрага и треба да се изврши притисок за да може да се приведат лица. Мора ли секогаш да има притисок? За една година досега можеби ќе беа приведени многу повеќе и воопшто немаше да има повторување на тоа дело“,
вели Гусар.
Од МВР велат дека постапуваат. Завршено е вештачењето на дел од мобилните телефони на четворицата осомничени за новиот случај, а идентификувани се и други членови од групата. Според доказите ќе се квалификуваат и кривичните дела.
„За да документирате една кривична пријава морате да ги поминете сите фази, не може од денеска до утре да ја формирате кривичната пријава бидејќи таа мора да биде поткрепена и кога ќе отиде на суд да биде соодветно пресудено против таа личност, не смееме да си дозволиме ние таков луксуз да отидеме на суд и таа кривична пријава да падне“,
вели портпаролот Ангеловски.
И од Обвинителството не се согласуваат дека постапките тапкаат во место. Портпаролката Елизабета Недановска вели дека изминатата година во 20 наврати издавале наредби до полицијата за обезбедување податоци. Но, тешко доаѓаат до вистинскиот идентитет на „демначите“ поради несоработката од платформата „Телеграм“ и постојната законска регулатива.
„Постапката и постапувањето во ваков тип на кривични дела е на некој начин и отежнато од причина што правните и физичките лица кои се во странство потпаѓаат под друга надлежност, Јавното обвинителство во тој дел нема законска надлежност во смила да бара укинување, забрана, директно да ги прибира доказите итн. Целиот овој процес оди преку меѓународна правна помош и сето ова бара определен период за постапувањето да биде приведено при крај, во смисла да се прејде кон истражна постапка“,
вели Елизабета Недановска – портпаролка на ЈОРСМ.
Креаторите на првата „Јавна соба“ се сомничат за производство и дистрибуција на детска порнографијa – дело што се казнува со најмалку 8 години затвор.
Кога жртвите се над 18 години, Кривичниот законик предвидува помали казни. Поголем проблем е што нема одредби за вознемирувањето кое го трпат жртвите во групите како „Јавна соба“.
„Ќе се преземат сите дејствија да се утврди кој сторил и какво кривично дело, дали е злоупотреба на лични податоци, дали можеби станува збор за некоја уцена преку интернет комуникација, дали можеби станува збор за неовластено снимање итн. Ова сега е се претпоставка која, обвинителството ќе треба во законска постапка во предистрага, а натаму и во истрага, да ја поткрепи со материјални и вербални докази. Што ќе произлезе од постапувањето на обвинителството јавноста секако ќе биде информирана, во секој случај секој што сторил кривично дело ќе биде гонет од страна обвинителствата и ќе одговара за делата кои што ги сторил“,
вели Недановска.
Дека недореченоста на законите е проблем знаат и во Министерството за правда. За поефикасна заштита на жртвите, во тек е подготовка на два нови члена во Кривичниот законик – „Демнење“ и „Полово вознемирување“.
„Ние до Влада ќе го испратиме брзо, понатаму е на Собранието, такашто јас очекувам дека во наредните месец два би требало да биде веќе донесен. Особено затоа што ова е закон за кој не очекувам да има класични партиски или политички поделби кои ги има во Собранието,“
вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Но, додава Маричиќ, не им треба менување само на законите. Потребна е промена и во менталитетот во институциите кога се во прашање вакви дела.
„Дека нема доволна сензитивност нема, меѓутоа дека ништо не се прави и тоа не е точно, има случаи каде што се постапува, или случаи кадешто службеници имаат изгубено работа за нестручно постапување, но има уште многу да работиме“,
вели Маричиќ.
Дали министерот ќе го одржи зборот и дали истражните органи ќе ги гонат демначите, будно ќе следи и невладиниот сектор.
„Веќе сме вклучени и сме дел од работната група, такашто ќе се залагаме сите стандарди коишто се предвидени со Истанбулската конвенција да бидат преточени во нашето законодавство, секако потоа ќе ја следиме и нивната имплементација за да не остане тоа само на хартија“,
вели Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Некој треба да сноси одговорност, се додека нема одговорност ќе имаме „Јавни соби““,
вели Драги Змијанац од детската амбасада „Меѓаши“
Додека жртвите да дочекаат правда, некои психолози им понудија бесплатна поддршка.
„Доколку не можат директно да ни се обратат нам на стручните лица, тогаш во таа личност каде што најмногу имаат доверба, дали е тоа родител, другарка, да кажат па и тој може да алармира и да ја насочи каде да побара помош, затоа што со ваков терор и животен молк не се живее“,
вели Розалија Секулоска – психолог.
Психологот Розалија Секулоска, која работи со дел од жртвите од „Јавна соба“, потенцира дека сексуалното вознемирување остава длабоки трауми за жртвите, особено што откако ќе проговорат јавно, се изложени на „линч“ дека самите се виновни и дека ги испровоцирале демначите.
„Ни треба помош и од другите општествени инстанции за да го намалиме ова што се случува и соодветно да им помогнеме на жртвите, да не се чувствуваат понатаму и жртви на општеството, дека навистина се неразбрани, нечуени, па дури и извадени од контекст и омаловажувани“,
вели Секулоска.
Граѓаните на протестот оставија транспаренти пред обвинителството за да не се заборави дека „држава што не казнува е држава што силува.