Судот, повикувајќи се на предметот „Мамудовски против Република Македонија“ од 2009 година, кога исто така преку одлука ја отфрлил жалбата на г. Мамудовски како недопуштена поради неисцрпување на домашните правни лекови, го поучил дека ефективен правен лек во кривичните постапки е вонредното преиспитување на правосилните пресуди. Со таа одлука, ЕСЧП упатил порака кон бранителите во државата и кон судовите дека тоа е правен лек што е важнo да биде исцрпен пред да се покрене постапка пред Судот во Стразбур, вели судијката Лазарова-Трајковска
На апликантите не им е затворена портата во Стразбур, туку е оставен простор да се искористат националните правни лекови, вели Мирјана Лазарова-Трајковска, актуелна судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во врска со вчерашната одлука од Стразбур. Во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, таа посочи дека се неосновани критиките кон Судот дека не ја почитувал сопствената пракса.
„Судот во Стразбур тргнал прво од тоа дали се благовремени жалбите – благовремени се, дали има основаност и, очигледно, со прашањата кои се испратени до учесниците во постапката, прифатил дека има основа да се расправа, меѓутоа кога доаѓа до исцрпувањето на правните лекови, тој констатира дека во други предмети, во постапки против Македонија, прифатил дека постојат ефективни правни лекови што жалителите требало трпеливо да ги искористат пред да ја поднесат жалбата“,
вели Лазарова-Трајковска.

Судот, додава Лазарова-Трајковска, повикувајќи се на претходен случај, ги поучува осумтемина обвинети и осудени во предметите на поранешното СЈО дека има правен лек пред Врховниот суд што не го искористиле за случаите во кои има правосилна пресуда.
„Судот, повикувајќи се на предметот ‘Мамудовски против Република Македонија’ од 2009 година, кога исто така преку одлука ја отфрлил жалбата на г. Мамудовски како недопуштена поради неисцрпување на домашните правни лекови, го поучил дека ефективен правен лек во кривичните постапки е вонредното преиспитување на правосилните пресуди. Со таа одлука, ЕСЧП упатил порака кон бранителите во државата и кон судовите дека тоа е правен лек што е важно да биде исцрпен пред да се покрене постапка пред Судот во Стразбур“,
објаснува Лазарова-Трајковска.

Лазарова-Трајковска вели дека станува збор за ефективен правен лек затоа што тоа е последна правна можност на обвинетиот, кој има право во рок од 30 дена од приемот на последната пресуда со која станала правосилна осудителната пресуда, да поднесе барање пред Врховниот суд.
„Следниот вонреден правен лек на којшто алудира Судот во Стразбур во оваа постапка, меѓутоа за кој не вели дека е ефективен правен лек туку го спомнува како правна процедура и во одлуката на Мамудовски кажува зошто е тоа така, е барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) кое го покренува јавниот обвинител. За овој правен лек Судот во повеќе одлуки за недопуштеност се произнел дека не може да го смета за ефективен, иако тој може да предизвика одредени последици по постапката, затоа што е во рацете на јавниот обвинител како дискреционо право“,
вели судијката Лазарова-Трајковска.

На прашањето дали требало да се водат посебни постапки само за помилувањето или тоа прашање требало да биде дел од аспектите на кои приговара одбраната во рамки на предметите што се веќе во судска постапка, Лазарова-Трајковска вели дека Судот во Стразбур упатува на искористување на сите правни лекови пред домашните судови во рамки на предметите кои веќе се во процедура, а не посебно.
Во интервјуто, Лазарова-Трајковска зборува и за забелешките дека на Судот во Стразбур му требаа пет години за да донесе одлука за недозволеност на апликациите.